Фармацевти
Контакт

<< Назад

АНКСИОЗНОСТ

септември 29, 2015

[vc_column width="1/1"]

Кога стравот и немирот ĸе го оптоварат животот

Даниела Лазарова
клинички психолог и псохотерапевт
Военомедицинска академија

Анксиозноста е поврзана со функционирањето на човечкиот мозок и во текот на еволуцијата била дел од инстинктот за преживување. Карактеристична е за секое човечко суштество и се манифестира како страв, несигурност и немир. Во одредени ситуации е оправдана, но кога ќе се претвори во постојан сопатник со висок интензитет и траење, и не одговара на околностите, може да се претвори во анксиозно пореметување

Што се однесува на човековите расположенија, мисли и однесувања, анксиозноста може да го отежнува извршувањето на обврските во домот и на работа, како и социјалните вештини. Симптомите се: нервна напнатост, загриженост без видлива причина, чувство на беспомошност, дифузно чувство за негативен исход од случувањата, потешкотии при доверување (во комуникација со други луѓе) и друго. Обично доминантен проблем, всушност, е чувството на неможност да се избегнат и да се к онтролираат настаните.

Што го предизвикува анксиозното пореметување?
Се претпоставува дека луѓето се раѓаат со генетски предиспозиции за развој на анксиозни состојби. Сепак, водечка улога има начинот на кој детето е растено и средината во која се формирало. Со други зборови, за проблемот се значајни био-психо-социјалните аспекти на созревање на личноста.

Која е разликата помеѓу страв и анксиозност?
Стравот е поврзан за процена на стресната ситуација како закана, а анксиозноста – за процена на стресната ситуација како нешто што нанесува сериозна штета.

Кои се типовите на анксиозност?
Анксиозноста може да се преживува со долготрајни секојдневни симптоми, кои можат да го влошат целокупниот квалитет на живот и тоа е т.н. „хронична анксиозност“. Може да се искаже и во кратки, спорадични изливи и напади на паника, познати како „ненадејна анксиозност“. Анксиозноста може да биде во основа, или може да биде придружен симптом во многу други психички пореметувања. Може да се јави како последица на разни соматски болести, но и сама може да доведе до нивна појава.

Кои се симптомите?
Психолошки: Очекување, поврзано со страв, чувство на пропаст; поглед на актуелните случувања и на иднината ограничен со немир и мисли за нивниот исход; зголемена „будност“, човекот секогаш е претпазлив; чувство на нервоза и внатрешна напнатост; слаба концентрација итн.
Телесни: Напнатост во мускулите, чукање на срцето, главоболка, отежнато дишење, потење, треперење на екстремитетите или на телото, непријатност во стомакот, потешкотии во мокрењето или зачестеност, сува уста и друго. Понекогаш телесните манифестации се единствено што човекот го „забележува“. Во други случаи може да се зборува за маска на анксиозноста – кардиолошка, дигестивна.
Однесување: Непотребна вознемиреност, изразено психомоторно вознемирување, бурни реакции на стимуланси, променливо и импулсивно однесување итн.

Кој специјалист може да ја дијагностицира?
Обично првиот специјалист кој се сретнува со ваков проблем е лекарот од општа пракса. За жал, лошото познавање на оваа проблематика најчесто доведува до упатување на други специјалисти, како што се невролози и кардиолози. Многу често е потребно да се извршат голем број на прегледи и испитувања, додека не се дојде до заклучок дека станува збор за психосоматска симптоматика како резултат на зголемена анксиозност и дека се неопходни консултации со психолог и психијатар.

Во што се состои терапијата?
Во зависност од тежината на состојбата, постојат случаи кои бараат заедничка терапија на психијатар и психотерапевт. Не е секогаш нужно лекување со лекови одредени од психијатар. Психотерапијата се занимава со откривање на причинско-последичната врска на манифестираните физиолошки и емоционални симптоми со начинот на размислување на пациентот. Во пракса постојат три главни пристапи во терапијата на анксиозност:

Првиот пристап ја разгледува анксиозноста како болест која ја ослабила одбранбената сила на организмот. Лекувањето е насочено
кон контрола и елиминирање на мачните чувства и искуства (симптоми). Акцентот на тераписката интервенција е на употреба на лекови кои ја намалуваат или ја блокираат анксиозноста. Се очекува дека, така потпомогната, личната сила на пациентот ќе ја обнови претходната состојба на добро здравје.

Вториот пристап посветува повеќе внимание на самите симптоми на анксиозност. Овде акцентот е на „лошо научената лекција“: симптомите укажуваат на тоа дека поединецот ги владее трајните модели на снаоѓање, што, всушност, пречи на неговото добро адаптирање на средината. Терапијата е насочена кон корекција на тие погрешни шеми на однесување.

Третиот пристап има акцент на она што се наоѓа под симтомите: стравови, поврзани со сопствената реализација или со градење интимни врски; страв од напуштања; трауматски искуства; несвесни чувства (гнев, вина); тешка и неприфатлива претстава за самиот себе. Овде анксиозноста, пред сè, служи како „влезна врата“ за разбирање на несвесните ментални конфликти.

Независно од методите на лекување од исклучително значење е поддршката од семејството и пријателите.

Има ли „корист“ од анксиозноста?
Постоењето на анксиозност не мора да значи дека станува збор за ментално пореметување. Таа ги мобилизира ресурсите за снаоѓање во различни ситуации, подготвувајќи го човекот за средба со тешкотиите и неуспехот, се наоѓа во основа на разни креативни дела. Се појавува и како ориентир за внатрешната состојба и упатува сигнал за развојот на нашите врски со други луѓе. Односно, во своите непатолошки варијанти анксиозноста има значајна адаптивна функција. Анксиозноста не е наш непријател, кој чека да нè повреди. Таа е повеќе последица на нашето внатрешно незадоволство, а не е негова причина. Поради тоа важно е да се идентификува што ја причинува и ја одржува внатрешната непријатност, а не да се бориме со последиците во вид на анскиозност. Доколку човек живее во што похармонична внатрешна состојба, дотолку анксиозноста помалку ќе излегува од рамките на природната заштитна функција на организмот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>