Опасна ако не се лекувад-р Јелена Стефановиќ
лекар по општа пракса, ЗЗЗЗР Железница Србија
Анемијата не треба да се игнорира, туку треба да се открие и да се лекува на време, бидејќи нелекуваната слабокрвност може да доведе до преоптоварување на срцето и срцеви тегоби, да има негативно влијание на менталните процеси и деменцијата и трајно да го наруши здравјето
Анемија или слабокрвност е состојба која ја карактеризира недостиг од хемоглобин, во чиј состав влегува железото. Хемоглобинот е главен функционален протеин на еритроцитите, односно црвените крвни зрнца и негова основна улога е пренесување на кислородот од белите дробови до сите ткива и органи во телото, како и пренесување на јаглерод диоксид од ткивата до белите дробови, па неговиот недостиг го оневозможува нормалното функционирање на организмот.
Симптоми
Во најчести симптоми на слабокрвност спаѓаат замор и чувство на изнемоштеност, намалена концентрација, губење на свеста, недостиг на воздух и забрзано дишење, забрзана срцева работа, бледило на кожата и видливите слузокожи, несоница, грчеви во нозете, суви и кршливи нокти.
Меѓутоа, некогаш симптомите се слаби и нејасни или се маскираат со симптоми на други заболувања, така што е можно анемијата долго да не се препознае. Откривањето и отстранувањето на предизвикувачите на анемијата е важно да започне што порано, бидејќи со соодветна терапија препишана од лекар се спречува влошување на постоечките симптоми и се превенираат можни компликации кои може сериозно да го нарушат здравјето.
Големиот број причини за намален број на еритроцити може да се поделат во три групи:
Зголемена загуба на крв: Може да биде акутна поради некоја операција или повреда, односно хронична како резултат на хемороиди, карцином на хранопровод, желудник или дебело црево, како и хронична употреба на антиревматици. Причини може да бидат и обилни менструални крвавења кај жени во генеративниот период, односно во полова зрелост, или кај одливи како резултат на хормонални промени во перименопауза.
Недоволно создавање еритроцити: Најчесто се јавува поради нутритивни дефицити на железо, витамин Б12, фолати, како резултат на намалено производство на еритропоетин кај болести на бубрезите, односно аплазија на коскената срцевина поради дејство на лекови, токсини или вируси.
Зголемено разорување на еритроцити: Може да биде во врска со болести на слезината, односно до оштетување на еритроцитите доаѓа поради автоимуни реакции и вродени дефекти во синтезата на хемоглобин.
Недостиг на железо
Поголем ризик од појава на анемија имаат категории луѓе со зголемени потреби за железо, како што се деца до третата година, жени со обилни менструални одливи, трудници, спортисти, постари болни со хронични болести или без нив, болни после операција на желудник, како и алкохоличари. Кај возрасните анемијата може да настане поради нередовна и неправилна исхрана, а проблемот може да се развие кај вегетаријанци поради недостиг на витамин Б12 во растителни намирници, односно кај лица на ригорозни диети. Причина може да бидат и хронични воспалителни болести на цревата, кои ја попречуваат апсорпцијата на железо, додека недостигот на внатрешен фактор на слузокожата на желудникот ја оневозможува ресорпцијата на витамин Б12.
Дијагноза и лекување
Пристапите во лекувањето се различни и зависат од предизвикувачите на анемијата, поради што по констатирање на анемија преку анамнеза многу е значајно да се открие нејзината причина.
Правило е прво да се одреди комплетна крвна слика за лекарот да ја види вредноста на еритроцитите, хемоглобинот и хематокритот (количина на еритроцити во циркулација). Со тоа се одредува и вредноста на железото, на трансферини и феритин во серумот. Феритин е најзначаен облик на депонирање на железо во организмот, па одредувањето на неговото ниво во крвта е одличен показател за резервата на железо. Ако со овие анализи не се утврди недостиг на железо, тогаш дополнително се одредува концентрацијата на витамин Б12 и фолна киселина. Доколку ни тогаш не се утврди причината за анемија, се прават дополнителни лабораториски анализи и пункција на коскената срцевина.
Исто така, ако се утврди постоење сидеропениска анемија кај жените, пациентката се упатува на гинеколошки и гастроентеролошки преглед, а мажите на гастроентеролошко и уролошко испитување.
Доколку постои крвавење од ГИТ, потребно е да се запре и да се отстрани причината за крвавење по оперативен пат. Кај жените со обилно менструално крвавење треба да се регулираат циклусите. Доколку причина е недостиг на витамин Б12 или фолна киселина, потребно е фолатите да се надоместат по перорален пат, а витамин Б12 интрамускулно по одреден режим.
Во случај на апластична анемија е неопходно да се отстрани лекот кој предизвикува стекнат облик од оваа анемија. Трансплантација на коскена срцевина е можна кај лица помлади од 40 години. Кај болни со хронична бубрежна инсуфициенција се надоместува недостигот од еритропоетини. Во случај на нагло губење крв, таа може да се надомести со трансфузија на концентрирани еритроцити.
Со оглед на тоа дека анемијата поради недостиг од железо (сидеропенична анемија) е нутритивна дефициенција, неопходно е првенствено да се надомести со соодветна исхрана, бидејќи правилната исхрана спречува анемија.
Внес на железо
Дневниот внес на железо најдобро е да се обезбеди од природни извори.
Железото најдобро се апсорбира од продукти од животинско потекло (хем-железо). Црвеното месо е добар извор на хемот кој влегува во состав на хемоглобинот. Во исхраната треба да биде застапено црвено месо, внатрешни органи, јајца, риба, зелен и лиснат зеленчук (брокули, спанаќ, зелје, мешунки), коприва и цвекло, јаткасто овошје и житни растенија од цело зрно. Исто така, намирниците богати со витамин Ц ја подобруваат апсорпцијата на железо. Поради тоа добро е исхраната да се збогати со салати од пиперки или свежа, односно кисела зелка, како и свежо цедени сокови од портокал, лимон и други цитруси.
За оптимална апсорпција на железото е важен и начинот на кој тоа се внесува, зашто некои продукти пречат во апсорпцијата. Треба да се избегнува храна богата со оксална киселина (сиров спанаќ или подготвен без млеко, чоколадо), храна и пијалаци богати со танини, како што се кафе, црн и зелен чај. Треба да се избегнува и истовремено внесување јаглехидрати, зашто тешко се варат и ја намалуваат апсорпцијата на Fe. Исто така, треба да се знае и дека некои од лековите ја намалуваат или неутрализираат желудочната киселина (блокатори на H2 рецептори), како и дека лековите кои ги врзуваат желудочните соли можат да ја намалат апсорпцијата на железо.
Суплементи
Доколку надополнувањето со железо со соодветна исхрана не е доволно, неопходно е лекување со суплементи од железо. Секако, изборот на суплементи, препишување на препорачаната дневна доза и времето на траење на терапијата би требало да се препушти на избраниот лекар или хематолог. Исто така, потребни се редовни контроли на крвната слика за да не дојде до преоптоварување од железо и несакани ефекти.
Несакани дејства од суплементите со железо се мачнина, пречки во варењето.
Несаканите дејства од овие суплементи се посебен проблем за лица со чир на желудник и гастрични тегоби.
Освен препорачана исхрана, важно е што повеќе движење на свеж воздух. Анемијата не треба да се игнорира, туку треба да се открие и да се лекува на време. Доколку не се лекува на време, може да доведе до преоптоварување на срцето, да предизвика срцеви тегоби и други тешки состојби во организмот. Анемијата може да ги отежне и менталните процеси и да предизвика деменција. Поради тоа треба да се сфати сериозно, пред сè, зашто кај слабокрвноста најмногу страда срцето и доколку таа состојба долго трае, симптомите се влошуваат и трајно го нарушуваат здравјето.