Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРОШИРЕНИ ВЕНИ

јуни 1, 2018

Болка која не смее да се игнорира

 

Болката во нозете може да го отежне секое движење и да создаде тензија и при најопуштен настан. Како да се разбере и најдобро да се третира таа болка.

 

Автор Душан Гољиќ

м-р по фармација

 

Болката во нозете може да биде од различно потекло. Често е последица на ревматски заболувања на скелетните мускули или болести на нервниот систем. Сепак, статистиката вели дека дури 70% од луѓето кои ќе се јават на лекар со симптом на тешки и болни нозе имаат, всушност, еден од стадиумите на венски болести.

 

Примарните симптоми вклучуваат болка во нозете, чувство на „уморни“ нозе, пецкање и затегнување на кожата на потколеницата. Појавата на сини „печати“ на периферните вени на кожата укажува на прогресија на болеста. Доколку не се третира, доаѓа до формирање на раширени и отечени, варикозни вени, како и венски улкус. Варикозитетите се ризик-фактор за развој на венска тромбоза, мозочен и срцев удар.

 

Како да се третираат првите симптоми?

Првата појава на симптоми обично се третира со креми, масла, гелови или масти. Во аптеките можеме да најдеме низа производи на база на екстракт од костен, седефче, лаванда, лимон, потоа со протеолитички ензими, антиоксиданти и др. Овие препарати спаѓаат во групата веротоници, го намалуваат отокот и ги отстрануваат симптомите. Немаат можност за длабока апсорпција, па го остваруваат своето дејство само на површината, па нивната ефикасност е ограничена.

 

Медикаментозна терапија на развиени промени

Кај развиени, видливи, варикозни вени, терапијата примарно се заснова на земање комбинација на лекови кои дејствуваат на перформансите на крвотокот, како што се вазодилататори како пентоксифилин или цилостазол. Препаратите на база на гинко може да бидат корисни како поддржувачка терапија, со оглед на тоа дека го намалуваат вискозитетот на крвта. Се препорачува и антиагрегациска терапија, со цел намалување на можноста за појава на тромб, каде најголема примена има ацетилсалицилната киселина од 100 мг. Според светските водичи за терапија на венски болести, единствени лекови кои имаат можност за враќање на еластичноста на вените се оние кои содржат прочистени флавоноиди со потекло од цитруси, како што се диосмин и хесперидин. Овие лекови имаат силно антиоксидативно дејство и клинички потврдена употреба во терапија на хронични венски болести.

 

Реагирајте на време!

Раната детекција на заболувањето и превенцијата може да бидат најдобар лек за проширени вени. Се препорачува редовно движење со умерен интензитет и соодветен хигиено-диететски режим. Со оглед на тоа дека во модерната доба зачестеноста на венските болести е висока, потребно е сериозно да се сфати ризикот кој го носи и да се посоветувате со лекар или фармацевт штом ќе се јават симптомите.

 

Улогата на вените

Вените се еластични крвни садови кои, поминувајќи низ периферните ткива, собираат крв од нив и ја пумпаат кон срцето, со помош на преградните функции на венските залистоци. Длабоките вени се сместени во потколениците, обвиени со густ мускулен слој. Периферните вени се наоѓаат поткожно и создаваат мрежа на крвни садови која се влева во длабоките вени. Здравиот венски крвоток е невидлив. Со оглед на тоа што транспортираат голем волумен на крв, вените во текот на целиот живот трпат внатрешен притисок. Долготрајното стоење го зголемува притисокот на целокупниот волумен на крвта на периферните вени во нозете, и може да доведе до развој на венски болести. Останати ризик-фактори за ова заболување вклучуваат генетска предиспозиција, ослабеност на „мускулната пумпа“ како резултат на недвижење, затнати вени, срцева болест, како и долготрајно користење на контрацептиви.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>