Како да се ублажат најчестите пролетни тегобид-р Ивана Беговиќ-Лазаревиќ
спец. епидемиолог, Градски завод за јавно здравје Белград
Треба да се избегнува престој на отворено во текот на топлите а ветровити денови, како и после дожд. Се препорачува затворање на прозорците кога концентрацијата на полен е висока. Се препорачува носење очила за сонце, а облеката би требало да ја соблечете по престој на отворено
Алергијата е неправилен (хиперактивен) одговор на имунолошкиот систем на вообичаени материи кои нè опкружуваат и кои инаку не се штетни. Таквите материи се нарекуваат алергени. Организмот склон на алергиска реакција создава антитела, имуноглобулини IgE класа, кои при повторна средба со алергенот со помош на соодветни клетки доведуваат до ослободување хемиски супстанции (хистамин и други) кои се одговорни за појава на алергиски манифестации.
Видови алергени
Во зависност од начинот на кој стигнуваат во организмот, разликуваме неколку видови алергени: нутритивни, инхалациски и контактни.
Нутритивните алергени влегуваат во организмот преку храна (јајца, млеко, јагоди, кикиритки, ореви, риба, морски плодови, чоколадо, адитиви и конзерванси). Алергиските реакции се печење и оток на усните, очните капаци, јазикот, грлото, непцата, болки во стомакот, мака, повраќање и пролив. Може да се јават и промени на кожата во вид на уртикарија (копривна треска).
Инхалациските алергени може да потекнуваат од домашната средина (прашина, грини, мувла, влакна од домашни животни) или од надворешното опкружување (полен од трева, дрвја и плевели). Алергијата на респираторните алергени се манифестира со симптоми: јадеж во носот и зголемена воденикава секреција, кивање, отежнато дишење на нос, јадеж, печење, солзење и црвенило на очите (конјунктивитис), пореметен сон, замор.
Контактните алергени се обично латекс, неблагородни метали, сапун, омекнувач, локално примени медикаменти кои доведуваат до контактен дерматитис (црвенило, јадеж на кожата, исип, некогаш и меури). Постојат и алергии на каснување од инсекти (оса, стршен...) и на лекови (пеницилин и сродни антибиотици, ацетисалицилна киселина, анестетици..). Манифестациите на алергиските реакции може да бидат општи (реакција на целиот организам) или локални (еден орган или систем на органи). Во поглед на интензитетот, може да бидат благи, но и многу интензивни и драматични, кои понекогаш имаат и смртен исход (анафилактичен шок).
Предизвикувачи на алергии
На појавата на алергии, освен надворешните фактори (алергени), значително влијание имаат и наследните фактори (алергии кај родители или браќа и сестри). На склоност кон алергија влијаат бројни фактори: доење, ниво на витамин Д, користење антибиотици, пробиотици, изложеност на животни, аерозагадување, чад од цигари и др.
Алергиски ринитис
Алергиите се јавуваат кај 10-30 насто од жителите во развиените земји и се во постојан пораст. Една од најчестите алергии е алергискиот ринитис, кој се јавува во два различни вида: сезонски (интермитентен) ринитис и целогодишен (перзистентен) ринитис, иако е можна и комбинација од овие два облика.
Кај сезонскиот ринитис тегобите се јавуваат пократко од четири дена и траат вкупно пократко од четири недели. Главно е последица на дејството на поленот од трева, дрвја и плевел. Во рана фаза е присутна кивавица, јадеж во носот и засилена воденикава секреција, а во доцна фаза отежнато дишење на нос и понекогаш ослабено сетило за мирис. Повеќе од 40 насто од болните ги имаат и следниве симптоми: јадеж, печење, солзење и црвенило на очите. Дијагнозата на алергиски ринитис се поставува врз основа на клиничката слика, преглед, алерголошки кожни проби на инхалациски алергени и одредување вкупни и специфични антитела во серумот.
Лекување алергии
Основен принцип во лекување алергии е да се утврди кој алерген предизвикува пречки и по можност да се отстрани. Кога станува збор за сезонски ринитис, треба да се избегнува престој на отворено кога концентрацијата на полен во воздухот е особено голема, во текот на топли а ветровити денови, како и после дожд, во вечерните часови во текот на пролет и лето, а во утринските часови на крајот на летото и почетокот на есента, кога има најмногу полен од амброзија.
Се советува, исто така, прозорците во домот да бидат затворени кога концентрацијата на полен е голема и во автомобил за време на возење. Корисно е да се носат очила за да се заштитат очите, а се препорачува и туширање, миење на косата и менување облека по престој на отворено. Се препорачува и сушење облека во затворен простор.
Отстранување на симптомите
Терапијата ја одредува лекар во согласност во видот на алергија, возраста и состојбата на пациентот. Во отстранување на симптомите на алергиски ринитис се користат перорални неседирачки и интраназални антихистаминици и интраназални кортикостероиди. Пероралните неседирачки антихистаминици ефикасно ја отстрануваат кивавицата, јадежот во носот и ја намалуваат носната секреција, додека интраназалните антихистаминици се поефикасни во отстранување носна опструкција.
Медикаментите вообичаено се препишуваат две недели пред очекуваниот почеток на тегобите. Имунотерапијата (на база на хипосензибилизација на организмот, со постепено внесување мали дози алергени) е многу ефикасна во третманот на алергии, на подолго време ги отстранува тегобите и се препорачува на лица на кои претходно споменатата терапија не дала очекувани резултати.
Предиспозиција
Околу 30 насто од децата чиј еден родител страда од алергии, исто така, ќе имаат некој вид алергија, додека 70 насто од децата ќе развијат алергија доколку двата родитела страдаат од оваа болест. Алергиите почесто се јавуваат кај децата (особено на нутритивни алергени и лекови), а со растењето алергиите може и да исчезнат. Личноста која страда од еден вид алергија е предиспонирана да има алергиски реакции на повеќе алергени. Околу 20-40 насто од пациентите со алергиски ринитис имаат бронхијална астма, додека дури 70-90 насто од болните со астма имаат алергиски ринитис.
Календар на цветање на билките
Во април алергиски реакции може да предизвикаат листопадни дрвја како брест, јасен, топлола, врба, платан, бреза, орев и даб, па се препорачува избегнување паркови каде најмногу ги има. Тегоби во овој месец може да иницира и тревата, едногодишна и повеќегодишна, како и зимзелените дрвја бор, ела, туја, смрека и тиса, па престојот во шума и ливада е ризичен за лица кои се склони на пролетни, поленски алергии. Во април иницијатор на алергиски реакции може да биде и јоргован, како и тегавец.
Избегнување контакт со полен
Будењето на природата во пролет, формирањето листови на дрвјата, никнувањето на тревата и цветањето на билките кај чувствителните лица е извор на алергиски тегоби кои укажуваат на полесна алергија, за која најдобра терапија е комбинација на превентива и лекови кои ги одредува лекар. Тегобите и проблемите во текот на сезоната на цветање најдобро се ублажуваат со избегнување контакт со полен кога е најголема концентрацијата во воздух, а тоа е доцна попладне и навечер.