Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY МАГАЗИН, ОКТОМВРИ 2018

октомври 1, 2018

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/09/intervju-mkd-oktobar-marija-serifovic.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]МАРИЈА ШЕРИФОВИЌ Родена за музика

 

Број 56, октомври 2018.Победничката на многу музички фестивали, меѓу останатите и на Евросонг, девојката со фантастични гласновни можности, со префинети емоции, понекогаш конфликтна, контроверзна, без влакна на јазикот, „паметна и луда“, сè во едно. Тоа е Марија Шерифовиќ. По летните големи концерти во Белград и Сараево, Марија зборува ексклузивно за BETTY.

 

Автор: Далибор Мрдиќ

 

BETTY: Одговарате ли на секој телефонски повик, порака?

МАРИЈА: Бројот од мојот телефон го имаат навистина малку луѓе, така што од оној момент кога ѕвони, сметам дека треба да се јавам. Оттаму и бројни ситуации кога телефонирам во текот на некое снимање и слично (се смее)... Ќе полудиме сите од телефоните некогаш.

 

BETTY: Зад Вас се големи концерти во Белградска арена, па на сараевскиот стадион Кошево кој за малку ќе го расипел дожд, но, сепак, е одржан со еден ден задоцнување. Како Ви изгледаат тие концерти од денешна дистанца?

МАРИЈА: Беше убаво. Веќе ги заборавивме тие облаци над Сараево кои нè натераа концертот од сабота да го поместиме во недела. Каде и да се најдам, се чувствувам како дома, затоа и концертот во Сараево носеше назив „Како дома“. Тоа е до луѓето, до нашата поврзаност. Концертите беа прекрасни. Тоа се концерти за луѓе кои уживаат во музиката со целото свое битие.

 

BETTY: Колку време Ви беше потребно да ги сумирате впечатоците после овие големи случувања?

МАРИЈА: Уф, па доста. Треба време да се наместат коцките, па од дистанца да погледате на тоа. Но, не смеете премногу да се занесувате. Треба да се оди понатаму.

 

BETTY: Некако се чини дека последниве години доста ги проретчивте настапите...

МАРИЈА: Дефинитивно не настапувам многу како во некој претходен период. Бирам и време и место каде ќе пеам. Секако, постојат градови во кои човек мора да оди иако немаат голема сала. Тоа е некој клуб од 300 или 500 места, сеедно и таа публика треба да ве слушне. Обично е подеднакво убаво како и на големите концерти.

 

BETTY: Како се одморате? Како после тие големи концерти ја враќате потрошената енергија?

МАРИЈА: Ако зборуваме за емотивна и психичка регенерација, јас навистина се трудам своето слободно време да го поминам изолирана од естрадата и таа моја работа. Мислам дека тоа е клучот. Кога не морам да работам, тогаш навистина ништо и не работам, го поминувам времето дома со семејството, со моето куче, гледам серии, филмови... Тоа е моето парче мир. Од друга страна, сакала-несакала, сама ја одбрав оваа работа, така што морам да бидам подготвена на сите предизвици кои таа со себе ги носи.

 

BETTY: Споменавте куче кое го обожавате. Дури еднаш рековте како својот живот го замислувате некаде на брег, во куќичка со многу кучиња...

МАРИЈА: Па, што има поубаво. Убедена сум, кога животните би имале можност да зборуваат, дека никој не би имал ни сопруг, ни жена, ни пријатели... Никого. Кучињата се идеални другари.

 

BETTY: Дали сте имале прилика навистина да побегнете од сè, или постојано е присутно тоа очекување од публиката да ја изненадите со некои нови песни?

МАРИЈА: Мислам дека тоа не би било фер кон публиката. Меѓутоа, некогаш и моите батерии доаѓаат на минимум, се вклучуваат црвени светла, биологијата ги пали – тоа е нормално и тогаш барам начин да се ресетирам. Сè уште тоа се кратки паузички, се надевам дека така и ќе остане.

 

BETTY: Последниве неколку песни кои ги објавивте се исклучиво балади. Дали е време за некоја песна со побрз ритам?

МАРИЈА: Дефинитивно не. Мислам дека публиката тоа не го очекува од мене, дека не им требам за тој вид музика. Уште од одамна се профилирав за музиката која денес ја изведувам, тоа е некој мој стил.

 

BETTY: На кој начин ги избирате песните кои ги снимате? Што е пресудно при изборот?

МАРИЈА: Мислам дека тоа е работа на моментот, или ќе ја почувствувам, или не. Сè е подеднакво важно, мелодија, текст, порака, емоција. Важно е да ја почувствувам песната. Со душата, телото, кожата, со што и да е...

 

BETTY: Дали некогаш е пресудно и кој е авторот?

МАРИЈА: Не, воопшто. Единствено е важно песната да има смисла, да се пронајдам во неа.

 

BETTY: Дали, како многу ваши колеги, сте изгубиле верба во албуми, со оглед дека веќе долго не сте објавиле комплетен ЦД, туку исклучиво синглови?

МАРИЈА: Не сум. Мојот последен албум излезе пред околу три години. Сметам дека на неколку години би требало да имам студиски албум, а во меѓувреме би требало да постојат синглови. Најголем проблем во целата таа приказна е фактот дека никој нема каде да испромовира албум. За тоа се виновни медиумите, кои трчаат по сензации. Сепак, мислам дека веќе следната година ќе објавам студиски албум на кој ќе се најдат сингловите кои сум ги објавила во последните три години, а и некои нови песни.

 

BETTY: Како денес, од дистанца, гледате на евровизискиот успех?

МАРИЈА: Искрено, јас на Евровизија не ни сакав да одам. „Молитва“ не сакав да ја снимам. Мене таа песна во почетокот воопшто не ми се допадна. Бев некако принудена да одам во студио и да ја отпеам. Успехот дојде потполно ненадејно. Никој не беше подготвен за сето тоа, ни моите соработници, ни јас, а ниту Србија. Меѓутоа, се случи, и тоа беше фантастичен момент.

 

BETTY: Имате ли некој таен рецепт за победа?

МАРИЈА: Немам (се смее). Јас верувам дека добрите работи се некаде зацртани.

 

BETTY: Но, се сеќавам, дека, по победата на Беовизија изјавивте како на Евросонг одите да победите...

МАРИЈА: Од оваа перспектива ќе ви кажам дека беше потешко да се победи на Беовизија, отколку на Евровизија. Тоа што пред 11 години се случуваше на Беовизија беше шоу-програма, во едно сосема поинакво значење на тој збор.

 

 

BETTY: Ви недостасуваат ли денес натпреварувачките фестивали?

МАРИЈА: Секако. Многу ми е жал што, еден по еден, полека згаснаа. Јас прва би се натпреварувала, барем на оние на кои не сум победила. Некако ми е глупаво повторно да се натпреварувам таму каде веќе сум победила.

 

BETTY: Како гледате на бројните натпреварувања на музичките таленти? Дури сте и во жири на еден од нив.

МАРИЈА: Што да правиме, таков народ сме. Сметаме дека тоа е најлесен пат да се стане познат. Затоа естрадата денес личи на тоа што личи. Обична зелка. Мој совет за родителите на тие деца, како прво, да не бидат лудо и безобразно амбициозни, затоа што најлошо е кога родителите по секоја цена сакаат детето да им стане познато. Како второ, треба да се најде начин да се провери дали нивното дете навистина е талентирано за музика, дали тоа дете со големи желби и големи соништа може да биде повредено кога од жирито ќе му соопштат дека можеби, сепак, и не е за таа работа.

 

BETTY: Од каде толкава желба сите да се занимаваат со музика?

МАРИЈА: Луѓето мислат дека на естрадата сè е супер. Дека нашиот живот е исполнет со патувања, забава, уживања. Често во некој град, во кој настапувам, ја гледам само концертната сала, аеродромот и собата во која сум сместена.

 

BETTY: Како гледате на популарните музички жанрови? Не сте размислувале да се обидете и во тоа?

МАРИЈА: Музиката еволуира, се менува, но сметам дека јас ќе си останам доследна на себеси, на она што го работам, што го сакам и што ми одговара. Никогаш нема да се приклонувам на некои моментални трендови, затоа што мислам дека тоа е чиста глупост.

 

BETTY: Како изгледаше Вашето растење? На што инсистираа родителите?

МАРИЈА: Пред сè – на школување. Основно училиште, па гимназија, паралелно со тоа нижо, а потоа средно музичко училиште... Факултетот го запишав, а не го завршив од проста причина што во тоа време околу мене се случуваше еден голем хаос. Беше тоа за време на мојот настап на Евровизија. Тоа ми е незавршена мисија, ама тој факт не ми пречи, дури и ако така остане засекогаш. Ако зборуваме за овие нови генерации, она што се случува денес и на улица и во училиштата е дијаметрално спротивно од моето детство. Страшно е што сè ни се случува. Не треба да ја гледаме вината во системот, ни во општеството, затоа што сè доаѓа од семејството.

 

BETTY: Како Вашата мајка Верица реагира на сè што ја следи Вашата кариера?

МАРИЈА: Верица е мајка во потполната смисла на зборот. Никогаш половична, секогаш целосно со мене. Нејзе секогаш најважно ѝ е да сум здрава. А и на мене (се смее).

 

 

BETTY: Многу млада станавте ѕвезда. Настапувавте на бројни концертни простори. Дали остана некоја неостварена желба на тој план?

МАРИЈА: Не сакам да зборувам за своите соништа. Не се плашам од тоа дека нема да се остварат ако некому ги кажам, туку просто така функционирам. До сега, сè што сум планирала се остварило. Фантазирам ноќе во тишина.

 

 

BETTY: Наоѓате ли време за читање?

МАРИЈА: Понекогаш. Читам електронски книги главно.

 

BETTY: Омилен автор Ви е....

МАРИЈА: Со оглед на тоа дека своевремено бев европски амбасадор на културата заедно со Паоло Коелјо, нека биде тој.

 

BETTY: Каква музика Марија сака да слуша приватно?

МАРИЈА: Не ја делам музиката по жанрови. Кога некој е уметник, кога е музичар, првенствено треба да се разбира во сите жанрови. Како второ – треба да ја сака музиката. Од сè по малку. Кога некој би погледнал што сè има на мојот уесбе-стик, што јас слушам во автомобил, веднаш би ме пратил во лудница. Тоа се и Витни Хјустон и Шабан Шаулиќ и Моцарт и .... Да не набројувам. Сè е работа на моментот и расположението.

 

BETTY: Што би била Марија да не е пејачка?

МАРИЈА: Јас сум апсолутен антиталент за што било друго. Кога бог одлучил да се родам, било потполно јасно со што ќе се занимавам. Тоа, на крајот, било и единствено возможно.

 

 

BETTY: Кога би можеле да го живеете живот од почеток, што би направиле поинаку?

МАРИЈА: Не сум од оние кои се каат поради нешто. Иако, со овој памет сигурно многу работи би ги направила поинаку.

 

 

BETTY: Кој Ваш стих најдобро Ве опишува?

МАРИЈА: Ќе ме засакаш најлоша, ќе ме добиеш најдобра...

 

[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/09/intervju-mkd-oktobar-marija-serifovic-app-1.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>