Фармацевти
Контакт

<< Назад

МЕЧКИН ЛУК

април 1, 2018

Го чисти организмот и ги јакне крвните садовиAllium ursinum L. -  мечкин лук

(фамилија лукови – Alliaceae)

проф. д-р Радиша Јанчиќ

Мечкиниот лук е повеќегодишна билка, висока помеѓу 20 и 50 см, со долгнавеста, тесна луковица. Стеблото е исправено, тристрано и само при основата има два листа со елипсовидна лиска нагло стесната во долга дршка. Цутовите се нежни, топчести. Листовите кои ги потпираат и обвиткуваат цутовите се дволисни и рано паѓаат. Цветовите се бели, на долги дршки. Цвета од април до јули. Расте во важни, листопадни шуми. Се јавува во групи, особено на хумусна земја, на влажни места во сенка.

Од мечкиниот лук се користат младите листови и луковицата. Листовите се берат во рана пролет, а луковиците се вадат во есен. Листовите не треба да се берат кога билката ќе почне да цвета.

Билката мечкин лук е благотворна за намалување на високиот крвен притисок и холестеролот. Овој „див лук“ влијае и на подмладување на крвните садови и нивната еластичност. Може да се користи и кај цревни инфекции и желудочно-цревни болести. Се применува и кај пречки во варењето на храната и во случаи на губење на апетитот. Во народната медицина се смета за пролетен „чистач на крвта, жолчката и црниот дроб“, пред сè, од токсини кои во текот на зимата се насобрале во организмот.

Листовите од мечкин лук обично се прва пролетна салата, а многу се корисни  и како додатоци на супи, чорби, варива и сосови. Богати се со минерали, витамин Ц и каротин. По својот состав луковиците се значително посиромашни од листовите. Карактеристичниот лут вкус, како и на другите видови лук, потекнува од присуството на сулфурни гликозиди, кои под влијание на вода се разложуваат на шеќери и етерични масла со лут, пикантен вкус и мирис.

Со дестилација со помош на водена пареа од здробени и претходно мацерирани луковици (Bulbus Allii ursi) се добива етерично масло, кое се употребува исто како и етеричното масло од лук.

ВАЖНА НАПОМЕНА: При собирање мечкин лук треба многу да се води сметка за самоникнатите видови кои може лесно да се помешаат со него, а кои се многу отровни. Најчесто отровни видови со кои може да се помеша се момината солза (Convallaria majalis) и мразовец (Colchicum autumnale). Поради труење со билката мразовец се забележани дури и смртни случаи, како и клинички состојби, кај луѓе кои ја јаделе оваа билка мислејќи дека се работи за мечкин лук.

Тинктура од луковици

Тинктура од луковици од мечкин лук, која во народната медицина се користи против затнување на крвните садови и висок притисок, се подготвува така што ќе се исчистат и згмечат 250 г луковица, ќе се прелијат со медицински алкохол  и се чува во темен стаклен сад на собна температура.

Содржината треба одвреме-навреме да се помеша со чисто дрвено стапче. По две недели смешата треба да се процени низ газа, а тинктурата во затворен стаклен сад да се чува во фриждер. Се консумира едно лажиче (десетина капки) наутро и навечер.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>