Исхраната помага за решавање на проблемите
Рутинскиот преглед на крвната слика е доволен да се постави дијагноза и да се започне лекување или детето да се испрати на понатамошни испитувања кај хематолог.
Автор: д-р Радмила Косиќ, педијатар
Анемијата претставува намалена вредност на хемоглобинот или црвените крвни зрнца под вредностите кои се нормални за возраста и полот. Изразот се преведува како бескрвност. Иако анемијата може да биде со различен интензитет, и освен во случај на масивно крвавење, никогаш не остануваме без крв. Анемијата може да биде наследна (генетски грешки во градбата на хемоглобинот или во составот на мембраната на еритроцитите), минлива (во текот на болест со зголемена температура), а најчести се оние кои настануваат поради неправилна исхрана. Кај децата се најчести анемиите поради недостиг на железо. Лекарот во согласност со симптомите и анамнезата од исхраната на детето може да се посомнева на постоење анемија.
Улогата на хемоглобинот
Хемоглобин е сложена белковина во која централно место зазема железото. Тој им дава црвена боја на еритроцитите и има задача да го пренесува кислородот од дишните патишта до секоја клетка на нашиот организам. Кислородот е неопходен за дишење на клетките. Сложените процеси на согорување на глукозата ни даваат енергија за сите метаболистички процеси. Доколку нема доволно железо или црвени крвни зрнца, нема ни кислород за нашите клетки, ни енергија за нашето тело. Железото се ресорбира од храната во тенкото црево, во крвта се врзува за транспортните белковини и се чува во депоата од кои се ослободува. Црвените крвни зрнца се создаваат во коскената срцевина, имаат облик на крофни со дупче во средината, лесно се провлекуваат низ најситните крвни садови и ја снабдуваат секоја клетка со потребниот кислород.
Физиолошка анемија
Оваа состојба се јавува во првите месеци од животот. Најизразена е околу третиот месец. Еритроцитите имаат век на траење од 120 дена, потоа се разградуваат во слезината и во црниот дроб. Внесот на железото со храна е мал (најдобро се ресорбира железо од мајчиното млеко), коскената срж не произведува доволно еритроцити, а разградувањето тече непречено. Сето ова за резултат има пад на бројот на еритроцити и нивото на хемоглобин. Оваа анемија не се смета за патолошка состојба, не се лекува. Кај децата кои се хранат со мајчино млеко или адаптирани млечни формули не е потребен преглед на крвната слика во оваа возраст, ниту лекување на анемијата.
Најчеста анемија кај децата
Сидеропениска анемија – анемија поради намален внес на железо со храната, претставува најчест облик на анемија во детската возраст. Типична е за деца по шестиот месец од животот поради внесување помали количини месо и жолчки, а голем внес на млеко и млечни производи. Количината на железо во телото зависи само од внесот на храна. Детето се раѓа со околу 300 мг железо, не може да го создаде, може само да го впие од храната. Најдобар извор на железо се намирниците од животинско потекло. Кравјото млеко е сиромашно со железо, молекулите на белковините од млекото често го оштетуваат тенкото црево и можат да предизвикаат тешко забележителни крвавења. Сето ова уште повеќе ги намалува резервите на железо. Мајчиното млеко нема многу железо, но тоа добро се апсорбира. Во адаптираните млечни формули се додава железо. Затоа овие млека се единствена добра замена за мајчиното млеко. Со разновидна храна се советува детето да зема до 500 мл млеко. Не се советува истовремено земање месо, јајца и млечни производи – во текот на варењето на млекото железото се заробува и лошо се внесува во крвта.
Дијагностика
Дијагнозата се поставува по добивање на резултатите од крвната слика. Педијатарот треба детаљно да ги согледа навиките во видот и количината храна која детето секојдневно ја зема. Кај нас првиот, рутински преглед на крвна слика се прави на шест месеци, крв се вади од прстот на детето и тоа може да јаде пред земање на примерок. Кај постарите деца се сомневаме на анемија доколку детето има слаб апетит, блед тен и слузници слабо снабдени со крв, може да биде изнемоштено или раздразливо. Доколку анемијата трае подолго, организмот постепено се навикнува на помалку железо. Денес ретко гледаме тешки симптоми кои порано се припишувале на анемија. Потребно е да се контролира крвната слика еднаш годишно, во рамките на редовни систематски прегледи. Доколку во текот на болеста се забележи намалено ниво на хемоглобин, крвната слика треба да се повтори по излекувањето.
Лекувањето е ефикасно и едноставно
Доколку се исклучат други причини за анемија, се поставува дијагноза сидеропениска анемија која е далеку најчеста кај децата. Препарати од железо има во облик на сируп или таблети. Лекот се дозира според килограм телесна тежина и се зема обично еднаш дневно. По еден месец терапија се повторува крвната слика и се утврдува ефикасноста на тераписко-дијагностичкиот обид. Доколку вредноста на хемоглобинот се подобри за околу 10g/l, се продолжува со лекување во текот на наредните два месеци. Се смета дека така се пополнуваат резервите на железо во телото. Доколку очекуваниот пораст изостане, треба да се бара друга причина за појава на анемија. Препаратите од железо не се земаат во деновите кога детето има зголемена температура. За успех во лекувањето е подеднакво важна и корекцијата на исхраната. Помалку млеко и млечни производи, повеќе намирници од животинско потекло, доволно свежо овошје и зеленчук (витамините ја олеснуваат апсорпцијата на железото).
Превенција на анемијата
Ова е многу важен чекор во следењето на растот и развојот на секое дете. Лекувањето на анемијата кај трудницата е дел од превенцијата за анемија кај нејзиното бебе. Анемична мајка секогаш има анемично новороденче поради намалени резерви на железо кои ги пренесува во текот на бременоста. Доенчето треба да се храни со мајчино млеко или со адаптирани млечни формули, а немлечната храна се воведува помеѓу четвртиот и шестиот месец. Предвремено родените деца, близнаци и деца со крвавења од која било причина имаат голем ризик од анемија. Ним им се даваат превентивни дози од препаратите од железо со фолна киселина, дозата и должината на траење на терапијата ја одредува педијатар.