Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЕДРЕЊЕ

август 1, 2018

Преку авантура до скриени убавини

 

Стројното бродско корито ги сече морските бранови, едрата ја преземаат силата на ветерот, копното е далеку зад нас. Секое вдишување нè исполнува со чувство на слобода, секое движење ни зборува дека сме едно со природата.

 

Автор Велибор Токовиќ

 

Овие неколку реченици се обидуваат накратко да опишат нешто што, всушност, не може да се опише. Едрењето е искуство кое мора да се доживее, не може да се долови со зборови. Секоја капка вода низ која се прекршува сончевата светлина претставува сјаен скапоцен камен во нишката нанижана да ја раскаже приказната за убавината. Веќе илјадници години луѓето со едрата ја скротуваат силата на ветерот.

 

Златна доба на едрењето

Периодот во кој со океаните суверено владееле едрениците е завршен на крајот на 19 век. Шумот на ветерот отстапил пред работата на машините. Наместо пенливата трага во брановите зад новите владетели на светските мориња останал чадот и мирисот на изгорено гориво. Сепак, не се заборавени величествените силуети на клиперите, трговски едреници, чии меѓусебни трки до денес останале запаметени како пример на борбата на човекот со природата и времето. Еден од ретките преживеани клипери, Кати Сарк, денес е брод-музеј кој сведочи за тоа дека е можно да се преплови светот во нешто направено од дрво, потпирајќи се на силата на ветерот. Златната доба на едрењето е завршена, а денес оваа активност главно е поврзана со спортот и туризмот.

 

Спортско едрење

Првите едриличарски регати, организирани само поради натпреварувањето и забавата кои ги нудат, се забележани во 18 век. Едрењето станало олимписки спорт во 1900 година, а натпреварувања се одржуваат за различни класи едрилици. Почетниците во овој спорт прво се натпреваруваат во класата „оптимист“, во поединечна конкуренција. Бројни фактори ја одредуваат класата на едрилицата, ќе ги наведеме должината на пловилото, висината и бројот на јарболи, обликот на едрата како и материјалот од кој се изработени, како некои од клучните. Некои регати се организираат за едрилици кои се достапни за голем број луѓе, додека некои од светски престижните регати се вистинска изложба на врвни технолошки достигнувања, во чија изработка се потрошени енормна количина знаење и средства.

 

Со нив пловат и се натпреваруваат професионални екипи. Секој од нив ја знае својата улога во тимот, а од нивната увежбаност зависат делови од секундата кои ја одвојуваат победата од поразот. Било да се натпреварувате во поединечна или екипна конкуренција, едрењето се смета за спорт кој многу бара, кој максимално ги ангажира вашите капацитети, и физички и интелектуални. Едрењето е често препорачана форма на „team building“, зашто заедничката победа над силите на природата придонесува за создавање врски кои тешко се раскинуваат. Доколку, сепак, не сте натпреварувачки настроени, постојат разни форми на уживање во едрењето кои ги нудат сите благодети на движењето во вода со помош на ветерот, но без стрес наметнат од самата победа.

 

Незаборавна забава

Можете да едрите на езеро, река, море, океан. Можете сами, можете и во друштво. Последниве години се сè попопуларни изнајмувања едрилици со скипер. Се собира друштво од десетина луѓе, го избираат морето на кое ќе едрат и одат во авантура. Скиперот е тука за работите да ги држи под контрола, а остатокот од екипата ги учи основите на едрењето.

Едрилиците кои се достапни за изнајмување најчесто се опремени со сè што е потребно за удобен престој. Цените се движат од две до три илјади евра за една недела едрење (во краевите кои се поблиску до нас). На тоа обично се додаваат и трошоците за скиперот и врската во пристаништето, доколку не сакате ноќта да ја поминете во некој од скриените заливи. Оваа друга опција ви нуди можност веднаш по будењето да се избањате во кристално бистрите води. Трошоците, се разбира, ги делите со останатите членови на екипата, а што се однесува на храната и пиењето, ваков вид патување ви нуди можност да испробате бројни локални специјалитети. За подготвувањето свежи морски плодови додека ве лулаат брановите нема ни да зборуваме. При изборот на екипа поведете сметка за тоа најмалку еден член од екипата убаво да пее, да знае многу песни, а не го мрзи и да понесе гитара.

 

Грчкиот, турскиот и јадранскиот брег нудат многу можности за ваков одмор. Оние кои повеќе сакаат поладни временски услови може да се упатат кон Северното Море, или да го истражат брегот на Ирска и Шкотска. Наместо да лежите на плажа, или покрај хотелски базен, едрењето ви нуди можност да запознаете различни места и попат да доживеете незаборавно искуство исполнето со шумот на брановите. Ќе откриете убави предели, но подобро ќе се запознаете и себеси. Ви посакуваме добар ветер во грбот.

 

Грчките острови

Активен одмор е една од дефинициите на едрењето, а слободата веројатно е збор кој  најточно го опишува. Грчкото приморје нуди неверојатни можности за истражување, а сигурни сме дека сите интересни локации не може да се посетат дури и во текот на неколку последователни летувања. Иос, Миконос, Санторини, Родос, Кос, Патмос се само некои од можностите. А тука се и Кефалонија, Закинтос, Итака и Лефкада. Можете да отидете и до Крф, сè е избор. Периодот од мај до октомври е најубав за крстарење по Егејско и Јонско Море.

 

Ха Лонг Беј, Виетнам

Од островите во пребогатото море на север до пловење по меандрите на големите реки на југ, Виетнам ви нуди бескрајни можности за стекнување неповторливи животни искуства. Љубезните насмевки ве дочекуваат на секој чекор, додека природата блеска во својата разновидност. Ханој е град кому му ја припишуваат титулата последен град кој ја зачувал изворноста на азискиот карактер. Од таму можете да отпловите во поморско истражување на областа Ха Лонг Беј. Овој предел е прогласен за дел од светското наследство од страна на УНЕСКО, а глетките од островите кои се издигнуваат над брановите ќе останат засекогаш меѓу вашите најубави спомени, токму како и вкусовите од локалните специјалитети.

 

Девствени Острови

Кога далечната 1493 година Колумбо доедрил до овие острови, тие изгледале како дел од апсолутно недопрена природа, врз основа на што го добиле името. Се наоѓаат источно од Порторико во Карипското Море, припаѓаат на Малите Антили. Доколку се најдете во можност да запловите во овие води, за момент сигурно ќе се почувствувате како некој од славните гусарски капетани. Тие, додуша, не едреле на катамарани, што е честа понуда на агенциите кои организираат едрење во овој дел од светот. Во периодот од јули до октомври чести се ураганите и тропските бури, така што ова претставува идеална дестинација за одење на зимски одмор.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>