Моќта на адреналинот
Aвтор: Велибор Токовиќ
Меѓу нас постојат луѓе кои едноставно не можат без возбудувања. Ним не им се доволни предизвиците кои ги нуди секојдневиот живот. Тие секогаш бараат повеќе, а екстремните спортови токму тоа и им го нудат. Скок во бездна дефинитивно никого не може да го остави рамнодушен.
Често слушаме дека љубителите на екстремни спортови ги нарекуваат и адреналински зависници. Затоа за почеток ќе се потсетиме како доаѓа до лачење на оваа хемиска супстанција. Најголем дел од адреналинот, или епинефринот, настанува како производ на работата на сржта на надбубрежните жлезди. Овој хормон има улога да го подготви нашето тело за ситуации во кои мора да реагираме за да одговориме на евентуална опасност. Без разлика дали ќе се одлучиме за фаќање во костец со заканата, или за бегство, адреналинот влијае на појави како што се забрзана работа на срцето, зголемена концентрација на глукоза во крвта, покачување на температура итн. Ваквата состојба го претставува токму она по што посветените на екстремни спортови трагаат. „Возбудливо“ е премногу слаб збор за нивните поими. Тие сакаат нешто што навистина ќе ги протресе, нешто што ќе предизвика адреналинска навала која допира до секоја клетка во организмот. Штом тоа искуство ќе заврши, тие тргнуваат во потрага по следен предизвик.
Кој го измислил банџи?
Островите Вануату во Пацификот се населени пред околу 3300 години. Европејците прв пат ги откриле во почетокот на 17 век. Тамошните племиња имале своја култура и обичаи кои доста се разликувале од европските. Еден од тие обичаи се однесувал на процесот на иницијација низ која секое момче морало да помине за заедницата да го прифати како возрасен маж. Ритуалот се состоел во тоа што целото племе ќе дојде до највисокото дрво во околината. Потоа момчето на кое му дошло време да премине во светот на возрасните се качувало до врвот за кој врзувало релативно еластични лијани. Другиот крај на лијаните го врзувало околу своите скочни зглобови. Сè што потоа требало да направи е да скокне и да се надева дека лијаните ќе го ублажат падот. Искуството на постарите припадници на племето спречувало лијаните да бидат предолги, така што момчињата главно поминувале низ церемонијата без поголеми повреди. Не се знае кога точно започнала оваа пракса, но сигурно е дека така било со векови пред доаѓањето на белите истражувачи.
Скок без дозвола
Кон крајот на 70-тите години од минатиот век, перспективните ученици Дејвид Кирк и Сајмон Кинг биле членови на Оксфордскиот клуб на опасни спортови. Тие двајца го извеле првиот официјално забележан банџи скок, на 1 април 1979 година. Потфатот се состоел од врзување еластични јажиња за оградата на висечкиот мост Клифтон, во Бристол. Храбрите момци импровизирале сигурносни појаси со кои се прикачиле на другиот крај на јажето, ја пречекориле оградата и скокнале во 76 метри длабок амбис. Во планирањето на целата акција пропуштиле да ја известат полицијата за своите намери, така што по скокот ги чекало приведување и долг разговор во локалната полициска станица.
Кај ќе видиш згодно место ти изведи банџи скок
Не поминало многу време до уште едно апсење поради неовластен скок. Овој пат од слобода е лишен Новозеланѓанецот А. Ј. Хекет, и тоа по скокот од Ајфеловата кула. Кариерата на скокач Хекет ја започнал во родниот Оукленд, инспириран од потфатот на оскфордските момчиња. Многу брзо увидел дека покрај возбуда оваа активност може да му донесе и убава заработка, па почнал да организира банџи скокови за сите заинтересирани. Од ден во ден такви имало сè повеќе, а интересно е што припадниците на племенските заедници од Вануатуа поднеле тужба против него. Сметале дека нема право да користи нешто што го сметале за дел од сопствената традиција.
Осум секунди слободен пад
Осум секунди не изгледа толку долго ако ги поминете гледајќи ја омилената серија. Меѓутоа, ако ги потрошите така што прво ќе скокнете од 134 метри висина, а потоа чекате дали опремата ќе ве запре пред да треснете во дното на кањонот, тогаш тие може да потраат цела вечност. Ова искуство можете да го доживеете на Нов Зеланд, во кањонот на реката Невис, близу Квинстаун. Адреналинската подготовка за скок ја потпомага тоа што до оваа локација се стигнува по козји патеки, а самиот скок се изведува од кабина закачена на кабли растегнати над амбис.
Ако сте веќе на Нов Зеланд, тогаш можете да го посетите и висечкиот мост кој ги поврзува карпите на кањонот Каварау. Споменатиот г. Хекет токму овде почнал со комерцијализација на спортот, а досега скокот со висина од 43 метри овде го извеле половина милион луѓе.
Вулканот е активен, слободно скокнете
За просечен човек лет со хеликоптер претставува доживување кое со години се прераскажува на фамилијарните средби. Со оглед на тоа што овде пишуваме за лицата чија потреба за возбудување излегува од вообичаените рамки, тогаш хеликоптерот е само дел од приказната. Тој служи да нè доведе до активниот вулкан Виљарика во Чиле. Забавата се состои во тоа што банџи скокот го изведувате директно од леталото кон вжештената лава. Потоа хеликоптерот се враќа на аеродромот. Дали ви напоменавме дека во текот на враќањето не ве враќаат во кабина, туку останувате закачени на банџи јажето? Е па, тоа е дел од забавата. Со оглед на тоа што ова задоволство чини околу 8000 долари, би било убаво и да ви се допадне, иако локалните водичи велат дека и нема многу заинтересирани за повторен скок.
Неодоливите мостови во Европа
Градителите на мостови веројатно не сметале на тоа дека нивните дела ќе бидат толку предизвикувачки за банџи скокачите. Од друга страна, секој искрен вљубеник во скокови ќе затрепери кога здогледува и малку повисоко дрво, а камоли градба чија највисока точка е над 100 метри. Доколку трагате за популарни локации за банџи во Европа, ги препорачуваме Швајцарија и Австрија. Мостот Европа ги спојува падините на австриската долина Вип. На 192 м висина над реката Зил се наоѓа почетната точка за скок. Само два метра понизок, но ништо помалку возбудлив, е швајцарскиот Ниук мост во Вал Данивије. Додека сте во Швајцарија можете да ја посетите и браната Верзаска. Тука на лице место можете да видите од каде скокал Џејмс Бонд во филмот „Golden Eye“.
Дали она долу е крокодил или тигар?
Одговорот на ова прашање зависи од тоа дали за место на скок сте ги избрале Викториините водопади во Африка, или местото Татопани во Непал. Стар железнички мост сместен на границата на Зимбабве и Замбија ви дава прекрасен поглед на еден од најмоќните светски водопади. Од брановите на реката Замбези ве делат точно 111 метри слободен пад. Крокодилите се малку подалеку, но не заборавете дека брзо се движат.
Непалското одморалиште Last resort покрај банџи скок од 160 м висина ви нуди и многу други возбудувања. Тука се спуштање со сплав или со кајак низ планинските брзаци, слободно качување и прошетка во џунгла. Водете сметка да не се шетате во време кога тигрите одат во набавка, иако не спориме дека таква средба предизвикува лачење адреналин.
Дали ова е навистина опасно?
Повредите во овој спорт не се чести. Практично би биле елиминирани кога сите би се придржувале кон дефинираните правила. Една група правила се однесува на исправноста на опремата. Технологијата е отидена далеку, од година во година се изработуваат сè поиздржливи и поквалитетни материјали кои овозможуваат уште поголемо ниво на безбедност. Меѓутоа, човекот е тој кој мора да изврши контрола на сите елементи и тука понекогаш доаѓа до грешка. Друга група правила се однесува на здравствените предиспозиции на скокачите. Проблемите со притисок или ’рбетниот столб се сериозна индикација дека би требало да му се вратите на шахот. Лекарска контрола пред скок би требало да биде сериозен дел од процедурата, токму како и уплата на соодветно осигурување.