Фармацевти
Контакт

<< Назад

УЧИЛИШНИ УНИФОРМИ

септември 1, 2018

Предизвик за децата, креаторите, родителите и педагозите

 

Почетокот на секоја нова училишна година им носи на родителите неизбежни трошоци за набавка на нова детска облека и обувки. Дали училишните униформи се решение за овој како и за многу други проблеми?

 

Автор Милица Ѓокиќ

 

Појавувањето на поголема група луѓе еднообразно облечени секогаш има одреден ефект врз нашето внимание. Едноставно не е можно да останат незабележани. Во зависност од околностите, емоциите кои ваквата средба ги предизвикува може да бидат позитивни и негативни. Меѓутоа, глетката на деца во училишна униформа најчесто асоцира на одреден вид уреден систем и доверба. Во времињата кога овие категории недостигаат, ова е, секако, убава слика.

 

Со векови во употреба

Според некои историски записи, првите спомнувања на училишна униформа се однесуваат на 1222 година, кога во Англија од учениците на едно училиште се барало да доаѓаат на настава во облека од одреден тип. Сепак, повеќето историчари се согласуваат дека претставниците на училиштето Christ's Hospital, во англиското гратче Хоршама во Западен Сасекс, се во право кога тврдат дека нивните униформи се најстари на светот. Ова училиште е основано во 1552 година и се грижело за образованието на деца без родители, како и за оние чии родители биле со послаб имотен статус. Средствата за униформи се собирани од добротворни прилози, а синиот капут, жолтите чорапи и кожениот каиш до денес останале речиси непроменети делови од изгледот на учениците од ова училиште. Интересно е што според неодамнешната анкета дури 95 % од учениците на оваа установа не сакаат да се укине или да се измени овој вид на задолжително облекување. Чувството на гордост поради припадноста на една така долга традиција е повеќе од очигледно.

 

Шеширот како дел од униформата

Долго време носењето училишна униформа подразбирало и носење одреден вид капа или шешир. Можеби најпознат пример кој и денес е во употреба претставува шеширот од слама на главата на учениците на елитниот Хероу. Ова англиско училиште претставува сон за многу родители ширум планетава кои веруваат дека нивните деца одовде ќе имаат отворена врата кон успех и богатство. Во прилог на тоа верување оди и цела страница на Википедија посветена на прочуените ученици од ова училиште. Сите тие своевремено биле препознатливи по шеширите од слама кои учениците ги носат со задоволство и надвор од училишните активности. Сепак, училишните правила налагаат овој дел од униформата да не се носи кога надвор е ветровито. Се смета дека глетката на ученици кои трчаат по својот шешир носен од ветрот ќе има негативно влијание на вкупниот имиџ кој ова училиште го има во јавноста.

Итон, уште едно елитно англиско училиште, се откажало од шеширите во 1972 година, инаку до тогаш применувало со децении непроменети правила кога е во прашање изгледот на студентите. Културната револуција изведена во 50-тите и 60-тите со помош на гитара и засилувач успеала да го омекне тврдиот традиционализам.

 

Ширум планетава

Иако училишната униформа со задолжителен блејзер и вратоврска е незаобиколна асоцијација на англиските училишта, оваа пракса од 19 век станала составен дел на многу образовни системи. Од позиција на првите униформи наменети за оние кои немале што друго да носат, оваа облека го поминала патот до елитните училишта, чиј симбол била долго време, за да биде прифатена и во јавните училишта.

 

Учениците во Австралија во почетокот на 20 век биле облечени исто како и нивните врсници од Англија, единствено што во училиште доаѓале боси. Кратките панталони се подразбирале до 15 година од животот. По Втората светска војна австралиските училишта станале доста потолерантни кон училишната облека.

Америка ги прифатила униформите во приватните училишта пред повеќе од 100 години. Меѓутоа, дури пред 30-тина години тие почнуваат да се појавуваат и во јавните училишта, а вистински бум доживуваат во текот на 90-тите години од минатиот век. За нивната популарност, секако, придонела статистиката водена во одделни калифорниски установи. Се покажало дека воведувањето училишни униформи довело до значаен пад на дисциплинските прекршоци, стапката на криминал и сексуалните престапи. Моментно во САД помалку од 20% училишта пропишуваат задолжително носење униформи.

Јапонските училишта го прифатиле носењето униформи уште во 19 век. Ова е една од ретките земји чии ученици не се облечени во облека настаната под директно англиско влијание. Униформите за девојчиња биле изведени од морнарски униформи, додека момчињата биле облечени во облека инспирирана од изгледот на пруските воени униформи.

Кина дала свој печат на училишните униформи, а најчеста замерка на нивниот стил е недостигот на разлика помеѓу машката и женската облека. Во текот на последните години сè попопуларен стил е преземен од Јужна Кореја каде девојчињата носат вратоврска, сако и карирано здолниште, а момчињата одело и вратоврска.

 

Школската сина престилка

Сè до 80-тите години од минатиот век многу училишта во регионот пропишувале задолжително носење училишни престилки во текот на наставата во основните училишта. Нивниот дизајн бил адекватен на тогашното државно уредување, а придонесувале учениците да не изгледаат како да се од различни општествени слоеви. Социјалните разлики тогаш не биле толку многу изразени, но носењето престилки предизвикувало одреден вид бунт кај учениците.

 

Материјали, кроеви, убавина и практичност

Четирите фактори наведени во поднасловот претставуваат главен предизвик со кој се соочува секој креатор на училишна униформа во сегашниов момент. Материјалот од кој униформата е направена мора да биде издржлив, по можност природен. Моделите мора да бидат скроени така што ќе одговараат на различни типови градба (не смееме да ја заборавиме дебелината кај децата која е сè поголем проблем), покрај тоа децата мора да ја засакаат што значи дека би требало да има модерен, опуштен изглед. Практичноста се однесува на она што креаторите често го забораваат, а тоа е дека децата се, сепак, само деца. Тоа значи дека униформата мора да биде скроена така што ќе им дозволува скокање, играње, трчање, качување и сè останато што го прави детството толку убаво и возбудливо. Покрај тоа мора да биде приспособена и на сите годишни времиња. Вклопувањето на сите овие барања во широко прифатена комбинација на облека дефинитивно не е лесна задача.

 

За и против

Поборниците за училишни униформи истакнуваат дека тие го намалуваат трошокот на родителите, го јакнат чувството на припадност кон училиштето и поврзаноста со заедницата. Ова се сè аргументи, потпомогнати со сè почести предлози дека униформите би требало да бидат составени од вообичаени делови облека како што се фармерки, маици, дуксери или џемпери.

Оние кои се против униформите истакнуваат дека и набавката на униформи, исто така, е ставка во домашнот буџет која го намалува, со оглед на тоа дека се потребни најмалку два комплета со дополнителни парчиња гардероба за постудени денови. Што се однесува на намалување на социјалните разлики, децата денес статусот на своите родители го прикажуваат преку симболи како мобилни телефони и скапи патики. Дали училиштата се подготвени да ја забранат употребата на телефони во наставата и во униформата да ги вклучат и обувките? Она што е сигурно е дека училишните униформи не може да ги намалат тие разлики, тоа е далеку поопсежна задача која стои пред целото општество.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>