Фармацевти
Контакт

<< Назад

РЕН

август 1, 2018

Здрав и лут

 

Armoracia  lapathifolia  Gilib. – рен

(Syn. Cochlearia armoracia L. )

(фамилија крстоцветни – Brassicaceae)

 

 

Ренот, според народното верување, е и средство кое заштитува од чувството на притисок, потиштеност, тегоби.

 

Автор проф. д-р Радиша Јанчиќ

Ова повеќегодишно растение со дебел, месест и разгранет корен, има исправено

стебленце, со висина од 15 до 125 см. Стебленцето во горниот дел е разгрането, аглесто и празно. Приземните листови се со долги дршки, со издолжен јајцевиден облик, при основата срцевидни, може да бидат долги и до еден метар. Листовите на стеблото се со кратки дршки или седечки, делени во резени или длабоко назабени. Цутовите се метличести, сложени од многубројни гроздови. Чашичните ливчиња се со обод со мембрана. Листовите на цветното венче се поставени накрсно, широко јајцевидни, бели. Плодот е топчеста лушпа. Цвета од мај до јули, расте по влажни места, а, исто така, и се одгледува.

 

Познат од дамнина

Според грчката митологија, во Делфи пророчниците му рекле на Аполон дека ренот во злато вреди онолку колку што изнесува тежината на неговиот корен. Го спомнува и Плиниј во делото „Историја на природата“, а во Помпеја е пронајдена слика од рен на еден мурал. Корисните својства на ренот очевидно биле добро познати во дамнешни времиња, а за него пишувале и Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон.

 

Го има во градините, но и во природата

Во нашите краеви се застапени два вида од овој род, A. lapathifolia (рен) е вид кој се одгледува во многу градини, а A. Macrocarpa расте диво во природата. Свеж корен се користи како додаток на јадења, но и како составен дел на одредени растителни препарати. Ренот се одгледува поради задебелениот месест корен, со бела до жолто-бела боја. Коренот се вади во есен, а можно е да се зачува во текот на целата зима во трап, закопан во песок. Доколку коренот не се вади на време, ренот може да стане инвазивно градинарско растение. Коренот кој не е изваден на време станува дрвенест и не е погоден за употреба во кујна, но може да се искористи за расадување нови растенија.

 

Зошто плачеме кога го рендаме?

Свежиот корен содржи гликозид синигрин, витамин Ц, минерални материи и др. Синигрин е супстанција која лесно се разложува при што се ослободува алилизосулфоцијанат. Ова е испарливо сулфурно етерично масло со лут мирис и вкус, кое ги дразни очите и предизвикува солзење при рендање на ренот. Етеричното масло од рен може да се добие со дестилација со помош на водена пареа.

 

Кои тегоби ги олеснува?

Разблажен сок од рен се употребува за испирање на устата и грлото, бидејќи има својство да смирува воспаленија. Изрендан корен од рен се употребува надворешно како средство за дразнење на кожата (ја подобрува периферната циркулација) кај ревматски болки, невралгии и смрзнатини.

 

Чест гостин на трпезата

Во кулинарството често се користи корен од рен, изваден во есен, суров, изрендан или ситно исечкан. Препознатлив е по својот лут вкус и остар мирис кој предизвикува солзење. Добар е прилог со печено или варено месо, а е задолжителен додаток со некои видови колбаси. Се додава на пикантни сосови, макала со мајонез, павлака и слично. Исто така, убаво оди со сарма од кисела зелка.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>