Фармацевти
Контакт

<< Назад

МАРКОВ МАНАСТИР

октомври 1, 2018

Скриен бисер кој чува непроценливо богатство

 

Во непосредна близина на Скопје, во питома природа, покрај брегот на Маркова Река, со векови опстојува Марковиот манастир, со црква посветена на светиот великомаченик Димитриј Мироточив.

 

Ивана Коцевска

Фото Влатко Петревски

 

Марковиот манастир се наоѓа на крајот на селото Сушица, на левиот брег на Маркова Река, на планината Китка, околу 20 км јужно од Скопје. Сместен во сликовит крајолик, опстојува со векови. Името го добил по Крале Марко и тоа е една од најголемите градби од периодот на неговото владеење која и денес е активна.

 

Манастирскиот комплекс е составен од добро сочувана манастирска црква од 14 век и отворен трем од 19 век, манастирски двор, две манастирски трпезарии фрескописани во 14 век, конаци со чардаци сместени околу црквата во облик на венец, параклис (помала црква посветена на св. Апостол Марко), музеј, галерија со икони и други простории, фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и многу стар млин кој е сочуван како спомен на времето кога житото се мелело на тој начин. Во комплексот се влегува низ масивна порта изработена од дрво.

Најголем објект во комплексот е манастирската црква посветена на св. Димитрија. Најважен сочуван документ во Марковиот манастир претставува натписот во црквата, над јужниот влез, кој дава податоци за обновата на манастирската црква и за нејзините ктитори. Од него дознаваме дека изградбата на црквата започнала во 1345 година, продолжила во времето на кралот Волкашин, а била завршена и целосно живописана во времето на неговиот син, кралот Марко, во 1366-1371 година. Од надворешната страна на црквата над влезната врата на јужниот ѕид се зачувани портретите на кралот Марко и на неговиот татко, кралот Волкашин, од обете страни на нишата во која во допојасна претстава е насликан патронот на црквата св. Димитрија. Кралевите Марко и Волкашин во рацете држат отворени свитоци, на кои се испишани текстови во кои се спомнуваат нивните имиња и ктиторскиот статус.

Основата на црквата е во форма на впишан крст во правоаголен простор, со купола над централниот дел, а се потпира врз четири камени столбa. Црквата е ѕидана со блокови делкан камен, со редови тули и со малтер. Фасадите се декорирани со слепи ниши.

 

Во 30-тите години на 19 век, на западната страна од црквата, е дограден отворен трем со парична помош на Турчинот Хамзи-паша, кој бил скопски заповедник. Легендата вели дека тој тргнал кон манастирот со намера да го извади оловниот покрив на црквата и да го претопи во куршуми. Но, заморен од долгиот пат во близина легнал да се одмори и заспал. Во сон видел војник облечен во златна одора кој јавал на коњ и го плашел со долго копје. Исплашен од сонот, пашата се прашувал кој е тој војник што сакал да го убие. Кога влегол во црквата и ја видел фреската на св. Димитриј го препознал војникот од сонот и веднаш се откажал од намерата. Наместо да го извади оловниот покрив, го обновил манастирот и на црквата и доградил трем.

 

Убавиот фрескоживопис

Фрескоживописот е дело на повеќе зографи со различна уметничка вештина. Тој е посебно убав, како на филмско платно во повеќе зони се редат сцените од животот на Пресвета Богородица, чудата и страдањата на Христос, дванаесетте големи празници, како и фрагменти од животот на свети Никола. Во првата зона се насликани светители во цел раст, меѓу кои, на северниот ѕид биле насликани и портретите на ктиторите. Меѓутоа, овие ликови се оштетени, па е тешко да се констатира што претставуваат. Втората зона ги опфаќа композициите што го илустрираат акатистот на св. Богородица, а другите зони животот, чудата и страдањата Христови, дванаесетте „Големи празници“, како и сцени од животот на св. Никола и патронот на црквата св. Димитрија. Сликарската вештина е изразена во ликот на свети Димитриј, насликан над влезот во црквата, на коњ, облечен во величествена одора. Свети Димитриј е Божји заштитник и чувар од непријатели и природни непогоди, благосилен од Христа Емануил, претставен со ангели, кои слетуваат на венец, носејќи ги шлемот, мечот, штитот, стрелата и оклопните ракавици на светецот.

 

 

Марковиот манастир е познат по фреската „Плачот на Рахила“, жена која го симболизира плачот на витлеемските мајки за убиените машки деца до двегодишна возраст од царот Ирод, кој сакајќи да го погуби Христос убива 14 000 младенци.

 

Улогата на Кирил Пејчиновиќ

Во овој манастир се одвивал интензивен монашки живот. Во текот на турското владеење имало 20 монаси. Во почетокот на 19 век игуменувал јеромонах Кирил Пејчиновиќ од с. Теарце, Тетовско, кој го развил во духовен центар. Го воведувал македонскиот народ во верата Христова, и го описменувал да пишува и чита на својот мајчин јазик. Кирил Пејчиновиќ во Марковиот манастир ја напишал неговата книга „Огледало“, а основал и училиште. По заминувањето на игуменот Кирил во 1818 година, манастирскиот живот е прекинат и манастирските поседи насилно се одземени и уништени, а фреските прекречени и повторно насликани. Денес, после детаљни работи на обнова на архитектурата на црквата и конзервација на фреските, Марковиот манастир го има својот некогашен репрезентативен изглед и претставува една од најдрагоцените културни знаменитости во Македонија.

 

Во добрите времиња манастирот бил економски многу богат со имот и стока. Во него имало големо културно-историско богатство: стари икони, стари ракописи и книги, многу црковни предмети и реликвии. Настапиле и тешки денови за манастирот: грабежи на икони и ракописи, на предмети со уметнички вредности, а не бил поштеден и од уривање и пожари. Од сè што било однесено, денес само еден мал дел се наоѓа во музејот на манастирот, а останатите работи се наоѓаат во библиотеките и музеите во Белград, Софија, Виена и Москва.

 

Марковиот манастир е скриен бисер кој чува непроценливо богатство. Ретко која православна црква може да се пофали дека поседува парче од марамата и појасот на Богородица или мошти од 33 најзначајни светци во христијанството, парче од крстот на кој бил распнат Исус. Сите тие реликвии се наоѓаат на постаментот околу иконата на мајката божја Богородица, која го дои Исус, и која освен во Марков манастир се наоѓа на само уште едно место во манастирот Хиландар на Света Гора.

Марковиот манастир и денес е активен а во него има женското монашко сестринство. Ова духовен центар е отворен за молитви, венчавки, крштевки. Литургискиот живот е обновен, и секој може во недела наутро и на празниците да присуствува на Божествена Литургија на соборна молитва.

 

Излетничко место

 

Локацијата на манастирот, близината на Маркова Река, скриен под крошните на дрвјата и  питомото опкружување го прават да биде едно од најпривлечните излетнички места во околината на Скопје. Енергијата која се чувствува овде е добредојдена за одмор, мир и спокојство. Ќе ве воодушеват шумските стази, прекриени со лековите растенија, низ кои додека чекорите и се качувате, постојано ќе ве следи длабока ладовина, опоен мирис и жуборот на реката. Манастирскиот комплекс е пријатно место за одмор, релаксација и душевен мир. Особено е посетен за 1 мај, кога водата од манастирскиот бунар е најслатка. Овде ќе создадете спомени кои долго ќе ги паметите, уживајќи во културно-историските знаменитости и убавини кои ги нуди ова волшебно место.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>