Фармацевти
Контакт

<< Назад

Алки

мај 10, 2016

За секоја приликаПочнувајќи од раѓањето, кога новороденчето во болница ќе добие алка со име и час на раѓање, нè следат во сите животни прилики, како обични  и секојдневни, така и во посебни и свечени, полни со спомени на убавите животни моменти, кога сме ги носеле, изгубиле и затуриле, или подариле...

 Историјата на носење алки е стара колку што е и човечкиот род. Ги носеле на рацете и жени и мажи, почнувајќи од зглобот на шаките па сè до рамениците, со тоа што самата позиција на алката имала одредено значење, од религиско и магиско, до друштвено и статусно. Без разлика дали се изработени од школки, каменчиња, коски, заби, дрво, семки или метал, алките во минатото имале и магиска функција за заштита од болести и разни несреќи, играјќи важна улога во различни ритуали и церемонии. Користени се и во размена, така што живописните парчиња се менувани за храна, па дури и робови.

Некогаш секоја алка имала заштитна и лична вредност за оној кој ја носел, а носени се од раѓање, симболизирајќи во текот на растењето и созревањето и важни животни ситуации, како што е влегување во пубертет, женење и мажење. Со алките се комуницирало, зашто врз основа на изработката и мотивот се ставала до знаење друштвената позиција на лицето кое ја носи или, пак, некоја намера.

Во стариот Египет алките се правени и од злато, сребро, обоено стакло и скапоцени камења, како аметист, опал и тиркиз, а најчесто користени симболи биле лотос, змија, сокол и окото на Хорус. Во античка Грција за изработка на алките често е користено сребро, симбол на чистота и нов почеток. На археолошките наоѓалишта во Микена се најдени примероци стари 3500 години, а во Троја од периодот од пред 4500 години.

Интересно е дека во 17 и 18 век постојат дури и книги кои на жените им препорачуваат кој накит се носи во која прилика, зашто се менуваат и трендовите и модата. На пример, по Француската револуција, скапоцените камења баш и не биле многу популарни за носење, а хит биле алки и друг накит украсен со ликови од хероите од Револуцијата. По Наполеоновото доаѓање на власт во мода доаѓаат мотиви од птици, животни, сфинги, пирамиди и палми.

Во средината на 20 век модата барала алката да биде во комплет со друг накит, ѓердан,  прстен и обетки, како што и чевлите и чантите морале да бидат изработени во иста боја и од ист материјал. Кон крајот на 20 век трендот на „комплети“ се губи, па не е грешка да се украсат рацете со пластични алки дури и со вечерна тоалета, или да се носат златни и бисерни алки со опуштена џинс гардероба. Хипи културата промовирала „етно“ алки, па милиони девојки ширум светот нижеле разнобојни бисери, семки, школки и каменчиња и ги носеле овие ракотворби како на рацете, така и на нозете.

Дваесет и првиот век носи нешто сосема ново, како паметни алки кои ги плаќаат сметките и имаат апликации за Фејсбук и Твитер, но се носи и сè друго, од скапоцени и уникатни, преку масивни и упадливи, до нежни, весели, пролетни, направени од свежо цвеќе.

И денес, како и пред многу илјади години, алката „зборува“ за лицето што ја носи. Раце накитени со тежок златен накит и преку ден и во секојдневни ситуации како што е одење во самопослуга, можат да бидат знак на фалење, немање вкус, но и несигурност. Од друга страна, весела бижутерија, која добро се вклопува со пролетна гардероба, остава впечаток дека жената има стил и храброст, ако, на пример, „измеша“ на раката различни алки во исто време, дрвени и пластични, со приврзоци или без.

Затоа што, кога се во прашање модерните алки, тренд е дека нема тренд. Се носат и стари, софистицирани од колекцијата накит на баба, но и гумени, со јаки бои, со втисната порака. Алките се и неми сведоци на нашето расположение и модните трендови и убавите животни моменти, па затоа кутијата за накит треба повремено да се отвори и со помош на алките кои сме ги заборавиле да се потсетиме на спомените врзани со времето кога не сме ги симнувале од рацете.

Фитнес алки
До неодамна, различните фитнес алки биле само добра идеја од научнофантастичните филмови и книги, за  денес да станат стварност. Многу се практични затоа што ги мерат чекорите и лесно се синхронизираат со паметните телефони. Се сметаат за добар „личен тренер“, затоа што мерат основни параметри на физичката активност и даваат сигнал кога ќе го засилите темпото, или да застанете и да се одморите. Можат да измерат колку километри сте поминале во текот на денот, како и да пресметате колку калории сте потрошиле. Убаво и едноставно се дизајнирани и работат на батерии. Понапредните модели ги мерат и отчукувањата на срцето, па знаат колкав ви е срцевиот пулс, минимален, максимален и просечен.

Опасни алки
Со алките некогаш треба да се биде внимателен, посебно ако ги користат децата. Стручњаците неодамна предупредиле дека во некои гумички и прибор за правење алки од гумички, кои се популарни меѓу децата, можат да се најдат и опасни хемикалии. При тестирање на случајно избрани пакети од примероци од гумички и прибор за правење, е откриено присуство на супстанцијата фталат, која се смета за штетна по човековото  здравје, а се користи за пластиката да биде поеластична. Стручњаците предупредуваат дека е опасно ако децата ја ставаат  алката од гума во уста, зашто на тој начин можат да ја внесат и оваа супстанција во организмот. Исто така, хемикалијата е опасна и доколку дојде во контакт со пот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>