Елегантни и практични
Некои детали во облеката едноставно одбиваат да излезат од мода и покрај промената на трендовите. Трегерите на таа листа заземаат важно место.
Автор: Милица Ѓокиќ
Без разлика дали е во прашање ситуација во која Џереми Скот на својата ревија за Москино на моделите им додели трегери кои потсетуваат на оние од прочуениот Барнамов циркус, или е тоа појавата на Гучи моделите кои наместо трегери имаат метални синџири, овој дел од облеката одамна престана да ја извршува само својата основна функција ‒ држење на панталоните да не паднат. Трегерите станаа дел од модниот стил, детаљ кој дава завршен печат на комбинацијата на облека и кој сведочи за смелоста и истенченоста на вашиот вкус. Сè уште во многу делови од светот се составен дел на облекувањето кога се во прашање оделата шиени по мерка за клиентите од високиот општествен статус, вклучувајќи ги тука и кралските семејства.
Како сè започнало?
Првите официјално забележани трегери се појавиле во 18 век во Франција. Во основа тоа, всушност, биле две платнени ленти закачени за панталони со помош на копчиња. Овој изум многу бргу тргнал во освојување на планетата, па останало запишано дека трегери носел и Бенџамин Френклин, еден од основачите на САД. Почетокот на 19 век во Британија бил обележан и со мода на носење панталони со висока половина. Каишот овде не бил од корист, а деловната прилика која се укажала ја искористил Алберт Тарстон. Неговите трегери на пазарот се појавиле по 1820 година и многу брзо станале познати по квалитетот на изработка. За панталоните се прицврстувале со помош на кожени јамки, а биле направени од густо предена овча волна. Компанијата која ги произведувала и денес успешно работи и наскоро ќе прослави два века постоење.
H, X или Y?
Првите трегери кои се појавиле имале попречна врска на грбот која ги спречувала да не паднат од рамењата. Овој дизајн е познат и како H трегери. Многу брзо се појавиле трегери кои се вкрстувале на грбот т.н. X дизајн, а од него излегла и Y варијанта. Сите три верзии и денес се користат, иако ако некого видите да има H трегери постои голема веројатност дека сте виделе американски пожарникар.
Дали трегерите се долна облека?
Во текот на целиот 19 век, како и почетокот на 20 век, покажувањето трегери во јавност се сметало за непристојно. Постои забележан обид за судска забрана насочена против одење со видливи трегери на јавно место, кој потекнува од Њујорк од 1938 година. Забраната е повлечена поради негодување на јавноста и трегерите го добиле своето право да излезат на светлото на денот. Во одредени, особено британски кругови на високото општество, меѓу адвокатите од повисока класа и слична популација, сè уште владее непишано правило за неприкажување на трегерите.
Интересно би било да се дознае што за сето тоа мислел познатиот писател Марк Твен. Тој под своето вистинско име, Семјуел Клеменс, ја поднел една од првите патентни пријави за трегери во САД. Неговиот изум, всушност, требало да ги замени трегерите затоа што според зборовите на авторот, бил многу попрактичен. Тоа, сепак, не се случило, а една од ретките битни промени во дизајнот која останала прифатена е воведување метални штипки наместо системот за закачување со помош на копчиња, патент прифатен петнаесет години по Клеменсовиот патент.
Материјали, димензии и правила
Веќе споменавме дека првите трегери се изработувани од волна и обработувани на посебен начин. И денес е можно да се набават, но се многу ретки и скапи. Револуција во изработката и достапноста на трегери донело откритието на вештачки влакна, особено рејон направен од целулоза. Со додаток на еластична гумена основа станало стандард во изработка на трегери. Што се однесува на димензиите, ширината на трегерите варирала во зависност од диктатот на модните трендови, а денес може да се сретнат апсолутно сите варијанти, од сосема тесни до многу широки.
Модерните времиња донеле легалитет дури и на кршењето на една од основните заповеди која владеела во светот на трегерите низ вековите: да не се носат заедно со каиш. Иако апсурдна од логична точка на гледиште, оваа модерна лудорија одвреме-навреме ќе се појави на улиците па ќе падне во заборав. Токму како што неодамна повторно стана популарна модата од почетокот на 80-тите години на минатиот век кога девојките оделе со трегери спуштени од рамењата. Иако некои модни критичари тоа го опишувале како сензуално, во суштина било подеднакво логички бесмислено.
Трегерите во поп-културата
Кога пред неколку години се пензионираше славниот водител Лари Кинг, ТВ-екраните останаа ускратени за една од најпрепознатливите јавни личности кои носеле трегери. Неговата колекција во тој момент броела околу 150 парчиња во разни бои. Многу години пред него трегери со задоволство носел и Хемфри Богарт, што им дало јак мачо призвук. Пред Богартовата популарност, трегерите веќе имале своја утврдена позиција во машките гардеробери, а во 1928 година извесен чикашки лекар ги препорачувал како средство во борба против дебелината. На крајот на осумдесеттите години Мајкл Даглас брилираше во улогата на Гордон Геко, а благодарение на филмот „Волстрит“ трегерите станаа симбол поврзан со берзанските „ајкули“. На музичката сцена во исто време веќе суверено владееше ненадминливата Ени Ленокс од „Јуритмикс“. Нејзиниот андроген изглед дополнително е засилен со трегери. Дајана Китон во улогата на Ени Хол во истоимениот филм, исто така, даде свој печат на употребата на трегери во женската мода во текот на седумдесеттите. Супкултурните британски движења, како модови или панк, секој на свој начин ги интегрирале трегерите во своите модни правила. Посебно препознатлива филмска улога трегерите одиграа како дел од костумите на Малком Мек Дауел во филмот
A Clockwork Orange. Трегерите се и составен дел од кловновската облека, што на некои деца им се допаѓа а на некои не. Модните креатори последните години наоѓаат инспирација во дваесеттите години на минатиот век, така што трегерите сè почесто ги гледаме на ревиите. Оттаму тие се селат на улиците, а меѓу најголемите фанови сигурно се генерации и генерации родители на кои трегерите им гарантираат дека децата нема да одат со гол грб.