Колку пати однапред сте се откажале од некоја физичка активност само затоа што сметате дека не сте доволни вешти? Време е тоа да се промени.
Автор Марко Симиќ
Редовната физичка активност е неопходна за добро здравје и тоа е факт околу кој нема спор. Меѓутоа, кога ќе дојде време да избереме со што ќе се занимаваме во часовите посветени на рекреацијата, тогаш нештата почнуваат по малку да се комплицираат. Понекогаш ни се чини дека сето тоа е и премногу замрсено и дека нема да успееме да се вклопиме во строго дефинираните кореографии на движењата кои ги покажува тренерот. Стравот од неуспех во јавноста доведува до дополнителен пад на самодовербата и многу луѓе се откажуваат и пред воопшто да започнат. Секако дека тоа не е добар чекор, но е неопходно и некое решение на ваквата ситуација.
Настанокот на „bokwa“ тренингот
За сите наведени проблеми биле свесни Пол Мави, фитнес инструктор од Лос Анџелес и Јохан Верхим, презентер на фитнес програма на ТВ-мрежите. Со здружени сили тие во 2012 година на светот му претставија нов вид вежбање конципиран така што може да го вежбаат и оние кои за себе сметаат дека „имаат две леви нозе“. Во следната година сертификати за „bokwa“ инструктори добиле над 4000 тренери и „bokwa“ манијата започнала да се шири. Британија била прва на удар, а многу брзо „bokwa“ тренизните се рашириле во САД, а потоа и ширум планетава.
Каде е трикот?
Како и секогаш – во едноставноста. Фитнес програмите засновани на латино танци се исклучително забавни, но не се баш сите талентирани за брзо усвојување на чекорите во танцот. Во тој случај салса и самба почнуваат да личат на она игралиште со автомобилчиња на удирање. Затоа авторите осмислиле основни движења кои се засновани на испишување букви и бројки. Тоа е нешто што во основа секој може да го изведе со малку труд. На тоа подоцна, според способностите и афинитетите, се додаваат скокови, свртувања и разни други активности. Ваквата приспособливост им овозможува на вежбачите од различно ниво на старост, умешност и физичка подготовка да пронајдат оптимално ниво на тренинг за своите моментни потреби. За разлика од ригидно пропишаните кореографии кои не оставаат многу место за слободен стил, „bokwa“ нуди трошење калории на забавен начин кој едноставно ве тера повторно да се појавите на тренинг.
Што значи „bokwa“?
Името настанало со спојување на два поима: boxing и kwaito. Првиот се однесува на бокс, а вториот на музички и танцов стил популарен во јужна Африка. Меѓутоа, верзијата на „bokwa“ тренинг која се раширила на планетава нема многу врска со наведените поими. Боксерските движења речиси да не постојат, а елементите од kwaito танц ги исфрлил самиот автор на „bokwa“ тренингот, Пол Мави. Сметал дека се премногу комплицирани и отежнувачки фактор кој ја пореметува основната замисла за рекреација достапна секому.
Што е потребно за „bokwa“ тренинг?
Потребна е само добра волја, удобна спортска облека и обувки, музика, добро друштво, простор за вежбање и инструктор кој има доволно искуство да ве воведе во преубавиот свет на вежбањето. Се разбира дека пред секој почеток на занимавање со спорт и рекреација е неопходно да се консултирате со својот лекар за да се утврди нивото на оптоварување кое можете да си го дозволите. Придвижете се во ритамот на „bokwa“ тренингот, испишете нови страници во книгата на сопствени успеси.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци