Како да му се помогне на детето да воспостави контрола Одлуката за начинот на лекување на енуреза препуштете му ја на лекарот, на детето пружете му поддршка, а вие наоружајте се со трпение – формула со која полесно ќе го надминете секој, па и овој проблем во растењето на своето дете
д-р Радмила Косиќ, педијатар
Воспоставување контрола врз мокрењето е развоен процес кој е условен со телесни, неврогени, хормонски и психосоцијални фактори. Кај доенчето мокрењето почнува рефлексно кога мочниот меур ќе се наполни до максимален капацитет. Во текот на првите години од животот полека се зголемува количината на урината која може да се собере во мочниот меур, со истовремено созревање на нервниот систем кој нè „известува“ за неговата исполнетост. Се развива свест за волево одложување на мокрењето преку ден, додека за целосно изостанување на ноќно мокрење е потребна зрелост на хормонскиот статус од деловите од мозокот кои лачат хормони одговорни за концентрирање на урината во текот на ноќта. Оштетување на кој било елемент на оваа сложена анатомска и функционална целина доведува до пореметување во мокрењето.
Мочниот меур во текот на денот и ноќта постепено се полни со моч која се создава во бубрезите. Тој потсетува на растеглива вреќа: кога ќе се наполни, почнува да се собира и праќа сигнали до мозокот дека е време за празнење. Започнува синхронизиран процес на собирање на мочниот меур и опуштање на мускулите во карличното дно за мочниот меур целосно да се испразни. Свеста за состојбата на пренаполнетост, волевото одложување до друштвено прифатлива ситуација и свесното започнување на празнењето изгледаат како спонтан процес кај оние кои немаат проблем. Детето кај кое овој процес не е воспоставен неволно испушта урина – со тоа обично ги доведува до очај родителите кои стануваат неколку пати во текот на ноќта и задолжително носат резервна облека каде и да тргнат со него.
ЕНУРЕЗА е повторувачко неволно мокрење во текот на денот или ноќта, во кревет или во облека, во време кога се очекува детето да биде „суво“. За енуреза се зборува кога детето е постаро од 5 години, не земајќи ги предвид привремените случајни „незгоди“ во ситуации на стрес, промена на средината, креветот, потешки болести, прием во болница. Неволното мокрење е почесто кај момчињата, ноќната енуреза е почеста од дневната, а со разговор обично се добива податок дека некој од блиските роднини имал ист проблем во раното детство. Разликуваме примарна енуреза, кај која детето никогаш не воспоставило контрола на дневното и/или ноќното мокрење, и секундарна, која се јавува откако порано веќе била воспоставена волева контрола. Емоционалните фактори имаат пресудно влијание кај секундарната енуреза. Кое било доживување кое детето го чувствува како емоционален удар или оптоварување – губење на сакана личност, раѓање на помлад брат или сестра, промена на училиштето, развод на родителите, може да влијае на појава на енуреза.
ПРИЧИНИТЕЛИТЕ кои можат поединечно или здружено да го вознемируваат детето во воспоставување на саканата контрола можат да бидат различни. Телото природно произведува вазопресин – хормон кој на ниво на бубрезите го контролира ноќното намалување на количината на урината. Доколку го нема доволно, бубрезите ќе работат на ниво кое брзо го полни мочниот меур и тој спонтано ќе се празни кога веќе нема да може да „издржи“. Кај некои деца постои висок надразнувачки степен за будење, па сигналите од мочниот меур во текот на спиењето ќе бидат недоволно силни да ги пробудат. Многу мал број на деца имаат органска причина за енуреза – повторување на уринарна инфекција, тешкотии при мокрење, болки во стомакот, дијабетес. Доколку детето никогаш не воспоставило контрола над дневното или ноќното мокрење малку е веројатно дека се работи за болест. Доколку детето кое неколку месеци или години било суво почне да се намокрува, веројатно постои причина која треба да се лекува после дијагностицирање на основната болест.
ПРИМАРНАТА ЕНУРЕЗА е многу почест проблем отколку што обично се мисли. Спротивно на вообичаеното сфаќање, ова неволно мокрење не е психолошки проблем. На возраст до петта година секое петто дете мокри во кревет до два пати неделно, а секој учител има во своето одделение барем едно дете кое нема да отиде на излет или рекреативен престој со група поради несакано мокрење. Децата порано воспоставуваат дневна контрола – под будно око на родителите и во близина на тоалетот тешко дека ќе му се повторуваат „незгоди“. Затоа најчесто се сретнуваме со проблем на примарна ноќна енуреза – детето никогаш не престанало да мокри ноќе, преку ден нема проблем, и не постојат здружени симптоми кои би укажале на некоја болест или пореметување.
Која и да е причината за неволно ноќно мокрење кај дете постаро од 5 години (со или без дневни или некои други тегоби), не дозволувајте вашето семејство да трпи. Педијатарот не знае дека детето има проблем додека тоа сами не го кажете, детето неволно мокри (и не може свесно да „престане“), вие станувате нервозни и ненаспани очекувајќи проблемот спонтано да се реши. Разговарајте со лекарот кој го познава детето и кој ќе ви помогне да го решите проблемот.
Доколку сте загрижени за телесното здравје или губењето самодоверба кои ги забележувате кај детето, посетата на педијатар се подразбира. Како и кај болестите, неволното мокрење не е вина на никој од семејството, но може да остави последици по развојот на детето – самопочитувањето е подеднакво важно! Разговор со стручњак ќе ви даде нов пристап кон проблемот. Лекар ќе одлучи за каква енуреза станува збор и ќе предложи испитувања кои ќе ја потврдат дијагнозата. Обично испитувањата започнуваат со разговор со цел, преглед на урината, уринокултура, ултразвучен преглед на системот за мокрење. Доколку се утврди дека детето е здраво, може да се вклучат лекови кои го имитираат дејството на природниот вазопресин, кои се безбедни и можат да се добијат на рецепт. Одлуката за начинот на лекување препуштете му ја на лекарот, на детето пружете му поддршка, себеси наоружајте се со трпение – формула со која полесно ќе го надминете секој проблем во растењето на своето дете.
Како да помогне родителот
Обидете се да ги промените навиките на детето со земање големи количини течност во втората половина од денот. Ограничете го вечерното пиење обична вода, не оставајте напитоци на дофат на рацете во текот на ноќта. Водете сметка детето редовно да ги празни цревата – запекот го надразнува мочниот меур и прави неволното мокрење да се влоши. Наградете ги постапките над кои детето има контрола (одење во тоалет пред спиење, број на чаши со течност пред спиење, откажување од млеко во текот на ноќта...). Не се обидувајте да го мотивирате со награда за „сува ноќ“ – детето нема контрола над ноќното мокрење.
Некои од овие предлози можат да помогнат – доволно е семејството да ги почитува за детето да усвои здрави навики (сок пред спиење е виновник за расипување на забите колку и за мокар кревет). Некои деца со време ќе воспостават контрола над ноќното мокрење без интервенции од лекар.