Духовно светило на православието
На околу 15 километри од манастирот Св. Јован Бигорски, пред влезот во Дебар, буквално на самиот пат, во истоименото село се наоѓа манастирот Рајчица. Овој женски манастир е еден од најубавите македонски манастири, сместен во прекрасна природа, каде владеат спокојот и мирот. Без разлика дали ќе го посетите како попатна станица кон Охрид или намерно сте во посета, оваа убавина заслужува да се види.
Ивана Коцевска
Фотографии Влатко Петревски
Рајчица е мало село со само неколку жители. На само два километри од Дебар, на надморска висина од околу 700 метри, сместено на самиот брег на Дебарското Езеро, ова село има ни помалку ни повеќе туку четири цркви, вклучувајќи го и еден од најпознатите манастири кај нас ‒ Свети Георгиј Победоносец. Другите цркви, Свети Варвара, Свети Атанасија и Свети Димитриј, се сместени во трите маала на ова преубаво село. Сите цркви се изградени во почетокот на XVI век и опстанале до ден-денес.
Свети Георгиј Победоносец е женски манастир и е метох на познатиот и најбогатиот македонски манастир Свети Јован Бигорски. Метох значи манастир изграден во рамките на друг поголем манастир – како една гранка, како плод на поголем манастир. Се сметало дека ако во Бигорски битисуваат монаси, тогаш Рајчица била доделена во неа да бидат монахињите. Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век. Сепак, точната година на изградба на манастириските конаци е 1835, во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник. Како и Бигорскиот манастир, така и Рајчица е вистинско духовно светило, не само во Дебарско-кичевската епархија, туку и во целата Македонска православна црква. Молитвите на сестринството и нивната гостопримливост се вистински духовен дар за православниот народ и за сите поклоници.
Во манастирот се влегува низ големата двокрилна дрвена врата со тешки железни опкови, и малку подолу, долж уличето, низ малата врата која води директно во црквата. Храмот е изграден во вид на еднокорабна црква, зацврстена со пилистари во централниот дел, од каде се издигнува кубе со осмострана купола. На западниот дел има травеј со слепа кaлота на средината и полусводови од страните. Во храмот има резбан иконостас, изработен 1835 година, царски двери од XIX век, а на иконостасот се наоѓа крст со Распетието Христово во резба, кој потекнува од XVI век. Црквата била зографисана и живописана во периодот 1840-1852 година од зографот Михаил и монахот Данаил од Бигорскиот манастир, а додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.
Овде 179 години се чува дел од крстот на кој е распнат Исус Христос и на кој верниците традиционално му се поклонуваат, и дел од раката на свети Георгиj, кој пристигнува во манастирот во ноември 2003 година од Света Гора. Во манастирот се чуваат делови од моштите на
свети Јован Кукузел.
Сè до 1945 година овде опстојувало братство, кое било забрането од комунистичката власт, а манастирот бил претворен во коњушница. Од манастирските градби единствено црквата е сочувана во добра состојба, додека конаците со текот на годините пропаѓаат. Со иницијатива на архимандритот Партениј, под чие духовно раководство се наоѓа денес манастирот, со срдечната помош на многу добронамерници, почнува обнова на конаците. На 27 септември 1999 година, на празникот Крстовден, е поставен камен-темелник за изградба на нови конаци. Со осветувањето на конаците на 4 јуни 2001 година се создаваат услови за обнова на женското монаштво.
Во минатото овој манастир бил толку прекрасен и убав што го нарекувале и „Дворецот на св. Георгиј“. Функционирал како економски дел на Бигорскиот манастир, бил негов составен дел, а за богатството на манастирот говори и податокот дека на местото на денешното Дебарско Езеро порано имало река и пат и манастирот, всушност, бил издигнат над патот, а надолу под него се простирале големи насади со лозја. Монасите произведувале вино, ракија, имале плантажи со маслинки во Елбасан, Албанија. Функционирајќи заедно, двата манастира покрај економската големина биле уште посилни духовно.
Пренесување на моштите на свети Георгиј
Моштите на свети Георгиј потекнуваат од крајот на III и почетокот на IV век, кога тој се упокоил. Ги чувале во Света Гора неколку старци. Во едно време кај нив на гости дошол некој Ѓорѓи кој останал цела година. Бидејќи го носел името на Георгиј, старците решиле да му го подарат парчето од моштите, кој тој долго го чувал. Кога Ѓорѓи се замонашил, го добил името Епифаниј и бил испратен во Атина да служи како архимандрит во црквата во која служел и отецот на манастирот во Рајчица, игумениј Партениј, кому подоцна му ги подарил моштите. Моштите, парче од дланката на св. Георгиј, се вградени во „рака“ изработена од сребро, во еден дел е позлатена, а во предниот дел е украсена со циркони и со рубини. Интересно е што при целиот пат од Атина, преку Солун и Битола тие воопшто не мирисале. Но, после Дебар, на патот кон манастирот се почувствувала благопријатна миризба. Од моштите и денес се шири мирис, кој ја исполнува црквата со сладуњава арома.
Изработка на митри
Највпечатлив дел од облеката на православните свештеници и владики е митрата. Овие капи во облик на црква, со впечатливи силни бои, извезени со срма и златни жици и украсени со циркони, кристали или бисери, ги изработуваат рачно монахињите од Рајчица. Во тишина и низ постојани молитви, вредните раце на монахињите ги изработуваат уникатните митри со врвен квалитет. Создадените ремек-дела се барани и од православните цркви во светот. Инспирацијата ја добиваат од благодатта на Светиот дух – просветлението. Главно ја запазуваат традицијата, но има и слобода во креирањето на мотивите. Овие уметнички дела се издигаат далеку над занаетчиската вештина.
Монахињите се грижат за просветно мисионерската дејност на двата манастира, преку превод и издавање на книги и текстови со теолошка тематика. Во рамките на манастирот постои и зографска работилница, каде се сликаат свети икони, а сестрите се занимаваат и со шиење на мантии и други делови од монашката и свештеничката облека. Креативните монахињи изработуваат прекрасни Божиќни пештери, кои се наменети да ги заменат новогодишните елки во домовите, бидејќи се многу повеќе во духот на православието.
Празнувања
Слава на манастирот е Ѓурѓовден ‒ 6 мај, која е и селска слава на
Рајчица кога традиционално покрај
дебарчани, се присутни и гости од други градови во
Македонија. Свети Георгиј Победоносец го прославува и големиот православен празник Крстовден. Оваа манастирска слава е поврзана и со денот кога започнало возобновувањето на конаците. Симболиката е уште поголема, бидејќи, според преданието, токму на Крстовден биле поставени темелите на стариот претходен манастир.
Почувствувајте го посебниот ритам и смирувачката енергија што се шири од овој храм, вдишете го воздухот, приближете ѝ се на природата и прашајте ги скромните сестри за нешто што ве интересира – со задоволство ќе одговорат на вашите прашања.