Фармацевти
Контакт

<< Назад

СТАРОТО РЕНДЕ ДОБИВА НОВ ЖИВОТ

септември 1, 2018

Украсно, мирисно, корисно

 

Летото изминува, но тоа не значи дека не можеме уште да уживаме во неговите бои и мириси.

 

Автор Светлана Сушиќ

 

Расцветаните мирисливи ливади се едно од обележјата на летото. Тие со своето шаренило како и со изобилството на природни ароми дејствуваат смирувачки и ги опуштаат луѓето оптоварени со урбаните секојдневни брзања, бучава и стрес. Меѓутоа, немаме сите често можност да си дозволиме прошетка низ предели овековечени на платната на многу сликари. Тоа не значи дека мора да се откажеме од ова задоволство. Едноставно можеме дел од мирисливите ливади да донесеме во сопствениот дом, со малку труд, фантазија и снаодливост.

 

Букет на зид за мирислив дом

Ова решение освен што со своето шаренило и мирис ја носи природата во нашиот дом, има уште понекоја корисна функција. Доколку правилно ги избереме растенијата вклучени во букетот, тие ќе дејствуваат како природен репелент (босилек и лаванда) одбивајќи ги здодевните инсекти. Додатокот од зачински билки е прикладен доколку со овој украс го разубавите ѕидот во кујната, затоа што понекогаш е доволно само да се пружи рака, да се наберат неколку листови и да се даде посебен печат на своето кулинарско достигнување (без претурања по фиоките со зачини).

 

Нешто старо станува нешто сосема ново и поинакво

Помагалата во кујна имаат свој век на траење. Сепак, и кога ќе станат тапи и неупотребливи, ние сè уште не се откажуваме од нив, туку ги складираме во елементите во кујната каде заземаат простор и, всушност, не служат за ништо. Значи, пред првиот чекор отворете ги своите ормарчиња во кујната и побарајте го она ренде кое последен пат сте го користеле кон крајот на минатиот милениум.

 

Чекор 1

Наредете сè што ви е потребно за изработка на овој украс. Тоа се: старо ренде, украсна лента, ножички, разно свежо и суво цвеќе (купено или набрано од сопствено одгледување).

Чекор 2

Исечете ја лентата до должина доволно долга да го обвитка рендето така што ќе остане материјал за правење машнички. Потребни ви се две вакви парчиња лента, како и едно кое е доволно само за правење машнички.

Чекор 3

Обвиткајте го рендето со украсната лента и врзете машничка. Повторете ја постапката уште еднаш (рендето можете да го украсите и поинаку, препуштаме на вашата фантазија да остави ваш личен креативен печат. Боењето во некоја убава пастелна нијанса е една од можните опции, како и украсувањето со декупаж техника).

Чекор 4

Проверете дали е сè добро врзано и дали машничките се убаво израмнети.

Чекор 5

Свртете го рендето на страната спротивна од онаа на која се машничките и врзете уште една која ќе послужи за закачување на целиот аранжман за клинец на ѕидот, вратата или кујнскиот елемент.

Чекор 6

Проверете ги уште еднаш сите елементи и пристапете кон креирање цветен аранжман. Ова можете да го правите на работната маса, а можете и прво да го закачите рендето па потоа да го пополнувате со цвеќе (ова можеби е подобра опција за оние кои не може да замислат како тоа на крајот ќе изгледа туку мора веднаш да ја видат реалната ситуација). Потоа препуштете се на уживањето во својот сопствен мал дел од летото.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>