Фармацевти
Контакт

<< Назад

РОДИТЕЛИ И АДОЛЕСЦЕНТИ

мај 1, 2018

Замки во односот кои е можно да се надминат

Aвтор: Марина Брашиќ, специјален педагог и ОЛИ интегративен психодинамиски психотерапевт

Адолесценцијата е фаза на растење и созревање на детето која се карактеризира со многу промени, како за самиот адолесцент, така и за неговото опкружување. За детето да стане возрасна личност, самостојна и одговорна индивидуа, мора да помине низ многу промени (телесни, емоционални, сексуални, психосоцијални и когнитивни) и мора на најдобар можен начин да ги интегрира во својот идентитет.

Во текот на промените кои се случуваат во самиот адолесцент, доаѓа и до промени во односот со родителите, врсниците и авторитетите. Во интеракција со лицата кои ги опкружуваат тие ги преиспитуваат своите вештини, го откриваат емоционалниот свет, ги утврдуваат своите вредносни системи и градат уверувања за себе и за светот кој ги опкружува. Иако родителите знаат дека ова е период на спротивставувања, тврдоглавост и „непослушност“ на детето, тие често се збунети и несигурни во врска со односот кој го имаат и го градат со адолесцентот. Родителите се затекнати од отпорот кој адолесцентот го пружа во комуникацијата и почитувањето на обврските, како и изненадувачката потреба за припаѓање на некоја група врсници.

Зошто е тоа така?

Периодот на адолесценција е многу важен. Главна задача од оваа фаза на развој е осамостојување на детето, психолошко одвојување од родителите, но и истражување на сопствените способности и својот идентитет. Нивната доминантна потреба е да се одвојат од детскиот свет и да влезат во светот на возрасните. Тој пат од напуштање на детството и влегување во светот на возрасните е следен со бурен внатрешен (психолошки) живот. Адолесцентите постојано се во потрага по одговорите на прашањата кои се тие, што можат сами, што сакаат да работат, што чувствуваат, како се стекнуваат и задржуваат пријателите, дали се прифатени или отфрлени, и со уште многу важни теми кои директно го одредуваат нивното однесување. Бираат однесувања кои ќе ги доведат до одговорите на овие прашања. Затоа можеме да видиме адолесценти како постојано се гледаат во огледало, го запознаваат своето тело и му наоѓаат неверојатни замерки, покажуваат ривалство со врсниците, се спротивставуваат на авторитетите и често го менуваат своето расположение и однесување. Се истражуваат себеси и се обидуваат да го пронајдат најдобриот модел за светот на возрасните.

Несклад на мислите и чувствата

Иако ова е период на когнитивен развој (развој на мислење), често адолесцентите прават работи кои се во спротивност со она на кој начин зборуваат, или, подобро кажано, не се одраз на развиено мислење. Ни изгледаат како возрасни лица во некои ситуации, зборуваат како возрасни, искажуваат ставови како возрасни, можете да ги прашате за нивно мислење, а потоа ќе се изненадите кога во некој момент ќе направат некои незрели и непромислени работи. Родителите обично изненадено велат: „Ми изгледаше како зрел, а потоа реагира како дете во некои ситуации! Во што е проблемот?“. Причината за ваквите промени или „испади“ лежи во нивниот емоционален развој. Мислењето и емоционалниот развој не одат со истото темпо и не се потполно усогласени во периодот на адолесценција. Иако однадвор изгледаат многу сигурно и самоуверено, одвнатре се многу несигурни и нежни. Потребни им се многу потврди и поддршка од родителите за да научат да ги сакаат „новите“ себе и другите.

Најчести проблеми со родителите

Комуникацијата е секако прва на листата проблеми кои овој период ги носи. Поради сè уште неизградените вештини на контролирање на емоциите, а и одложување на своите потреби, адолесцентите често влегуваат во конфликти и импулсивно реагираат. Животот на еден адолесцент е исполнет со потреба за истражување и докажување, со желби потребите да се задоволат „веднаш и сега“, и тоа без многу вложувања и одложувања. Затоа често не ги почитуваат правилата поврзани со учењето (не можат јасно да ја согледаат ситуацијата и причините поради кои е подобро да се одложи потребата за дружење заради учење), советите од родителите да не се изложуваат на ризик (поради нејасно гледање на ситуацијата му се чини дека на тој начин полесно ќе ја задоволи потребата, наместо да ја одложи) и секако, постојано влегуваат во расправа со родителите во која бурно, и понекогаш агресивно реагираат. Од друга страна, родителите сакаат да ги заштитат и да им помогнат затоа што знаат дека некои однесувања можат да донесат долгорочни негативни последици кои адолесцентот не ги гледа.

Посветеност и комуникација како клуч

Главна цел на родителите на адолесцентите е да ги „сочуваат“ од сите опасни начини на истражување на себеси и да си го одржат добриот однос со нив. Меѓутоа, многу е важно родителите да знаат дека децата, а посебно адолесцентите, учат од примери. Затоа е важно родителите да бидат најдобар пример на своето дете како се реагира во одредени ситуации. Исто така, односот помеѓу родителите, нивната посветеност на адолесцентот и поддршката која ја пружаат, можат битно да влијаат на однесувањето на адолесцентите. Не треба да се заборави дека адолесцентите се истражуваат себеси и дека се многу несигурни, поради што е многу важно која порака во односот со родителите ја добиваат. Како и во секој однос, добрата комуникација е важна, а со адолесцентите посебно. Комуникацијата со адолесцентите знае да биде многу сложена, посебно во ситуации кога постои проблем, а адолесцентите не сакаат да соработуваат. Тие можат да провоцираат конфликти, а можат и да го држат проблемот во тајност и да не зборуваат за него. Во такви ситуации, на родителите им се потребни посебни емоционални и комуникациски вештини за ова да го разрешат без продлабочување на проблемот и нарушување на односот со детето. Во комуникацијата со адолесцентите родителите би требало, пред сè, активно да го слушаат она што детето им го зборува. Тоа би значело да не ги прекинуваат додека зборуваат, да го уважуваат нивното мислење и да го изразат своето после тоа доколку не се согласуваат, да ја поттикнуваат нивната креативност во решавање на проблемите, да не ги наметнуваат своите ставови и одмерено да ги поставуваат границите. Основа на добрата комуникација со адолесцентот е уважување на неговата несигурна личност, за со вербална и невербална поддршка од родителите да стане самоуверена личност сигурна во себе.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>