Фармацевти
Контакт

<< Назад

Активни и во бременоста

април 3, 2017

Предраг Грујиќ

Некогаш се сметало дека идната мајка треба што повеќе да лежи и мирува и да избегнува секаква физичка активност. Денес трудницата која оди на редовни гинеколошки контроли и има уредни гинеколошки наоди и добра општа здравствена состојба може без страв да користи разни рекреативни, спортски активности. Секако, се подразбира дека ќе се консултира со лекар, а ќе вежба и ќе рекреира само онолку колку ѝ годи. Оној момент кога трудницата ќе забележи и ќе почувствува дека нешто не ѝ годи, дека нешто посебно ја заморува или ѝ нанесува болка, треба истиот момент да престане со таа активност. Исто така, без разлика дали идната мајка пред бременоста се занимавала активно со спорт или не, не треба да брза по резултати, туку да се рекреира и ужива.

Одење: Здравата трудница би требало да пешачи секој ден барем 30 минути со ритам кој најмногу ѝ одговара, така да не се задиши и да не изгуби здив. Шетање во природа или во парк е повеќекратно корисно и може да се прави до самото породување, доколку лекарот кој ја води бременоста не одлучи поинаку. Удобни патики за одење, повеќеслојна облека, шише со вода, се важни за овој вид рекреација. Треба да се избегнува носење чанта преку раце или на едно рамо и наместо тоа да се носи лесен ранец на грбот.

Пливање: Престојот во вода е релаксирачки, а пливањето без претеран напор повеќекратно е корисно како за идната мајка така и за бебето кое го носи. Се подразбира дека веднаш после престој во вода трудницата ќе го соблече мокриот костим за капење и ќе облече сув. Не се препорачува бањање во џакузи поради температурата на водата, како ни пливање во вода која има комплициран приод (брза река, стрмен брег) или е потенцијално загадена.

Вежби за дишење: Во бременоста вежбите за дишење најдобро е да се прават во група со други идни мајки кои ги води едуциран тренер. Вежбите за дишење вклучуваат и релаксација и обично се прават на грб, во лежечка положба, со лесно свиткани колена. Кога трудницата ќе ја совлада оваа техника на вдишување и издишување, тогаш може да ги вежба три пати на ден по три до пет минути, што се смета за корисна подготовка за породување.

Гимнастички вежби: Вежбањето е многу корисно во текот на бременоста, но не треба да се прави на своја рака, туку најдобро е да се вежба во рамките на некоја програма за трудници, со едуциран тренер.

Танц: Ако се избегнуваат акробатски танци и претерано брз ритам, танцот може да биде многу пријатна и радосна физичка активност, секако, ако тоа го одобри лекар и ако бременоста не се води како ризична.

Она што секако не се препорачува е потскокнување, скокање на една или две нозе, спортови кои бараат нагли и брзи движења (тенис), како ни групни спортови поради можни повреди.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>