Канео, Света Богородица Перивлепта, Самоилова тврдина
Охрид, градот на североисточниот брег на Охридското Eзеро, е вистински бисер на средновековната уметност и природни убавини. Историски објекти, цркви има на секој чекор. Стариот дел од градот е посебно интересен. Одејќи по тесните камени улички, покрај старите куќи со толку специфичната архитектура, се прашувате на која страна да ја продолжите прошетката. Наш избор на овој месец се три многу познати локации.
Автор Ивана Коцевска
Канео
На едно од најубавите места на брегот на Охридското Езеро, изградена на висока карпа во стариот дел на Охрид, над некогашната рибарска населба Канео, се наоѓа црквата Свети Јован Богослов. Всушност, најпрепознатливата фотографија од Охрид е онаа на која е фотографирана црквата на Канео. Зборот „канео“ доаѓа од латинскиот збор caneo, што во превод значи „сребрено“. На ова мало парче земја спојот на природата со архитектурата и синилото на езерото и небото се толку убави и специфични, тука се најубавите зајдисонца, па Канео е омиленото место за фотографирање во Охрид во сите годишни времиња.
Според градбата црквата е еднокорабна, октоаголна, посветена на свети Јован Богослов. Не е познато кога е изградена, но во документите на црквениот имот се сугерира дека е изградена пред 1447 година. Археолозите веруваат дека црквата е изградена пред растот на Отоманското Царство, веројатно во 13 век. Фреските во црквата се дело на група зографи кои ја продолжиле уметничката традиција на епохата на Комнените.
Оваа црква покрај византискиот го поседува и ерменскиот стил на градба и многу потсетува на црквите во Ерменија. Истражувањата водат до податокот дека во околината на Куманово во тоа време биле населени ерменски мајстори-градители кои оставиле траги и во Македонија.
До 15 век во неа се одвивал и монашки живот. Со доаѓањето на Турците се рушат конаците, монасите биле убиени, најголемиот дел од фреските биле искорнати, но не ја претвориле во џамија туку станала набљудувачница.
И во поново време по Втората светска војна иконостасот бил украден па најден во Франција и вратен, но по пет години неповратно пак исчезнал. Сега во црквата се држат литургии само 6 пати годишно, од кои една е посветена на св. Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара, кога тука се носат неговите мошти.
Црквата Света Богородица Перивлепта
Манастирскиот комплекс Света Богородица Перивлепта е лоциран во средиштето на старото охридско градско јадро, на возвишението Дебој, близу Горна порта. Света Богородица Перивлепта, односно Пресвета Богородица, значи онаа што гледа сѐ. Според натписот кој стои на влезната врата од внатрешниот дел на припратата се знае дека црквата била изградена под името Света Богородица Перивлепта (Преславна) во 1295 година од страна на византискиот војсководач Прогон Згур, роднина на Андроник II Палеолог. Кај народот е позната и како црква Свети Климент, бидејќи по уривањето на црквата на Плаошник во 15 век, моштите на свети Климент се чувале во оваа црква, сè до 2002 година.
Секој што имал можност да влезе во црквата а веќе посетил поголем дел од македонските храмови, ќе заклучи дека оваа црква е една од најстарите но воедно и според фрескоживописот една од најубавите цркви во Македонија.
Според својата форма, црквата е градена во облик на впишан крст и за нејзината изградба се користени тули и бигор, па добивате чувство на хармоничност и полихромија, со што се издвојува од другите византиски и македонски споменици од 13 век.
Најзначајно богатство на црквата, секако, претставуваат фантастично сочуваните фрески, дело на познатите зографи Михаил и Ефтихиј, основачи на новиот тренд во византиската уметност, кого го карактеризираат фрески со светли бои, со тон на личен уметнички израз во композиции кои се одликуваат со драма и нагласеност на карактерот. Поради чадот од свеќите, кои гореле со векови внатре, фрескоживописот едвај се препознавал. Во 1950 година сликарот и конзерватор Здравко Блажиќ, со помош на специјално направена емулзија од органско потекло, успеал во црквата да ги открие фреските во полн сјај, што во тоа време претставувало вистинска сензација.
Во рамките на комплексот се наоѓаат и предметната камбанарија, манастирски конак, гробот на Григор Прличев, Галеријата на икони и Седиштето на Митрополијата.
Галеријата на икони содржи колекција од околу 30 икони, поставени хронолошки, создадени во периодот од половината на 11 до крајот на 19 век. Многу од иконите се од локално потекло, но има и донации од Истанбул и Солун. Некои од иконите се наменети за литургиски процесии и затоа се насликани од двете страни. Овие литургиски икони се прогласени за најголемо достигнување на овој вид. Секако, највредни се средновековните и нивната уметничка вредност не може да се спореди со оние од понов датум.
Самоилова тврдина
На охридскиот рид, кој се издига до 100 метри над нивото на Езерото, на локација од каде го гледате градот и Езерото како на дланка, се наоѓа Самоиловата тврдина, заштитниот знак на Охрид. Претставува најдобро сочувана средновековна тврдина кај нас. Од сите страни, со исклучок на јужната која е свртена кон Езерото, има високи ѕидови и одбранбени кули во должина од околу три километри, кои се протегаат сè до пристаништето. Височината на бедемите е различна, од 3 до 16 метри, во зависност од конфигурацијата и пристапноста на теренот. Тврдината првпат била спомената од страна на историчарот Тит Ливиј во 3 век пр.н.е, уште додека била тврдина на градот Лихнидос.
Покрај основната функција за одбрана од непријателите, тврдината служела и за живеење. Централниот дел или цитаделата бил поделен со еден ѕид на два дела, од кои во едниот живеел владетелот, а во другиот војниците. Импозантен е и влезот во цитаделата што е утврден со две полукружни одбранбени кули. Вториот дел од тврдината се состои од широк заштитен ѕид околу подградието во кое живееле дворјаните со семејствата. Во градот се влегувало низ три порти: Горна порта, Челна порта и Долна порта. Некогашната Самоилова трвдина и ден-денес е обиколена со високи ѕидови долги 3 километри, со полукружни и квадратни кули и капии од кои само Горната е сочувана.
Сите историски епохи оставиле влијание на тврдината, многу пати била уривана, преградувана и доградувана. Тука владееле Римјаните, Византијците, Словените, Османлиите. Но, се смета дека најголемиот дел од ѕидовите на цитаделата и подградието, заедно со зачуваните кули, датираат од времето на царот Самоил, од 976 до 1014, а потоа и на неговите наследници до 1018 година, кога Охрид бил престолнина на првата држава на македонските словени, поради што денес тврдината е позната како Самоилова.
Во 15 век по инвазијата на Османлиите градот се проширил и на пониските делови иако христијанската популација останала внатре во ѕидовите на градот. Последен кој извршил поголеми интервенции на бедемите од цитаделата и кој ја користел за одбрана и живеење бил Џеладин-Бег. Во јужниот дел на цитаделата, во 1808 година бил изграден неговиот дворец, познат под името Горни Сарај. Овој дворец, бил урнат веднаш по бегството на Џеладин-Бег од Охрид во 1830 година.
Истражувањето на Самуиловата тврдина започнато во 2000 година открило многу вредни наоди, меѓу кои и познатите „Златна маска и златна ракавица“, од 5 век пр.н.е.
Охридската тврдина денес претставува заштитен знак на Охрид, на неа се впишани многу страници од историјата и културата на македонскиот јазик низ вековите, што претставува непроценлив културен извор за нашата земја.