Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРОЛЕТНИ АЛЕРГИИ

април 1, 2018

Избегнувајте контакт со поленВо април алергиските реакции може да бидат предизвикани од јоргован, тегавец и трева, но и од листопадните дрвја – брест, јасен, топола, врба, платан, бреза, орев, даб, како и од зимзелените стебла на бор, смрека, ела и тиса, па престојот во парк, во шума и  ливада е ризичен за лицата склони на пролетни, поленски алергии

д-р Ивана Беговиќ-Лазаревиќ

спец. по епидемиологија

Будењето на природата во пролет, листањето и цветањето на билките за чувствителните лица претставува извор на алергиски тегоби. Најчесто се работи за поленска алергија, за која најдобра терапија е комбинација на превентива и лекови кои ќе ги одреди лекар. Проблемите во текот на сезоната на цветање најефикасно се ублажуваат со избегнување контакт со полен во периодот кога неговата концентрација во воздухот е најголема, а тоа е доцна попладне и навечер. Меѓутоа, лицето кое страда од еден вид алергија е предиспонирано да има алергиски реакции на повеќе алергени. Така, на пример, околу 20 до 40 насто од пациентите со алергиски ринитис имаат бронхијална астма, додека дури 70-90 насто од болните со астма имаат алергиски ринитис.

Алергиите се проблем кој се јавува кај 30 насто од луѓето во развиените земји и се во постојан пораст. Се манифестираат со неправилен (хиперактивен) одговор на имунолошкиот систем на материите кои нè опкружуваат, а кои сами по себе не се штетни. Таквите материи се нарекуваат алергени. Организмот склон на алергиска реакција создава антитела, имуноглобулини од IgE класа, кои при повторна средба со алергенот со помош на соодветни клетки доведуваат до ослободување на хемиски супстанции (хистамин и друго), кои, од своја страна, се одговорни за појава на алергиски манифестации.

 

ВИДОВИ АЛЕРГЕНИ: Алергените може да бидат нутритивни, инхалациони и контактни, во зависност од начинот на кој стигнале во нашиот организам.

Нутритивните алергени влегуваат во организмот преку исхрана (јајца, млеко, јагоди, кикиритки, ореви, риба, морски плодови, чоколадо, адитиви и конзерванси). Алергиските реакции се печење и оток на усните, на очните капаци, јазикот, грлото, непцата, болки во стомакот, мачнина, повраќање, пролив, како и промени на кожата (уртикарија).

Инхалационите или респираторните алергени може да бидат од домашната средина (прашина, грини, мувла, животински влакна) или од надворешното опкружување (полен, трева, дрвја и коров). Симптомите може да бидат чешање во носот и засилена воденикава секреција, кивање, отежнато дишење низ нос, јадеж, печење, солзење и црвенило на очите (конјунктивитис), пореметен сон, замор.

Контактните алергени најчесто се латекс, неблагородни метали, сапуни, парфеми, детергенти, омекнувачи и локално применети медикаменти, кои доведуваат до контактен дерматитис (црвенило, јадеж на кожата, исип, меури). Постојат и алергии на каснувања од инсекти (оса, стршен) и на лекови (пеницилин и сродни антибиотици, ацетилсалицилна киселина, анестетици). Алергиската реакција може да биде општа (реакција на целиот организам) или локална (еден орган или систем на органи). Во поглед на интензитетот, може да биде не многу силна но и многу интензивна и сериозна, па понекогаш да заврши и со смртен исход (анафилактички шок).

На појавата на алергии, освен надворешните фактори, значително влијание имаат и наследните (алергиите кај родителите, браќата и сестрите). На склоноста на алергија може да влијаат и доењето, нивото на витамин Д, користење антибиотици, пробиотици, контакт со животни, аерозагадување, чадот од цигарите и др.

ТЕРАПИЈА: Основен принцип во лекувањето на алергии е да се открие кој алерген предизвикува пречки и тој, доколку е можно, да се отстрани. На пример, во случај на сезонски ринитис треба да се избегнува престој на отворено тогаш кога концентрацијата на полен во воздухот е посебно голема – во текот на топли ветровити денови, после дожд, во вечерните часови во текот на пролет и лето, а во утринските часови кон крајот на лето и почеток на есен, кога има најмногу полен од амброзија.

Препорака е прозорците од домот или автомобилот да бидат затворени во време кога концентрацијата на полен е голема. Се советува и носење очила заради заштита на очите, како и туширање, миење коса и пресоблекување на гардеробата после престој на отворено. На алергичните лица им се препорачува испраната облека да ја сушат во затворен простор.

МЕДИКАМЕНТИ: Во отстранување на симптоми од алергискиот ринитис се користат перорални неседирачки и интраназални антихистаминици, како и интраназални кортикостероиди. Пероралните неседирачки антихистаминици ефикасно отстрануваат кивавица, чешање во носот и ја намалуваат носната секреција, додека интраназалните антихистаминици се поделотворни во отстранување носна опструкција.

Препорака е да се почне со медикаментозна терапија две недели пред очекуваниот почеток на тегобите. Постепено внесување мали дози алергени, или имунотерапии (на база хипосензибилизација на организмот), многу е ефикасно во третманот со алергии и на подолго време може да ги отстранат тегобите.

 

Алергиски ринитис

Една од најчестите алергии е алергиски ринитис, кој се јавува како сезонски (интермитентен) ринитис и целогодишен (перзистентен) ринитис, иако не е ретка ни комбинацијата од двата облика.

Главно станува збор за реакција на полен од трева, дрвја и корови. Во раната фаза присутна е кивавица, чешање во носот и зголемена воденеста секреција, а во доцната фаза отежнато е дишењето на нос и, понекогаш, ослабено сетило за мирис. Повеќе од 40% од болните имаат и чешање, печење, солзење и црвенило на очите. Дијагноза за алергиски ринитис се поставува врз основа на клиничката слика, прегледи, алерголошки кожни проби на инхалациони алергени и одредување вкупни и специфични антитела во серум.

Наследен фактор

Околу 30% од децата на кои едниот родител е склон кон алергии исто така ќе имаат некој вид алергија, додека 70% од децата ќе развијат алергија доколку двата родитела страдаат од оваа болест. Алергиите почесто се јавуваат кај деца (посебно на нутритивни алергени и лекови), а со растењето може и да исчезнат.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>