Фармацевти
Контакт

<< Назад

МАНИФЕСТАЦИИ ВО АВГУСТ

август 1, 2018

Во Македонија во летниот период се одржуваат многубројни манифестации. За овој број на BETTY магазин за вас направивме избор од 6 настани кои се случуваат во август, па повелете имате можност да се почестите со здрава храна, поезија, сликарство, музика...

 

Ивана Коцевска

 

Берово

Малешевијата на дланка

Во пресрет на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица ‒ Голема Богородица на 28 Август, Берово станува најпосетено место во Малешевијата. Во организација на Општина Берово се одржува еден од најголемите фестивали на отворено во Македонија и пошироко ‒ Етно плоштад фестивал. Тие три дена додека трае Фестивалот, домаќините и посетителите можат да уживаат во звуците на музиката, како од Балканот, така и од многу земји од светот.

 

Општина Берово важи за едно од еколошки најчистите и најнезагадени подрачја во Македонија. Природата дарувала, а човекот на најдобар можен начин ги искористил тие благодети. Здравата, еколошка храна, произведена на традиционален начин е заштитен знак на Малешевијата. Сосема е логично тоа да се искористи, па во рамките на Фестивалот се организира интернационалниот саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, за прв пат организиран во ноември 2004 година. Целта е промоција на Берово како атрактивна дестинација за развој на алтернативниот туризам. На саемот ќе бидат изложени ракотворби, сувенири, резби, производи од волна, традиционална облека, ткаенини. На штандовите ќе доминираат медот и млечните производи, познатото беровско овчо сирење, еколошки сокови, оцет, џемови, компири, грав, тикви, јадења подготвени според  традиционални рецепти. Шаренилото од бои и богатството на производи на многубројните штандови му дава посебен дух на целиот плоштад.

 

Крушево

10 дена Крушевска Република

 

Крушево е идеално место за посета во лето. Градот сместен на 1250 метри надморска височина, токму во лето ќе ви ја даде свежината која толку недостига во големите градови. И токму на почетокот на август овде е најраздвижено, ќе ви кажат крушевчани, тогаш градот е најпосетен. Сè во чест на одбележувањето на 10 дена Крушевска Република, која во 1903 година траела само 10 дена и е најзначаен период од македонската историја. Затоа од 1967 година традиционално секоја година од 1 до 10 август се одржува манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.

 

Со пристигнувањето на илинденските коњаници и со кревањето на бајракот на Крушевската Република на Гумење на 1 август се означува почетокот на оваа манифестација. Манифестацијата е време за оддавање почит на сите знајни и незнајни херои. Во чест на илинденците и на големиот празник 2 Август симболично им се оддадена почит на јунаците и со огномет и пукање од топчето.

Манифестацијата трае до 10 август, свеченото затворање е со симнување на бајракот на Републиката и со почесна стрелба за хероите на Крушевската Република. Во тие десет дена се одржуваат низа културни манифестации. Оваа година ќе се одржи влашка вечер со музика, ќе има неколку театарски претстави, стенд ап комедија, настапи на реномирани музичари, ќе се организира турнир во фудбал со учество на клубот „Питу Гули“.

 

Охрид

Охридски пливачки маратон

 

Уште една убава локација за посета за месец август. Сепак, водата како да ни е неопходна во лето. По 32. пат на 25 август на Охридскиот пливачки маратон ќе учествуваат најдобрите пливачи. Патеката „Климе Савин“ долга е 30 километри и започнува од манастирот Свети Наум и завршува на Градското пристаниште во Охрид. Од година во година бројот на натпреврувачи се зголемува, пливачи од сите страни на светот пристигнуваат во Охрид. Маратонот и оваа година е дел од Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА). Во водите на Охридското Езеро ќе се натпреваруваат мажи и жени. За многумина од нив ова е најубав маратон, за што, секако, придонесува убавината на Охридското Езеро и брегот. Дали ќе ги бодрите пливачите на стартот кај Свети Наум или ќе ги пречекате на пристаништето останува на вас. Забавата и дружењето се загарантирани.

 

Струга

Струшки вечери на поезијата

 

Од 22 до 28 aвгуст 2018 година во Струга ќе се одржи најголемата светска поетска манифестација – Струшките вечери на поезијата. Традицијата е започната во 1962 година, а од 1965 година преминува во меѓународна. Во 1966 година Струшките вечери на поезијата започнуваат со доделувањето на најголемото признание во светот за поетско творештво „Златен венец“, кое до сега го добиле најмаркантните фигури на светската поезија.

 

Фестивалот започнува со садење дрво во „Паркот на поезијата“ во чест на годинешниот лауреат на „Златен венец“ и читање на безвременската „Т’га за југ“ од Константин Миладинов пред Центарот за култура. Традиционално вечерта следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“ на кое ќе настапат триесетина поети од странство и од земјата.

Името на Струшките вечери на поезијата е внесено во сите поетски карти на светот. Струшките вечери имаат непроценливо значајна мисија, секоја година се вистински празник како за градот, така и за сите вљубеници на поезијата.

 

Струмица

Меѓународна струмичка ликовна колонија

 

Годинава по 55. пат ќе се одржи Меѓународната струмичката ликовна колонија.  Во Македонија постојат многу ликовни колонии, но оваа се разликува по многу нешта.  Покрај сликарството, вајарството, графиката, овде веќе 23 години во посебно студио се работи и мозаик и досега се создадени преку 70 мозаици. Струмичката ликовна колонија нуди многу можности е единствена колонија во Македонија каде се негува оваа ликовна дисциплина. Авторите оставиле многубројни дела кои и ден-денеска живеат.

 

Меѓународната струмичка ликовна колонија се организира од 1964 година на иницијатива на познатиот сликар Кочо Урдин, а од 1969 прераснува во меѓународна манифестација. Се одржува секоја година од 1 до 20 август. На колонијата во просек учествуваат од 16 до 25 уметници од земјата и од странство. Секој уметник е должен да создаде две дела за време на колонијата. Тематски, уметниците не се ограничени.

Најдобрите дела се презентираат на 11 Септември – Денот на ослободување на Струмица од фашизмот. Потоа делата се презентираат во галериите низ целата држава. Најголемо достигање на Колонијата е нејзиното презентирање во Музејот за современа уметност во Истанбул.

 

Струмица

Слушај го срцето ‒ Струмица Опен Фестивал 2018

По седми пат од 10 до 19 август оваа година во Струмица ќе се одржи најголемата културно-уметничка, едукативна и забавна манифестација Струмица Опен Фест. Десет дена во август ќе бидат повторно резервирани за големи концерти на најдобрите и најактуелни музичари.

Ова е најголемиот и најуникатен open-air фестивал во Македонија. Струмица ќе ги активира своите уникатни сцени под отворено небо и по седми пат ќе овозможи гостување на најдобрите македонски, балкански и светски артисти, кои со своите хип хоп, рок, џез, класични, етно, поп или електронски звуци ќе го освојат целото ваше внимание. Годинава СОФ ќе го има најгласното, најмодерното и најразиграното издание. Послушајте го вашиот внатрешен глас и допуштете си нова летна авантура. Како и досега, сите настани на Фестивалот ќе бидат бесплатни за сите посетители.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>