Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДИЈАРЕЈА ПРИ ПАТУВАЊЕ

август 1, 2018

Совети за безгрижно летување

 

Реакции на системот за варење на промената на средината се чест несакан придружник во текот на патувањата. Со почитување на одредени правила можно е да се избегнат.

 

Автор: Јасна Петровиќ

 

Се смета дека дијарејата при патување е еден од најчестите здравствени проблеми во текот на летните месеци, а според некои податоци со неа се соочува секое трето лице кое ќе го промени местото на престој. Некогаш во прашање е само приспособување на нови климатски услови, но најчеста причина се бактериски и вирусни инфекции. Прва на листата на осомничени е ешерихија коли, следуваат шигела, салмонела, како и бројни други штетни бактериски видови, а меѓу виновниците се наоѓа и ротавирусот.

 

 

Симптоми и лекување

 

Проблемите обично започнуваат во текот на вториот или третиот ден од престојот на нова дестинација, иако се случува да се јават дури по враќањето дома. Просечно време на траење на проблемот е од три до пет дена. Терапијата е обично симптоматска, битно е да не се дозволи дехидратација на организмот поради големото губење течности. Надоместувањето со вода и електролити се врши со земање раствори за рехидратација, а во покомплицирани случаи е потребно и давање инфузија. Антибиотици не би требало да се земаат на своја рака, без консултација со лекар и фармацевт. Посетата на лекар е задолжителна доколку симптомите упорно траат или се влошуваат (зголемена температура, крв и слуз во изметот).

 

Превентива

Зголемени мерки на хигиена се задолжителни додека сме на пат, препорачливо е со себе секогаш да се имаат некои од средствата за дезинфекција („суво миење раце“). Водата би требало да се пие исклучително во флаширан облик, по можност бренд кој го користите и кога сте „на домашен терен“. Водата од чешма кај почувствителни лица може да предизвика проблеми дури и ако во текот на туширање дојде во устата, за миењето заби да не зборуваме. Проблемите може да настанат и ако консумирате овошје и зеленчук измиени во таа вода, додека коцките мраз во пијалакот, исто така, се можен извор на зараза. Храната мора да помине термичка обработка, а овошјето и зеленчукот треба да се излупат. Млекото и млечните производи, масната храна, напитоци со кофеин, зачини на кои не сте навикнале, па и нови слатки, сè се тоа работи кои би требало да ги заобиколиме во текот на летувањето.

 

 

Подгответе се за пат

Пет до седум дена пред поаѓање на пат би требало да почнете со превентивно земање пробиотски препарати. Продолжете со ова додека сте на пат, како и неколку дена по враќањето. Јужна Европа и Медитеранот спаѓаат во предели со ризик од настанување на стомачни проблеми, кој се движи од 10 до 20 проценти.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>