Јакнење на мускулите на грбот и стомакот, одржување нормална телесна тежина, движење, заштитни положби при изведување движења и останати мерки на претпазливост ја намалуваат можноста од појава на дискус хернија.
Анатомски гледано, меѓупрешленските дискови се состојат од желатинозно јадро богато со вода и периферен фиброзен прстен кој на дискот му дава цврстина. Под дејство на разни фактори како што се: стареење, генетски предиспозиции, оптоварување, неправилно држење на телото при подигање товар, ревма, воспалителни болести, а понекогаш и без јасно дефинирани причини, доаѓа до дегенерација на дискот и пукање на јадрото и прстенот.
Автор Јасна Петровиќ
Последици од оштетувања на меѓупрешленскиот диск
Најчести локации на кои доаѓа до дискус хернија се во лумбосакралниот дел во ниво L5 и S1 (околу две третини од вкупните случаи) и на вратниот дел од ’рбетот во нивоата C5-C6 и C6-C7. Како резултат на оштетување на дискот доаѓа до притисок на нервните корени што предизвикува симптоми како силна и упорна болка, трнење на екстремитетите и слабост на мускулите. Оштетувањата најчесто настануваат на задниот дел од дискот. Предните делови на дискот се ретко подложни на оштетување и често ваквите состојби поминуваат незабележително – т.н. „нема“ хернија.
Видови оштетувања
Протрузија на дискот е состојба во која надворешните слоеви на прстенот остануваат неповредени. Овој вид хернија може да се врати на свое место по што престануваат сите симтоми настанати при компресија на нервот. По пукање на прстенот на дискот доаѓа до пролапс кој може да биде подвижен и неподвижен. Методите на физикална терапија може да ги отстранат последиците од подвижно излизнување на содржината, меѓутоа, кај неподвижен пролапс доаѓа до одвојување на излизнатата содржина од самиот диск. Ова ткиво создава лузна сраснувајќи со околината и врши постојан притисок на внатешноста на ’рбетниот столб. До дополнително воспаление на нервот доведува хијалуронската киселина, состојка на желатинозното јадро.
Дијагностика
Објективен физикален преглед вклучува невролошки преглед и испитување на моториката, како и на нервната спроводливост. Рендгенското снимање има ограничени можности, но и понатаму игра улога во дополнителната дијагностика. Компјутеризираната томографија (CT) е многу точна метода која ја покажува состојбата на ’рбетниот столб и околните меки ткива. Магнетната резонантна томографија (MRT) дава 3Д слика на набљудуваниот сегмент на ’рбетот и дава многу сигурни информации за промените на дискот. Здружена со миелографија, радиолошка метода со контрастно снимање, дава прецизен приказ на оштетувањето. Исто така, се користат и специјализирани методи како дискографија и електромиографија.
Лекување
Конзервативното лекување е најчеста препорака, со тоа што лежење ретко се препишува на пациентите со дискус хернија. Симптоматското лекување се состои во примена на нестероидни аналгетици, антиревматици и лекови против мускулна спазма. Дополнителната терапија се состои од поддршка на регенерацијата на нервното ткиво со витамински препарати. Физикалната терапија е незаменлива, а сè почесто во употреба се и акупунктура и хиропрактика. Хируршките методи се применуваат само кога навистина е неопходно.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци