Прекумерен внес на шеќер може да доведе до сериозни здравствени пореметувања, затоа е добро да се избегнува или барем неговата употреба да се сведе на најмала можна мера.
Автор: Билјана Божовиќ
Кога ќе споменеме здрав начин на исхрана, многумина од нас ќе се намуртат затоа што мислат дека тоа значи одрекување од уживање во слатките. Меѓутоа, тоа воопшто не мора да биде така. Здравата исхрана, пред сè, е добро урамнотежена на начин кој на нашиот организам му ги дава сите потребни нутриенти во доволна количина. Клучен збор овде претставува умереност во комбинација со физичка активност. Напоменуваме дека претерувањето, секако, не носи добри резултати дури иако се храните исклучително со здрави намирници. Поинаку кажано, важни се и квалитетот и квантитетот. Сè додека се држите до принципот да јадете редовно и во разумни количини, ќе можете во менито да ги задржите и слатките. Ние ви нудиме три проверени рецепти кои се подготвуваат без додаток на шеќер.
Чоколадни мафини
Состојки:
180 г црно чоколадо
200 г путер
2 јајца
2 лажици какао
мед или стевиа, по желба
Подготовка:
Црното чоколадо искршете го на поситни парчиња и стопете го на тивок оган. Додаде го путерот и соединете во хомогена смеса. Белките изматете ги пенесто, жолчките изматете ги со лажица мед (или стевиа по желба) и какао во прав, помешајте ги со белките, па во тоа додадете го стопеното чоколадо со лесно мешање. Печете во калапи за мафини во рерна загреана на 250° C.
Топчиња со кокос
Состојки:
2 јаболка
2 шолји овесни снегулки
2 портокала
1 шолја сушено овошје
1 лажица мед
кокосово брашно
Подготовка:
Јаболката излупете ги и изрендајте ги, помешајте ги со снегулките, исцедениот сок од портокал, ситно сечканото суво овошје и лажица мед. Помешајте додека не стане хомогено и оставете десетина минути да отстои. Од добиената смеса обликувајте топчиња и провалкајте ги во кокосово брашно. Оставете ги во фрижидер да се стегнат.
Пита од тиква
Состојки:
500 г кори за пита
600 г тиква
50 г ореви
50 г бадеми
100 г мед
5 лажици масло
Подготовка:
Тиквата исчистете ја и изрендајте ја, помешајте ја со ситно сечканите ореви и бадеми, додадете го медот и малку масло, па соединете ја смесата. Филуваните кори свиткајте ги и наредете ги во плех на кој сте ставиле хартија за печење. Ставете една кора како подлога и една врз наредените во ролна кори. Премачкајте со мала количина масло и печете во рерна загреана на 180° C. По вадење од рерната покријте со крпа и оставете да се излади.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци