Терапија од природатаНаташа Филиповиќ
За разлика од „класичните“ алергии, кои се предизвикани од грини, полен, некои намирници и други алергени, алергијата на зима претставува реакција на студ. Стручњаците велат дека во зима е почеста од респираторните инфекции како настинка и грип, како и дека од некои облици на алергија на студ страдаат дури околу 70 % од луѓето постари од 25 години. Алергија на зимата се јавува во повеќе облици и има различни симптоми. Тест на студ обично се прави така што коцка мраз се фиксира со газа на подлактница и се држи 15 минути. Доколку лицето е алергично на студ, на местото на контактот се јавува црвенило, исип, оток или јадеж. Во поретки случаи реакцијата може да се јави и на други делови на телото, па се препорачува внимание при тестирање.
Зимска копривна треска: Ја предизвикува контакт со студени предмети, вода, воздух, снег. Многу брзо се јавува црвенило, исип кој чеша, а можат да се појават и пликови, најчесто на лицето и рацете, затоа што овие делови на телото се најмалку заштитени од студ. Во потешки случаи може да дојде и до отоци, пречки во дишењето, па во тој случај е потребна итна лекарска интервенција.
Зимски дерматитис: Се манифестира со сува кожа, создавање првут, црвенило, јадеж. Во превенција и санирање на зимскиот дерматитис помага нанесување на хидратантни креми пред изложување на студ, и мачкање на кожата со маслиново или некое друго масло.
Зимски ринитис: Симптоми на зимски ринитис се кивање, кашлање и течење на секрет од носот, кои престануваат кога лицето алергично на студ ќе влезе во топла просторија.
Зимски конјунктивитис: Се манифестира со чешање на окото, црвенило и солзење при контакт со студен воздух или во текот на лошо време (снег, ветер, дожд). Разговарајте со очен лекар или фармацевт за тоа кои капки за очи би ви помогнале. Ако надвор има веавица, користете ски-очила.
Во повеќето случаи алергиските реакции на студ не се опасни и престануваат релативно брзо, штом алергичното лице ќе се стопли и ќе се најде во загреана просторија. Алергија на студ не би требало да нè спречува некое време да поминеме надвор ниту да нè наведе на децата да им ги скратиме зимските радости, како мавање со топки и санкање. Доволно е, колку што е можно, да се избегнува престој на отворено кога е најладно (рано наутро и доцна навечер), добро да се затоплите, а главата и рацете да се заштитат со топол шал, капа и ракавици.
Во превенција и ублажување на алергиски тегоби кои ги предизвикува студот помага и здравата исхрана, богата со витамини и минерали (салати и супи од зеленчук, јаткасти плодови, сокови од свежо овошје, млечни производи, риба и пилешко), а и суплементација со витамин Ц и минерали, сето заедно го подига имунитетот и природната одбрана на нашиот организам од надворешните влијанија.