За здрав и успешен живот не постои решение кое веднаш ќе ве доведе до целта. Доколку таков живот сакаме, мораме да вложиме личен труд, а јогата може да биде одличен сојузник на тој пат.
Автор: Марко Симиќ
Најраните описи на јога методата се наоѓаат во индиските Веди, списи кои потекнуваат од третиот милениум пред новата ера. Ова значи дека денешната јога се заснова на традиција создавана во текот на пет илјади години практично искуство. Таа е еден од шесте индиски филозофски системи, а нејзиното име во коренот го има санскритскиот збор yuj (соединување, поврзување), што е директна врска со нејзината крајна цел, усогласување на индивидуалното постоење со универзумот.
Јога сутра
Основите на класичната јога ги дефинирал Патанџали во делото „Јога сутра“, составено од 196 записи за теориските и практичните аспекти на оваа вештина. Тој ги систематизирал знаењата кои до тогаш биле познати и забележани во Ведите, Упанишадите и останатите индиски пишани извори. Создавањето на ова дело научниците го сместуваат во период од вториот век пред новата ера до четвртиот век од првиот милениум. Основниот принцип изнесен во ова дело се однесува на јогата како средство за „стопирање на вителот во свеста и мислите“. Постојат повеќе стилови настанати во текот на вековите, некои школи обрнуваат повеќе внимание на изведување физички вежби преку заземање различни пози (асани), некои се пофокусирани на вежбите за дишење (пранајами), а сите во суштина се посветени на развојот на потенцијалот на човечкото тело и умот.
Како да се почне денес?
Без разлика на бројните достапни видеосодржини кои ги објаснуваат основните јога вежби, наш совет е да побарате инструктор чии референции можете да ги проверите во регионалниот Јога сојуз. Стручниот јога учител ќе може да ги процени вашите способности и да го приспособи нивото на вежби во склад со тоа. Пред да почнете да се занимавате со кој било вид на вежбање задолжително консултирајте се со својот лекар. Практикувањето јога не бара поседување скапа опрема. Доволни ви се обична простирка за вежбање, покомотна облека и многу добра волја. Следејќи ги инструкциите кои сте ги добиле, можете да вежбате и дома во оние денови кога не одите на тренинг. Овде важи едноставното „економско“ правило: колку ќе вложите, толку ќе ви се врати. Ако посветите многу внимание и труд во вежбањето, резултатите ќе бидат далеку повидливи отколку кај оние кои имаат несериозен пристап.
Корист од вежбањето
Многу брзо по почетокот на вежбањето ќе ги видите првите ефекти. Со релаксирачките ефекти на умот и телото, јогата придонесува за правилно држење на телото, како и правилно дишење. Ова се работи кои многу од нас ги запоставуваат, а кои имаат големо влијание на нашето севкупно здравје. Зглобовите стануваат пофлексибилни, мускулите добиваат тонус и убаво издолжена форма карактеристична за елегантна функционалност. Вкупниот имунолошки систем на организмот станува поефикасен, се воспоставува правилен ритам на менување на сон и будна состојба, концентрацијата се зголемува, коските стануваат поцврсти (исклучително важно во превенција на остеопороза), хормонскиот статус се балансира. Јогата, исто така, влијае на отстранување на стресот и депресијата, го подобрува расположението, самоконтролата и комуникацијата со луѓето во околината.
Јогата како терапија
Поради своето повеќекратно благотворно дејство, вежбањето јога денес е сè почест дел од лекарските препораки во областа на здравствено превентивните методи. Одлични резултати се постигнуваат во примена на јога методата при работа со деца со посебни потреби. Исто така, многу позитивни ефекти јогата остварува и кога ја практикуваат припадниците на постарата генерација. Со поттикнување на креативноста јогата има влијание и на подобрување на работните способности, а често претставува дополнителен тренинг во текот на подготовките на врвните спортисти за натпреварувања.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци