Ивана Коцевска
Април, најубавиот пролетен месец, е како создаден за посета на Битола, градот во плодната рамнина Пелагонија, градот на конзулите, градот под Тумбе кафе, градот на Манаки. Вториот по големина град во Македонија изобилува со историја и културно-историски споменици, прекрасни стари градби. За многумина Битола е најубавиот и најградскиот град во Македонија. За Битола се испеани и најубавите македонски песни
Во југозападна Македонија, околу 14 км северно од границата со Грција, се наоѓа Битола, простран и древен град на југот на големата плодна рамнина Пелагонија. Има исклучително добра положба и е традиционално важна трговско-патничка врска помеѓу Јадранското и Егејското Море, како и една од најзначајните патнички врски на Балканот со Централна Европа. Низ Битола тече реката Драгор.
Интересно е потеклото на името на градот. Имено, зборот Битола потекнува од старословенскиот збор „обител“, кој означувал збир на манастири, збир на свештеници, заедница на монаци. Битола отсекогаш бил град со многу манастири, па од тука е и грчкиот назив за овој град – Монастири.
Според Марко Цепенков, Битола го „должи“ своето име на големопоседникот Тољо, кој имал тврдина во непосредна близина на Битола. Кога Турците се приближувале кон тврдината и градот го повикувале Тољо на битка со зборовите „Би Тољо“, од каде и потекнува сегашното Битола.
Битола има интересен развој низ вековите. Сè до доселувањето на Словените во Пелагонија, јужно од Битола се наоѓал античкиот град Хераклеја Линкестис. Сегашниот град го основале Словените и за прв пат со името Битола се споменува во 1014 година. За време на владеењето на Цар Самоил бил седиште на епископија. Во 13 и 14 век станал значаен трговски центар во Пелагонија. Кон крајот на 14 век градот го зазеле Турците, кога бил значаен трговски и административен центар, седиште на турски санџак, со развиена трговија на волна, пченица, восок и кожа. Во тоа време градот се викал Манастир, што Турците и Албанците го усвоиле од Грците. Во Битола се наоѓале конзуларните претставништва на европските земји во времето на Отоманската Империја, кога заедно со Солун бил најважно место во европскиот дел на Империјата. Оттаму и името град на конзулите. Таткото на турската нација, Кемал Ататурк, завршил офицерска школа во Битола. Некои негови работи денес се чуваат во Народниот музеј.
Најпозната и најфреквентна улица-шеталиште во Битола е Широк сокак, место кое секој гостин мора да го посети. Позната и како „битолското корзо“. Во почетокот била наменета за автомобили, но денес е исклучиво пешачка улица и вистинското срце на градот. На Широк сокак се наоѓаат најголемите продавници, ресторани, театарот со опера, галерии, многу кафулиња, а во срцето на Широк сокак е Католичката црква. Тука се сретнуваат најстарите архитектонски дела и градби на Балканот, куќи на два ката, наредени една до друга, со фасади во различни бои кои го красат градот уште од турско време. Широк сокак започнува од плоштадот Магнолија, завршува со простран парк полн со дрвореди, кој води до зоолошката градина и античкото наоѓалиште Хераклеја Линкестис.
Хераклеја Линкестис
Секако, кога веќе сте во Битола треба да ја посетите Хераклеја. Се наоѓа на оддалеченост од 2,5 км од центарот на Битола. Тоа е древен град од римскиот период, сместен во подножјето на Баба Планина, на карванскиот пат Виа Игнација, во плодната Пелагонија, која овозможувала просперитет на градот. Хераклеја станала една од најважните станици на овој трговски пат, за да ја освојат Римјаните два века подоцна. Од 4 до 6 век од н.е. Хераклеја била епископско седиште. Хераклеја е основана е од македонскиот крал Филип II, во средината на IV век пр.н.е. Градот бил развиен воено-стратешки центар на северозападната граница на тогашната македонска област Линкестида.
Првите истражувања направени пред Првата светска војна покажале непроценливи културно-историски вредности и значење на овој антички град ‒ прекрасни римски терми, епископска црква, голема трибродна базилика со крстилница, прекрасна статуа на Херкул, ковани пари на бројни владетели, меѓу кои и Александар Велики, еврејски храм, римски театар, сите со фантастични подни мозаици. Мозаиците во Хераклеја спаѓаат меѓу најдобро сочуваните и по уметничка вредност најдрагоцени дела на античкиот период. Многу од археолошките наоди и делови на Хераклеја се во одлична состојба и денес тука се одржуваат летни концерти и театарски претстави.
Битола е богата со културни и историски споменици кои сведочат за значајната културна и духовна активност.
Црквата Свети Димитрија е сведоштво за досетливоста и мудроста на нашиот народ. Во пространиот двор доминира камбанаријата изградена стотина години подоцна од оваа катедрална црква. А самата црква е масивна, но едноставна изградена од камен, со посебно одобрение во 1830 година на местото на некогашниот стар параклис кој изгорел во пожар. Но и покрај сите желби да биде висока велелепна градба според турските закони не смеела да биде повисока. Па за да се испочитува законот, а притоа да се постигне саканата цел вкопана е во земја. Се градела четири месеци од доброволни прилози од граѓаните и многубројните еснафи.
Спуштајќи се по скалите 1 метар надолу, пред вас се отвора огромна просторија. Има по 2 реда на масивни столбови, по шест од двете страни, кои ја делат црквата на три брода од кои централниот е најголем. Централниот брод е засводен, а неговите краеви се потпираат на двата реда столбови. Спратните галерии даваат посебна убавина. Tрите олтари се високи и величествени. Централниот е посветен на св. Димитрија, јужниот на Благовести и северниот на св. Никола. Целиот иконостас е изработен во позлатена резба од вештите раце на засега непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори.
За многумина симболот на градот е Саат-кулата, која се наоѓа во паркот во центарот на градот. Според легендата, кулата ја изградиле Турците кои поминале по сите околни села и собрале околу 60.000 јајца од кои направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови се и денес неоштетени. Не се знае точно кога е изградена. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата Св. Димитрија, поточно во 1830 година.
Кулата има основа во облик на квадрат и е висока околу 30 метри. Саатот се наоѓа на најгорното од трите нивоа. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради. Од сите страни на терасите се наоѓаат конструкции кои држат светилки со помош на кои целата кула и нејзиниот саат се видливи и ноќе.
Еден од најатрактивните споменици на Исламската архитектура во Битола е Ајдар-кади џамијата (турски суд). Градена е во периодот 1561-1562 година, како проект на славниот архитект Мимар Синан. Џамијата ја нарачал битолскиот кадија Ајдар-кади по кој го добила името. Но, вековите оставиле трага на градбата, џамијата е оштетена
Јени џамија ја градел Кади Махмуд ефендија во 1558 година. Се наоѓа во центарот на Битола, од десната страна на Драгор спроти Градската саат кула, но битолчани отсекогаш ја нарекувале Јени (нова) џамија. Изградена е врз христијанската црква посветена на свети Ѓоргија, на местото наречено Пекмез пазар, во состав на Старата чаршија. Јени џамија е еднопросторна поткуполна градба со квадратна основа, засводена со купола висока 19 метри и минаре од 34 метри. Внатрешноста на објектот изобилува со извонредна декорација. Јени џамијата во 1958 година е прогласена за споменик на културата и се користи како уметничка галерија, во која се одржуваат постојани и повремени изложби, од современата уметност, а галеријата врши и откуп, обработка, чување и заштита на културното богатство од современата уметност.
Исак џамија е наследство на познатиот кадија Исак Челеби. Во нејзиниот голем двор има неколку гробови, привлечни поради фините облици на саркофазите.
Сегашниот безистен не се разликува многу од изгледот на безистенот кој постоел и е споменат во еден опис на градот од XVI и XVII век. Безистенот има 86 продавници и 4 големи железни порти. Во продавниците порано се продавал текстил, а денес прехранбени производи.
Офицерски дом
Поранешниот Офицерски дом или Дом на АРМ во Битола, кој плени со своите исклучителни архитектонски и естетски вредности, се наоѓа на крајот на Широк сокак. Започнал да го гради Абдул Керим паша во 1911 година, а бил довршен во 1919 година. За време на Првата светска војна претрпел сериозни оштетувања.
Композициски, објектот е замислен како синтеза на палата и тврдина. Објектот е редок пример на архитектура кој носи и печат на оригиналност и неповторливост.
Посетете ја Битола, уживајте во градбите на Широк сокак и останатите споменици, ќе ви останат во сеќавање.