Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЛЕТНА РЕКРЕАЦИЈА

јули 1, 2018

Вежбајте на плажа

 

Дел од времето поминато на плажа можете да го искористите за вежбање. Вашето тело ќе ви биде благодарно.

 

Автор Марко Симиќ

 

Шумот од брановите и мирисот на морето обично нè асоцираат на опуштено лежење на пешкир или лежалка. Колку и да е тоа примамливо, сепак, би било добро да ги искористиме сите предности на престојот на свеж морски воздух. Тоа значи дека покрај пливање, секојдневно би можеле да направиме и неколку едноставни вежби.

 

Кога да се вежба?

Секако, би требало да се избегнува престој на сонце во текот на најтоплиот дел од денот, од 10 до 16 часот. За вежбање се идеални утринските часови кога на плажа сè уште нема многу луѓе, а температурата на воздухот не е превисока. Исто така, може да се искористи и периодот на заоѓање на сонцето, што покрај користа која вежнбањето ја дава на вашето тело, остава и многу убави спомени со чија помош можете полесно да ги пребродите тмурните, зимски денови.

 

Како да се загреете?

Било во план да имате лесно размрдување или интензивен тренинг, неопходно е прво да се загреете. Ако веќе сте на песочна или на плажа каде има комбинација од песок и ситни камчиња, ви препорачуваме да го почнете тренингот со одење низ вода длабока до скочните зглобови. Брзината на одењето, како и длабочината до која ќе одите, приспособете ја на вашата моментна кондиција. Десетина минути ваква прошетка ќе ви помогне да ги разбудите мускулите и да ги подготвите за вежбање.

 

За оние кои не се во добра кондиција, оваа прошетка за почеток е сосема доволна. Бранувањето на водата дејствува благотворно на масажа на потколениците, додека ситните камчиња и песокот ја извршуваат функцијата на пилинг на кожата на стапалата. Ако спаѓате во физички поподготвениот дел од популацијата, наместо одење можете да трчате во вода. Колку подлабоко ќе влезете, толку напорот ќе биде поинтензивен. Ве потсетуваме дека сè додека ви одговара, постепено зголемувајте го нивото на вода.

 

Вежби на суво

Склекови и полусклекови, чучнувања, вежби за размрдување и истегнување – сè ова се активности за кои од реквизити ви е потребно само малку добра волја и малку повеќе одлучност намерата да ја спроведете во дело. Шипката од чадорот за сонце може да послужи како помошно средство во текот на изведување вежби за јакнење мускули на грбот. Фатете ја шипката  со широк фат, ставете ја зад главата и вртете се со половината на една па на друга страна. Погледот би требало да ги следи рацете. Оваа вежба придонесува и за намалување на масните наслаги на колковите и половината. Пластични шишиња наполнети со вода или песок се едноставна замена за мали тегови. Искористете ги за јакнење на мускулите на рацете и рамената. Одбојката на песок доста бара, дури и во рекреативен облик, но е и многу забавна.

 

Вежби во вода
Лесно пливање е одлична вежба, но кога веќе имате прилика, зошто не би ги направиле и овие неколку едноставни вежби. Јакнење на стомачните мускули е клучно за правилна положба на телото, а вие можете да ги вежбате лежејќи во плиткото. Удобно наместете се во лежечка положба на грбот, нозете испружете ги, составете ги и правите движења со нивно подигање и спуштање, како и „испишување осумка“. Колку повеќе ќе вроните во водата, толку вежбањето ќе биде полесно. Уште една корисна вежба е „возење велосипед“ во вода. Одржувајте се на површината со помош на рацете, додека со нозете изведувајте движења како да движите педали. Оваа вежба го јакне целото тело.

 

Водени спортови

Скијање на вода, едрење на штица, кајтсурфинг, возење со кајак. Водените површини нудат мноштво можности за забава и рекреација. Изберете ја онаа активност која најмногу ви одговара и уживајте. Пред заминување на летување консултирајте се со својот лекар и фармацевт околу евентуалните здравствени аспекти кои би можеле да влијаат на изборот на вежби кои ќе ги правите додека сте на плажа (хронични болести, општа физичка состојба).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>