Како да истраете во остварување на целите
Питер Друкер, татко на модерниот менаџмент, рекол дека целите не се судбина, туку насока, не се наредба туку довогор, како и дека тие не ја одредуваат иднината, туку ја креираат со мобилизирање ресурси и работна енергија.
Автор м-р Весна Кнежевиќ
проф. по филозофија, логика и етика
„Никогаш не е доцна да бидете она што би можеле да бидете“, рекла англиската писателка Мери Ен Еванс, која под псевдонимот Џорџ Елиот се прославила со романот „Воденица на Флоса“. Но, за да ги остварите своите цели, потребна ви е движечка сила, комбинирана со вложување напор и насочени активности, што сè заедно претставува – мотивација.
Мотивацијата е оној внатрешен мотор кој нè води кон целта и нè тера да бидеме истрајни и да не потклекнеме пред препреките. Патот до целта е процес, често трнлив, а на нас е да ја откриеме и да ја изградиме силата на умот и телото за успешно да го поминеме. Бидејќи, и мотивацијата се гради! Може да се каже дека не постојот немотивирани луѓе, туку само оние кои не научиле како да се мотивираат.
Клучот на мотивацијата е самодовербата (ставот „јас го можам тоа“), организацијата и управувањето со времето. Добро мотивираната личност е како маратонец кој стигнува на целта. Лошо мотивираната личност нема јасна цел, сака успех преку ноќ и се откажува пред препреките. „Многу животни промашувања им се случуваат на луѓе кои не сфатиле колку биле блиску кога се откажале“, рекол пронаоѓачот Томас Едисон.
Облици на мотивација: Покрај мотивација која е во функција на опстанокот и преживувањето (исхрана и продолжување на видот), егзистираат и надворешна (екстринзична), внатрешна (интринзична) и идентификациска.
Надворешна: Кога нè придвижува добивањето награда или избегнувањето казна, зборуваме за надворешна мотивација. Извршување туѓи барања и задачи се препознава во односите на наставник и учител, родител и дете, шеф и работник. Активност на која сме наведени под влијание на авторитет, односно задачи од опкружувањето, ако е добронамерна и ефектна, со време се вградува во нашата личност, а комуникацијата помалку се заснова на авторитарност, а сè повеќе на соработка. Добар надворешен мотиватор не наредува и не се заканува со казни. Тој објаснува зошто и како нешто треба да се направи и дава насоки во процесот на мотивација.
Внатрешна: Кога сме дејствуваме од самите себе, го работиме она што нè интересира и нè исполнува, уживаме во процесот и без награда, тогаш станува збор за самомотивација или внатрешна мотивација. Пример за овој вид мотивираност се луѓето кои имаат различни хобија како што се моделари, колекционери, кои стремат кон совршеност и се радуваат на секој момент на стигнување до целта. Исто така, кога работиме работа која ја сакаме, која ни оди од рака и е по наша мера, внатрешната мотивација станува непресушно врело на идеи и работен елан. Американскиот претседател Теодор Рузвелт со причина велел: „Работете го она што го можете, каде и да сте, со она што го имате.“
Надворешната и внатрешната мотивација најчесто се преплетуваат. Мудар надворешен мотиватор, било да е учител, тренер или менаџер, умее да ја препознае самомотивацијата на ученикот, спортистот или работникот, да ја поддржи и да ја развие. Во трансферот на мотивација важен е и личниот пример.
Идентификациска: Како мисловни суштества склони сме да се идентификуваме со трајни вредности како што се одговорност, вистинољубивост, кои нè поттикнуваат да бидеме делотворни, дури и кога работната активност не ни носи уживање. Сатисфакцијата дека сме ја постигнале целта, сме учествувале во креирање нешто што ни помогнало нам, на нашето семејство или на други луѓе, може да биде доволна награда. Може да нè исполни волонтерска работа, чистење на природата, одбрана од поплави и слични работи.
Дефинирање и конкретизација: За да ја постигнеме целта, важно е да ја дефинираме. На пример, сакам да завршам факултет, ми треба подобра работа, сакам да основам семејство, или морам да го подобрам здравјето.
Кога ќе ја дефинирате крајната цел, мора да ја конкретизирате, односно да ја поделите на повеќе помали цели. Кога ќе одредите што сакате, не е доволно да се каже „сакам да дипломирам“, туку е потребно да се направи план за работа за секој семестар и година од студиите и да се придржувате кон него. Успешното планирање подразбира време за работа, т.е. учење, но и одмор.
Ако целта е подобра работа, тогаш е важно да се согледаат вештините кои би можеле да ги подобриме. Тоа може да биде дополнителна едукација, било да сте фризер (дизајн на нови фризури или модерно шишање) или програмер (учење нов програмски јазик). Со новостекнатото знаење и следење на трендовите во работата се стекнува поголема самодоверба во барањето нова работа.
Желбата да се основа семејство сигнализира да се запрашаме дали сме доволно активни, какви вредности очекуваме од партнерот и што можеме да поправиме кај себе. Проширете ги своите социјални активности, бидете отворени во комуникацијата, но и трпелив соговорник кој ги гледа и ги слуша луѓето околу себе.
Ако не сакате некои свои особини, работете на себе, читајте практични книги од областа на самопомош, зборувајте со луѓето како ве гледаат, угледајте се на оние чии особини ви се допаѓаат. Не е срамота да се учи од другите.
Ако како цел сте зацртале да го подобрите здравјето, одете на редовни контролни прегледи, занимавајте се со превентива, здрава исхрана и физичка активност. Сето тоа бара напор, но се исплати, бидејќи крајниот резултат е позитивен.
Извори на мотивација: Поврзете се подобро со луѓето, сослушајте ги и спроведувајте ги добронамерните и конструктивни совети. Вашата независност нема да биде нарушена ако оние кои ви се блиски знаат што ве мачи и имаат здрави сугестии како да решите некој проблем.
Бидете натпреварувачки настроени кога и да сте во можност. Чувството на успешност ја јакне самодовербата, не се срамете и не ги потценувајте пофалбите и наградите.
Секогаш работете на својата самостојност, научете да готвите, да возите автомобил, да направите мали поправки во домот. Дури и мали вештини придонесуваат за чувството дека сме успешни, но и го штедат времето кое можеме мудро да го искористиме за некоја активност која ни е важна за личен напредок.
Етички цели
Кога поставувате цел, трудете се да биде правилна. Вашата мотивација ќе биде поцврста и порадосна ако целта ви е етичка. Деструктивните цели се контрапродуктивни дури и кога ќе успеете во намерата, бидејќи не носат искрено признание од другите, ниту придонесуваат за личен позитивен развој.