Стимулација на психомоторниот развој
Aвтор: д-р Радмила Косиќ, педијатар
Секое дете има свој ритам на развојот на моторните и менталните вештини. Некои способности се наследуваат, а некои се учат преку безброј неуспешни обиди. Во секој случај, улогата на родителот е од голема важност за правилниот развој. Не е потребно да се планираат „часови“ за учење, одење или зборување, туку во секојдневната грижа за детето употребете ги сите свои вештини за да ве следи, да ве имитира и да добие предизвик да се обиде во нешто ново.
Секојдневната грижа за мало дете во голем дел е учествување во неговиот психомоторен развој, со воодушевувачки промени кои се случуваат во текот на неговото растење. На некои деца им треба повеќе поддршка и стимулација, а некои, пак, тврдоглаво грешат додека не ја постигнат целта. Секој период од детството е по нешто посебен – најдобро е вашата секојдневна грижа и игра да се претворат во часови за седење, стоење, одење, хранење, игри и зборување...
Новороденчето има ограничени слободни движења, нема подолга контрола над мускулите на вратот и е способно само да ја движи главата лево-десно и да ги ослободи дишните патишта. До крајот на првиот месец ќе биде способно самостојно да ја држи главата неколку секунди, додека го носите ќе му биде потребна потпората од вашите раце, посебно кога го ставате или го земате од креветче. Доколку секогаш реагира при наглите промени на положбата, треба со него да постапувате уште понежно, и секогаш да му пружате сигурна потпора. Неговите сетила се во „работна готовност“ од раѓање. Од доаѓањето на свет ќе биде бомбардирано со дожд од податоци, а детето учи токму со имитирање на тие податоци. Во ова учење сте му секојдневен (и секоја ноќ!) партнер – го допирате, го галите, го носите во прегратка, му пеете, дури иако немате слух. Во вториот месец тоа, со плачење, ќе почне и да гуга. Брзо ќе почне да слуша, особено човечкиот говор. Обрнете внимание на тоа како во почетокот ќе ве слуша не барајќи го изворот на звук, потоа ќе ја поврзе бојата на гласот со личноста – задоволно ќе се насмее кога ќе ве чуе. Ќе помине многу време додека не почне да го разбира она што го зборувате. Ако бидете молчаливи, не очекувајте дека брзо ќе прозбори. Ќе забележите дека будно го набљудува вашето лице и мимиката, најдолго задржувајќи се на очите. Секојдневен говор, нежно обраќање, пеење, галење, ритмично носење во прегратка – сето тоа се „вежби“ за развој на слухот и говорот.
Во следните месеци доенчето ја совладува контролата на мускулите – ќе научи исправено да ја држи и да ја врти главата. На шест месеци ќе ги држи исправено грбните мускули во положба на седење, до првиот роденден ќе застане на нозе. Ако го подигнете фаќајќи го за рацете, главата нема да му падне наназад, ќе ја следи линијата на телото. Можете да му помогнете ако си играте на грб или на стомак, приоѓајќи му рамноправно од двете страни и нудејќи му разнобојни предмети кои ќе му го привлечат вниманието. Тропалки, глодалки и други предмети имаат погоден облик за да се земат во дланка, сигурно да се држат и да се стават во средишната линија на телото (најчесто во уста). Сето ова ни изгледа лесно и обично, но тоа се чекори од „седум милји“ за доенче од неколку месеци.
Отворените дланки се повик во нив нешто да се стави – најмногу ќе се израдува на играчки кои лесно се држат и произведуваат звук. Тоа ќе го привлече неговото внимание – ќе гледа во своите раце и ќе ги поврзува звукот, сликата и движењето. Доколку закачите меки играчки на околу 25 см над неговото лице, ќе се обиде да ги удри, а доколку закачите тропалка, воодушевувањето ќе биде за памтење. Со четири до шест месеци ќе биде способно да го насочи погледот кон предметот и ќе ги испружи рацете да го дофати, често нагодувајќи го рачето според големината на предметот. Не морате да водите многу сметка за тоа какви предмети ќе вклучите во играта (безбедноста се подразбира!). Со фаќање, допирање, префрлање од дланка во дланка и ставање во уста детето собира низа информации и вештини – фаќањето тропалка не се разликува многу од фаќање лажица, ставање топче во уста не е многу поинакво од грицкање корка леб.
Поривот за седење и стоење е вроден. Кога ќе му приоѓате детето упорно ќе ги пружа рачињата за да го исправите. Ако ја фати количката, ќе го истегнува телото додека не се доведе во седечка положба. Ќе му помогнете доколку му осигурате безбедност на просторот и бидете покрај него со играчка, приказна, музика. Седуммесечно дете може да го држите во скут така што грбот цврсто ќе му се потпира на вашите гради. Подигнете го во првата исправена положба во количката, ќе му се отвори нов свет на мириси, облици, бои и звуци. Станување од таа положба значи дека е подготвено за повеќе, дајте му шанса за повеќе седење без опасност дека може да се повреди – доколку вие не инсистирате детето никогаш нема да прави нешто за што не е подготвено. Истото важи и за почеток на стоење, одење со предмети и почеток на самостојно одење. Детето кое не сака да лази, побрзо ќе се осмели тоа да го направи ако му понудите играчка на мала оддалеченост, закаченото мече ќе биде предизвик деветмесечно дете да се потруди да застане на нозе со придржување.
Што повеќе разговарајте со него. Важно е да ве разбира, на свој начин да ви ги соопштува потребите и желбите. Повторувајте правилно изговарајќи ги изразите за облици, бои, растојание, расположение. Повторувајте и тогаш кога сте сигурни дека не ве разбира и дека разговорот е премногу сложен за неговата возраст. Секој разговор е корисно вложување во неговиот фонд на зборови, незабележително го збогатува неговото сфаќање за светот. Често мајките се фалат дека детето брзо научило некои изрази на странски јазик, сметајќи го тоа за знак на интелигенција. Тоа само ни зборува дека детето има честа и силна стимулација на говорот седејќи пред телевизор отколку во разговор со домашните.
Физијатрите и логопедите можат да бидат неопходни сојузници во лекување на потешки пореметувања – секојдневното вежбање преку љубов и игра е родителска задача и вложување во иднината на детето.