Најголемата река во Источна Македонија
Aвтор: Ивана Коцевска
Брегалница, втора по должина река во Република Македонија, извира во густите шуми на Малешевските Планини, источно од Берово и поминува низ или покрај градовите Берово, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Кочани и Штип, и потоа се влива во реката Вардар пред Вардар да го продолжи патот кон Егејското Море. Со своите води ги наводнува нивите со ориз во плодното Кочанско Поле, а браната Калиманци ги знае најинтересните рибарски приказни, раскажани од рибарите.
Во западните падини на Малешевските Планини, под врвот Ченгино Кале, на височина од 1720 метри, го започнува својот пат долг 225 километри реката Брегалница. На тој пат Брегалница прима 23 поголеми и помали притоки, во вкупна должина поголема од 10 километри. Брегалница е најголема притока на Вардар, во кој се влива меѓу селата Ногаевци и Уљанци, близу Градско, на надморска височина од 137 метри.
Долината на реката има композитен карактер. Од изворот до Малешевската Котлина е планинска река. Откако ќе се спушти од Малешевските Планини, Брегалница тече низ Беровската Котлина и градот Берово, каде е мирна река со широк тек. Од селото Разловци влегува во Разловската Клисура. Течението на Брегалница продолжува по Делчевско Поле и низ градот Делчево, каде се наталожува со чакал и песок со што текот на реката се разбива во неколку ракави. Во горниот тек Брегалница тече од југ кон север, во Пијанец и Малеш. Од вливот на Очипалска Река до влезот во Кочанската Котлина и понатаму до вливот во Вардар, Брегалница тече од исток кон запад. Во Истибањската Клисура на реката е формирано езерото Калиманци од кое се наводнуваат земјоделски површини, претежно засадени со ориз, во Кочанско и Овче Поле. Во Кочанската Котлина Брегалница е затрупувана со наносите на притоките и пороите, коритото е плитко и непостојано поради што често доаѓа до изливање на водата од речното корито.
Следен град покрај кој тече Брегалница е Штип. Штип се наоѓа во средното сливно подрачје на Брегалница, во срцето на Источна Македонија. Брегалница тече во штипската населба Ново Село, недалеку од градот. На излезот од Ново Село, на десниот брег на Брегалница се наоѓаат термоминералните води Кежовица и Леџи. Денес на ова место постои бања со базени и центар за медицинска рехабилитација. Уште во 3 век пр. н.е. античкиот хроничар Полиен пишувал дека во реката Астибо (денешна Брегалница) е изведувано ритуално капење на пеонските кралеви. Од Штипската Сатеска до вливот во Вардар, Брегалница тече низ пределот Слан Дол. Во Вардар се влева пред Градско.
Риболов
На Брегалница има изградено 6 големи акумулации: Беровско/Ратевско Езеро, Калиманци, Гратче, Злетовско Езеро/ Кнежево, Мантово и Мавровица.
Најневеројатните рибарски приказни се создадени токму тука на браната Калиманци. Како вештачка акумулација изградена на реката Брегалница своето реноме кај страствените риболовци го има изградено поради богатството и разновидноста на рибниот фонд, од кои најзастапени се крапот, кленот и бојникот.
Целиот регион по кој тече Брегалница е богат со минерални суровини, вклучувајќи ги важните рудници на олово-цинк во Злетово, Добрево и Македонска Каменица. Во Осоговскиот масив се пронајдени минерали на железо и титаниум. На територијата на Делчево има откриени наслаги на злато, како и алувијално злато во примероци од Брегалница.
Доцноантичките цивилни утврдувања по долината на Брегалница
Уште од време на Римското царство, по долината на Брегалница биле градени цивилни утврдувања кои овозможувале заштита и одбрана на луѓето што живееле во нив, а воедно и на материјално-духовните богатства со кои располагале. Во зависност од значењето, големината и местоположбата на населеното место било формирано и самото утврдување.
Во доцната антика по долината на река Брегалница имало два вида на цивилни утврдувања: збегови и утврдени села. Двата типа на утврдување придонесувале за одржување и продолжување на континуитетот на животот во овој регион и во подоцнежните периоди.
Збеговите претежно се наоѓале на зафрлени и тешко достапни терени чија местоположба била затскриена, на ридести и планински предели опкружени со богати пасишта и шуми. Овие утврдувања во случај на напад биле бранети од малиот број на војници и од страна на цивилното население. Карактеристично кај збеговите и утврдените села е тоа што тие и не претставувале некои големи утврдувања. Поради тоа и нивните одбранбени ѕидови не располагале најчесто со одбранбени кули, со исклучок кај некои поголеми каде што имало по една покрај портата. И денес постојат остатоци од доцноантички цивилни утврдувања по долината на Брегалница.
Доколку сте љубители на природата, на водата или, пак, уживате и се релаксирате во ловењето риби, нека овој наш предлог ви даде идеја како да ги поминете мајските слободни денови. Можеби ќе откриете дел од Македонија каде досега не сте биле.
Пехчевските Водопади
На неколку километри од Пехчево се наоѓа туристичката населба Равна Река, како и местото Ченгино Кале, познато уште и како најисточната точка на Македонија. Овој туристички локалитет изобилува со бујна вегетација, рамнини и водопади, познати како Пехчевски Водопади. Водопадите се првиот репрезент на убавините кои Брегалница ги создава на својот пат. Двете туристички населби, Абланица и Равна река, во Пехчевскиот дел на Малешевските Планини, се поврзани со пешачка патека низ прекрасни шумски предели, по текот на реката Брегалница во должина од 4 километри. Скриени во срцето на Малешевијата на оваа локација, водопадите од изворите на Брегалница неодамна испливаа од анонимноста. Природата дала, а човекот облагородил и создал услови за целосно нејзино ползување за одмор, пешачки патеки, ливади со растенија, чаеви. Љубителите на природата можат да уживаат во долгите прошетки. Овде гласот на реката е посилен. Го заглушува црцорот на птиците, зуежот на инсектите.
Битката кај Брегалница
Во историјата, Брегалница се споменува во одлучувачката битка во Втората балканска војна, Битката кај Брегалница. Тоа била битка помеѓу Бугарија и Србија, каде што Бугарија ја ангажирала 4. Армија, а Србија ги ангажирала 1. и 3. Армија. Битката започнала на 30 јуни и завршила на 31 јули 1913 година. Со потпишаното примирје завршила Втората балканска војна. Српската војска имала 16200 загинати и ранети, а бугарската војска 25000 загинати.
Македонската трагедија е во учеството на Македонците во првите борбени редови на завојуваните страни. Македонците меѓусебно се биеле во полза на бугарските и на српските команди на позициите на Осоговските Планини, во битката на Брегалница и на многу други места.