Фармацевти
Контакт

<< Назад

СКАЈ-СУРФИНГ

септември 1, 2018

Јавачи на небеските бранови

 

Постои краток временски период од скокањето од авион до спуштањето на тлото во кој е можно да се одржи илузијата за победа над гравитацијата. Секоја, дури и намала, грешка во тој процес има кобен крај. Тоа само ја засилува желбата за победа.

 

Автор Душко Шашиќ

 

Откога во 1966 година на киосците се појавил првиот број на стрипот за Сребрениот летач, генерации растеле сонувајќи за летањето на штица слична на онаа за јавање на бранови. Овој Марвелов трагичен јунак, излезен од фантазијата на неповторливиот сценарист Стен Лиј, како да ги предодредил судбините на многу спортисти кои со глава ја платиле својата смелост.

 

Први скај-сурфери

Во средината на осумдесеттите години од минатиот век скај-дајвингот бил доста проширена занимација помеѓу сите авантуристи на кои обичен скок од падобран не им носел доволна количина возбуда. Дополнителна адреналинска навала тие пронашле во колективните скокови во текот на кои скокачите во воздух правеле различни фигури поврзувајќи се со рацете. Ова барало посебни тренинзи и увежбаност, како и дополнителна количина смелост. Меѓутоа, како што обично се случува кај адреналинските зависници, и ова наскоро на некои од нив почнало да им е недоволно атрактивно.

 

Дваесет години по појавата на Сребрениот летач во светот на стриповите, во вистинскиот свет своите имиња во историјата на екстремниот спорт ги запишале двајца Французи, Доминик Жаке и Жан Паскал Орон. Тие смислиле како дополнително да се забавуваат така што скокот од авион ќе го изведат со штица прицврстена за стапалата. Првиот скок го извеле во летото 1986 г. Иновацијата ја прифатиле некои од пионерите на новите тенденции во скај-дајвингот, како фристај и фрифлајинг, а меѓу нив посебно место заземале Патрик де Гајарон и Џери Лофтис. Лофтис ја покренал и првата компанија за производство на опрема за скај-сурфинг. За жал, двајцата споменати пионери ги загубиле животите практикувајќи го овој спорт.

 

Опрема и техники

Штиците кои ги дизајнирал Лофтис, како и повеќето дизајнирани потоа, по големина се помали од оние кои ги користат јавачите на бранови. Со обликот потсетуваат на штица за сноу-бординг или на зголемен скејт-борд. Везовите се направени така што скијачот, во случај на загуба на контрола во воздухот, може да ја откачи штицата и вниманието да го насочи кон сопственото безбедно приземјување. Ова претставува и еден од безбедносните ризици на скај-сурфингот,  со оглед на тоа што откачената штица го продолжува својот пад без каква било контрола. Штицата поседува сопствен падобран кој го забавува нејзиниот пад, но дури и така претставува опасност за сите кои ќе ѝ се најдат на патот. Повеќето скај-сурфери ја отфрлаат штицата пред да се спуштат на тлото, иако некои од нив практикуваат спуштање со штица што е многу атрактивно за набљудувачите. Почетниците скокаат со помали штици, должина до две стапки, додека поискусните скијачи користат поголеми штици.

 

Кацигите на скокачот се опремени со висиномер која дава звучно предупредување во моментот кога е време за отворање на падобранот. Ова е неопходно како потсетник за скокачот дека, сепак, не умее да лета самостојно, и она што го гледаме на снимка како лет, всушност, е еден многу брз пад снимен од поинаква перспектива.

 

Да се совладаат вештините потребни за успешно јавање на небеските бранови не е ни малку едноставно. Самото одржување исправена положба додека стоите на штица со која заедно пропаѓате кон цврста подлога на нашата планета бара доста вежбање. Отпорот на воздухот константно се обидува да ве исфрли од таа положба, а дури и најфините движења на шаките може да ја пореметат рамнотежата која штотуку сте ја воспоставиле.

 

Понапредните техники подразбираат изведување свртувања, лупинг и имитирање хеликоптер. Со оглед на тоа што натпреварувачките скокови обично се изведуваат во пар, каде што вториот член на тимот обично е камерман кој ги овековечува моментите на победа над гравитацијата, ова претставува дополнителен ризик за безбедноста. Бројните свртувања кои се изведуваат во текот на акробаците во воздух поради центрифугалната сила доведуваат до струење на крвта кон шаките и стапалата. Скокачите се обидуваат да го спречат овој ефект така што пред скокот ги обвиткуваат екстремитетите со еластични ленти. Ова донекаде го ублажува овој ефект, но скоковите и понатаму го ставаат организмот на скокачот пред големи предизвици, а болката и опасноста се составен дел на овој спорт.

 

Златната доба на скај-сурфингот

Откако во почетокот на деведесеттите години во реклами за кока-кола се појавил Реј Палмер, прв австралиски скај-сурфер, индустријата на забава ги препознала потенцијалите на овој спорт за привлекување внимание кај гледачите. Натпреварувачкиот тим на скај-сурфери бил составен дел на ESPN X Games програмата од нејзиниот почеток во 1995 година. Втората половина на деведесеттите бил период кога гледачите ширум планетава со уживање ги следеле акробациите на бестрашните летачи. Во текот на шест сезони се снимени и емитувани повеќе од сто часа програма без и еден инцидент. Ѕвездата на шоуто, Трој Хартман, и денес е здрав и жив, а кај пошироката јавност останал запаметен како глумец на рекламата за Пепси од 1998 година. За разлика од него, Роб Харис, уште еден од трагичните пионери на овој спорт, не успеал да го преживее снимањето реклами за соковите Mountain Dew.

Кога скај-сурфингот е тргнат од програмата, неговата популарност почнала да опаѓа меѓу скокачите, меѓу другото и затоа што поискусните натпреварувачи или барем повеќето од нив, не покажувале премногу ентузијазам кога требало да ги едуцираат младите. Паралелно со тоа почнал порастот на популарноста на фри-флајингот, како и летањето со помош на посебно конструирани одела. Со ризици, кои се составен дел од скај-сурфингот, сето ова довело до одредено престанување на помасовно интересирање за овој спорт.

 

Натпреварувања

Првиот меѓународен шампионат е одржан пред дваесет и една година во Ефес, Турција. Овие меѓународни случувања и понатаму се организираат, а останатите позначајни натпреварувања вклучуваат американски и европски шампионати, ESPN X Games и SSI pro tour натпреварувања.

Тимот се состои од скокач и камерман. Резултатот е заеднички, со тоа што 75% од оценката ја носи изведбата на скокачот, а останатите 25 % се однесуваат на придонесот на камерманот.

 

Скај-сурфингот денес

Иако веќе не е во центарот на интересирањето на љубителите на екстремните спортови, скај-сурфингот има свои поклоници. Натпреварувања се одржуваат редовно, а на секои неколку години се појавува нова група на млади луѓе кои сакаат врвно возбудување. Им посакуваме успешно чекорење по небеските висини.

 

Сè уште во игра

Трој Хартман е еден од хероите на овој спорт кој имал среќа да ги преживее сите лудости кои овие храбри бунтовници против гравитацијата ги изведувале во своите најлуди години. Овој дипломиран инженер по аеронаутика ја започнал кариерата при воената авијација за од 1993 година да стане професионален скај-сурфер. Во текот на последните десетина години е посветен на изработка на сопствен дизајн на ранци на млазен погон. Бил и водител на MTV шоу програма посветена на видеозаписи со неверојатни подвизи. За потребите на оваа програма извел и премин од еден авион во летање во друг, како и скок со запален падобран.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>