Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВАРДАР

јуни 1, 2018

Опеана во многу народни песни, најголемата река во Република Македонија, Вардар, тече низ 5 котлини и 5 клисури формирајќи ја Вардарската Долина, која има големо сообраќајно и стратегиско значење.

Аутор: Ивана Коцевска

Најголемата река која тече низ Македонија и една од поголемите на Балканот, Вардар, извира во селото Вруток, под Шар Планина, југозападно од Гостивар. Изворот на Вардар e силен крашки извор на 683 метри надморска височина. Својот тек Вардар го завршува во Егејско Море, западно од Солун. Вкупната должина на реката од изворот до вливот во Егејско Море е 388 километри.

Долината на Вардар има композитен карактер. Од изворот до вливот наизменично се сменуваат 5 котлини и уште толку клисури. Ширината на коритото се движи од 95 метри, колку што изнесува кај Скопје, па до 450 метри, кај Солун. Реката Вардар е карактеристична по големите промени во водостојот и протекувањата, што неколку пати довело до големи поплави.

Од изворот коритото на Вардар се шири, па се стеснува, реката тече мирно, па подивува... Од изворот во Вруток Вардар тече низ градот Гостивар и Полошката Котлина, каде се вливаат Дуфска Река и Лакавица, а од левата страна Маздрача, Боговинска Река, Уливеричка Река, Пена, Теаречка Бистрица, Љуботенска, Гореничка Река. Овие реки имаат пороен карактер, брегот на Вардар не е среден, па има чести поплави од надојдените води од Шар Планина. Вардар ја напушта Полошката Котлина и влегува во Дервенската Клисура, а на излезот од Клисурата од десната страна ги прима водите од карстниот извор Рашче.

Од Дервенската Клисура текот на Вардар продолжува во Скопската Котлина. Низ Скопје Вардар тече со својот среден дел од текот, го дели градот на два дела, прави неколку поголеми меандри, а преку реката има голем број мостови. Коритото на реката во градот е регулирано, па кејот на Вардар е простор за рекреација, прошетки, возење велосипед и е посебно посетен за време на летните горештини. Во Скопската Котлина Вардар од десната страна кај Сарај ја прима Треска, кај селата Горно и Долно Лисиче Маркова Река и други, а од левата страна ги прима Лепенец и Серава.

Следна на текот на Вардар е Таорската Клисура, каде од десната страна ја прима Кадина Река, а од левата Пчиња. Вардар навлегува во Велешката Котлина и минува низ градот Велес. Во Велешката Клисура Вардар прима 3 притоки и тоа Тополка, Бабуна, од десната, и Отовица, од левата страна. Преку Велешката Клисура навлегува во Тиквешката Котлина, од десната страна ги прима Ваташка Река, Дисанска Река, Црна Река и Бошава, а од левата страна водите на Брегалница, Градешка Река и други помали притоки.

Следна на течението на Вардар е Демиркаписката Клисура долга 19,6 километри. Во оваа клисура Вардар е најтесен и најдлабок. Тука може да ги видите најбавите пејзажи што ги прави реката сплотена со високите карпи. Преку Демир Капија навлегува во Гевгелиско-Валандовската Котлина, од десната страна ги прима Кованска Река, Сермениска Река и на Конска Река, а од левата Анска

Река и Луда Мара. Ја преминува грчката граница и преку Циганската Клисура, течејќи низ Солунското Поле се влива во Егејското Море западно од Солун.

Потеклото на името

Во античко време реката се викала Аксиос. Денешното име, според некои преданија, доаѓа од името на византискиот управител на Скопје од 10 век, Вардар Склира, кој го регулирал течението на реката и го спасил градот од поплави, па народот од благодарност ја преименувал реката во Вардар. Според други теории, хидронимот Вардар веројатно потекнува од готскиот збор Vordol, кој го дале Готите во V век од н.е. Постои и теорија дека Вардар води потекло од истоимениот тракиски збор што значи „црна вода“.

Значењето на Вардар

Во средината на 19 век на потегот Велес-Солун реката Вардар била пловна и по неа со сплавови и чунови (гемии) се одвивала трговија на жито, волна, дрва, сирење, мед. Еден сплав носел околу шест тони товар, а до Солун пловел за неколку часа.

Водната моќ на Вардар е искористена само во подрачјето после изворот, каде е изградена хидроцентрала за производство на струја. Реката е богата со риба, па е развиен спортско-рекреативниот риболов, а позната е и по убавите мостови како што се Камениот мост во Скопје, Железниот мост во Велес и многу атрактивни висечки мостови.

По долината на Вардар се чувствува влијанието на медитеранската клима која овозможува одгледување на памук, кикиритки, афион, ориз, калинки и др. Долината на Вардар има големо сообраќајно и стратегиско значење. Низ неа водат автопатот и железничката линија Скопје-Солун, кои се најблиски врски меѓу Средна Европа и земјите на Блискиот Исток.

Вардарец

Долината на Вардар го дала и називот на ветрот вардарец, претежно северен ветер, сув, прилично студен, кој дува низ речната котлина и носи свежина.Настанува кога атмосферскиот притисок над Источна Европа е повисок од притисокот над Егејското Море, што е многу чест случај во текот на зима, како и вообичаена појава во подрачјето на Демир Капија. Најмногу дува во студениот дел од годината.

Скопските плажи

Денес со доза на носталгија старите скопјани се сеќаваат и прераскажуваат за убавите времиња кога во Скопје на брегот на Вардар постоеле градски плажи. Градската плажа кај Идадија била монденска, а на Руска плажа се капеле газдите и побогатиот свет. На оваа плажа се надоврзувала Војничката плажа, па Турската плажа, Циганската плажа и на крај „Мангупската детска плажа“. Плажата била место за дружба, место за разладување од високите температури.

Вардарски Рид

На влезот на Гевгелија, на десната страна на Вардар се наоѓа археолошкиот локалитет Вардарски Рид, одлично место за посета на љубителите на археолошкиот и културниот туризам. Во него континуирано се живеело повеќе од 1000 години, од крајот на бронзеното време, па до доаѓањето на Римјаните.

Најинтересен објект на локалитетот е градбата наречена Куќата на колекционерот. Таа била куќа за живеење, со убава позиција во градот и подобро опремена од останатите, еден од најубавите примери на станбена градба од предримско време, а според инвентарот далеку најбогата и најпровокативна целина.

Во Куќата на колекционерот се пронајдени 24 монети, мали приврзоци во форма на птица и срна, сет за вино, монистри, украсувани коски, чаши со релјефна декорација, теракотни фигури. Но, најзначајна е мермената скулптура на Афродита со скршеница на левата подлактица, од IV век и претставува врвно уметничко остварување за што несомнено бил свесен и самиот колекционер. Се претпоставува дека животот во неа а воедно и на Вардарски Рид замрел некаде околу I век пред Христа.

Кога ќе посакате мир, одмор за очи и душа, прошетајте по брегот на Вардар, изберете место кое е најблиску до вас, послушајте го шумот на водата, пеењето на птиците, ставете ги јадиците во реката, а во душата нека ви одѕвонува македонската народна песна Ој Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија...

Островот на Вардар

Во близина на денешниот Градскиот парк во 30-тите години од 20-ти век постоел остров во Вардар. Островот бил монденско место, земен рај од зеленило и чиста природа, пошумени патеки и парцели со разновидни насадени дрвја, простори за одржување на трки, мали пристапни мостови. Фантастичниот утописки остров со текот на времето исчезнал, му се загубила секаква трага.

Вардарска Регата

Следејќи ја традицијата на Гемиџиите и на велешките трговци, Општина Велес секоја година ја организира Вардарска регата. Стартува под Мало мовче, како и пред два века, од местото од каде што тргнувале гемиите со кои се носела стоката, тутунот, виното, афионот, житото. Учесниците на регатата четири дена ја освојуваат реката Вардар по стапките на велешките трговци кои со сплавови ја носеле стоката за Солун. Денес наместо до Солун, регатата завршува во Гевгелија.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>