[vc_column width="1/1"]
Причини, симптоми и терапија
д-р Душица Јариќ, пулмолог
Симптомите на ринитис личат на настинка, но ако настинката трае повеќе од една недела, а се јавува секогаш во исто време од годината, најверојатно се работи за алергиски ринитис, па затоа треба да се води сметка кашлицата, отежнатото дишење, или свирењето во градите да не се протолкува како „лоша кондиција“, зашто овие симптоми можат да бидат и први знаци на новонастаната астма
Алергиската болест е една од најчестите незаразни болести и поради својата голема зачестеност се нарекува „епидемија на 21 век“. Епидемиолошките истражувања укажуваат дека околу 25% од вкупната светска популација боледува од некоја алергија. Утврдено е дека од 10 до 25% од луѓето имаат алергиска кивавица, како најчеста манифестација на алергиски болести.
Симптомите на ринитис наликуваат на настинка, но ако настинката трае подолго од една недела, а се јавува секогаш во исто време од годината, најверојатно се работи за алергиски ринитис. Најчесто се јавува кивање, обично повеќе пати едноподруго, течење на воденикав секрет од носот, оток на крвните садови, што болните го чувствуваат како затнатост на носот, понекогаш со губење на чувство за мирис.
Алергискиот ринитис ја намалува концентрацијата, предизвикува главоболка, влијае на работоспособноста и е причина за отсуство од училиште или од работа, и може значително да го намали квалитетот на живот. До 75% од возрасните со ринитис сметаат дека болеста им влијае на професионалниот живот. Често е придружен со други болести на горните дишни патишта, како што се воспаление на синуси, уво или со носна полипоза.
Причини за алергиски ринитис
Причини за алергиски ринитис се алергени, кои можат да бидат целогодишни или сезонски. Целогодишни алергени се најчесто состојките од домашната прашина, посебно грините кои живеат во неа, влакна од животни или мувла, кога алергискиот ринитис уште го нарекуваме перзистентен или траен ринитис. Сезонски алергени се поленот од дрвјата, тревата или плевелот. Облик на ринитис кој се јавува само во одредено време од годината го викаме сезонски алергиски ринитис.
Симптоми на алергиска кивавица
Симптоми на поленска кивавица се: напади на кивање проследени со воденикава, често обилна секреција од нос, отежнато дишење на нос, намалено чувство на мирис, чешање на носот често проследено со сврбење и солзење на очите. Кај ринитисот предизвикан од грини повеќе доминира отежнато дишење на нос и умерено чешање и кивање, кое се влошува во контакт со домашна прашина.
Со оглед на тоа дека алергиски ринитис е ризик-фактор за појава на астма, секогаш треба да се води сметка, кашлицата, отежнатото дишење или свирење во градите да не се протолкува како „лоша кондиција“, зашто, всушност, овие симптоми можат да бидат први знаци на новонастаната астма.
Лекување алергиски болести на дишни патишта
Лекувањето алергиски болести на дишните патишта опфаќа:
- мерка избегнување алерген
- фармаколошко лекување (соодветни лекови)
- специфична имунотерапија
Имунотерапија
Хипосензибилизација, односно имунотерапија, е еден вид „вакцина“ против причинителот алерген. Додека „вакцинацијата“ против заразни болести (грип, мали сипаници и др.) го поттикнува нашиот имунолошки систем да се бори против микроорганизмите, со алерген-специфична имунотерапија се обидуваме да ја намалиме реакцијата на имунолошкиот систем, т.е. со постојана примена на соодветна доза алергени создаваме „толеранција“ на алергенот причинител.
Бидејќи „класичната“ имунотерапија во вид на поткожни инјекции (слично на давање инсулин) била следена со силни кожни реакции (црвенило и оток на местото на ставање), а опишани се и системски несакани реакции со можност за настанување и анафилактичен шок, овој метод сè повеќе отстапува место на сублингвалната (под јазик) имунотерапија.
Сублингвална имунотерапија
Се користат поголеми дози од стандардизираните алергени што се применуваат во облик на капки кои се ставаат под јазик. Истражувањата покажуваат дека овој начин подеднакво е ефикасен како и „класична“ поткожна имунотерапија.
На кого му се препорачува имунотерапијата?
Имунотерапијата се препорачува на лица со алергиска кивавица кај кои болеста е недоволно регулирана со примена на лекови, покрај присуство на несакани ефекти од лековите, или кај оние кои не сакаат да се придржуваат кон терапијата.
Најдобри резултати се постигнуваат во лекување на поленска кивавица. Кај лицата алергични на повеќе видови полен резултатите се нешто послаби отколку во случаи на алергија на еден вид алерген.
Третманот започнува вон сезона на опрашувања и изложеност на алерген (крај на ноември – декември), а првите резултати се гледаат веќе првата година. Доколку третманот се покаже ефикасен, се продолжува по соодветна шема минимално 3, а најмногу 5 години. Посакуван ефект се одржува најмалку уште 3 години по прекинување на третманот.
Избегнување алергени
Избегнувањето алергени е базична постапка во лекување на алергиски ринитис. Кај полесни облици на ринитис се користат антихистаминици во облик на таблети, а кај потешки се користат и носни кортикостероидни спрејови. Со деконгестивна капки за нос треба да се внимава и да се користат само неколку денови на почетокот на болеста, поради тоа што може да се развие зависност во случаи на долготрајна примена па се јавува хронично оштетување на слузокожата на носот. Многу е важно да се консултираме со лекар и да се сослушаат и применат неговите совети за терапија и начин на живот.
Еве и неколку практични совети: Ако сте алергични на влакна од животно, треба да се избегнува чување на миленичиња. Ако не можете да се откажете од нив, тогаш, секако, треба почесто да ги бањате и чешлате. Кај алергија на домашна прашина помага често бришење на прашина со влажна ткаенина и вшмукување прашина, отстранување на тепих и предмети кои собираат прашина и грини, користење антиалергиски душеци и постелнини. Кога цветаат билките, на оние кои се алергични на полен им се советува помалку да се изложуваат, особено во утринските часови, кога концентрацијата на полен е најголема и кога треба да се избегнува и проветрување на станот. Со пораст на температурата, во текот на денот, се намалува и концентрацијата на полен.
Алергиска кивавица
Иако алергиската кивавица не е тешко заболување, таа значително влијае на квалитетот на животот, влијае на животната и работоспособноста. Алергиската кивавица е многу често здружена со алергиска астма, што упатува на концептот „еден дишен пат, една болест“. Според статистичките податоци, околу 70% од заболените од астма имаат алергиска кивавица, а 20-50% од лицата со алергиски ринитис имаат астма.