Ивана Коцевска
Во Старата скопска чаршија, во тесните поплочени улички, меѓу дуќаните наредени еден до друг, се издвојуваат градби од османлиско време, кои и покрај многубројните пожари, земјотреси и други природни непогоди, му пркосат на времето и освојуваат со својата убавина. Нашиот предлог за овој месец се ановите: Куршумли ан, Сули ан и Капан ан, кои и покрај тоа што ја немаат првобитната функција на сараи функционални се и денес како места на средби, дружења и одржување културни настани
Куршумли ан ‒ најголемиот од поранешните карван-сараи
Во непосредна близина на денешниот комплекс на Музеите на Македонија, во некогашната железарска чаршија, се наоѓа Куршумли ан, најинтересна и најзначајна градба на исламската световна архитектура, не само во нашава земја, туку и на Балканот.
Името Куршумли ан го добил бидејќи некогаш бил покриен со олово. Се претпоставува дека бил изграден во 1540 година, со намена за одмор и сместување на патници, трговци и карвани.
Оваа импозантна градба според пропорциите по својот внатрешен и надворешен изглед не се разликува од другите карван-сараи градени во тогашните исламски метрополи. Ѕидан е на византиски начин, со редење на камен и тули и со високо подигнати прозорци.
Куршумли ан во основата има облик на два поврзани квадрати. Првиот, централен дел, низ кој се влегува од главната порта, има голем двор со шедрван во средината. Во приземјето некогаш се наоѓале складишта за стока. Внатрешноста е извонредна, во неа преовладува чудесна тишина, а поради начинот на изградба се создава ефект на ехо. На катот имало 29 соби за сместување и одмор на гостите.
Куршумли ан во текот на постоењето повеќе пати ја менувал својата функција. Како ан бил користен сè до 1787 година, кога бил претворен во злогласен затвор. Повторно е ан во периодот меѓу 1904 и 1912 година, а од пред Втората светска војна во него е сместен лапидариумот на Археолошкиот музеј. За време на земјотресот од 1963 година Куршумли ан не претрпел тешки оштетувања, но бил целосно реставриран.
Куршумли ан заедно со Казанџилер џамија и Ѓулчилер амам ја сочинувале исламската тројка во Чаршијата. Всушност, тој претставувал централен објект на оваа тројка и единствен кој му одолеал на времето.
Во овој прекрасен амбиент во летниот период се одвиваат културни манифестации и фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Во топлите летни вечери, атмосферата што се создава под отворено небо е извонредна, па Куршумли ан е сместен на четвртото место од 15 предлози, како една од најубавите киносали.
Сули ан ‒ градски конак денес галерија и музеј
Сули ан е изграден во првата половина на 15 век, а името „Сули ан“, кое во превод од
турски значи „воден ан“, го добива подоцна, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на реката Серава.Негов ктитор бил Исхак-бег, војвода и командант на Скопското краиште.
Сули ан е сместен во внатрешноста на
Старата скопска чаршија, помеѓу улиците Белградска и Битпазарска, двете најфреквентни комуникации во Чаршијата, во непосредна близина на
Чифте амам и
Мурат-пашината џамија. Заедно со овие два објекта ја сочинува единствената постојна „исламска тројка“ на територијата на чаршијата и во Скопје воопшто.
Сули ан бил градски ан кој служел за сместување и престој на патниците и трговците со нивните карвани. Според обликот сличен е на поголемиот
Куршумли ан, граден е на ист начин како и останатите карван-сараи, со делкан камен, редови тули и слоевит малтер. Се состои од приземје и кат со масивни ѕидови и
сводови. Приземјето служело за чување на стоката, додека патниците и трговците преноќувале на катот.
Во XVI век долниот и горниот кат биле претворени во дуќани, најчесто сопственост на Евреи. Објектот тешко настрадал во големиот пожар во 1689 година. Подоцна бил обновен и повторно бил користен за трговска дејност. Од крајот на XIX и почетокот на XX век служел како магацин и живеалиште. По оштетувањата од земјотресот во 1963 година Сули ан целосно е обновен во 1972 година. Во Сули ан денес се сместени
Ликовната академија и
Музејот на Старата скопска чаршија.
Постојната музејска изложба на Музејот на Старата скопска чаршија, иако мала по обем, вреди да се посети. Таа ја претставува историјата на Старата скопска чаршија и вредностите кои произлегле од неа од 11-12 век до денес. Се состои од археолошки дел, кој ги презентира предметите добиени со археолошките истражувања на Чаршијата и во Скопското кале од средниот век до османлискиот период. Изложени се монети и керамички предмети, со што се добива слика за животот во Чаршијата и претстава за разновидната трговска и културна испреплетеност на овој простор. Во етнолошкиот дел се презентира животот во Чаршијата преку најдоминантните професии, со акцент на повеќе занаети. Во историскиот дел се изложени фотографии, карти и планови, од основањето, развојот и животот на Чаршијата. Со посета на Музејот ќе се запознаете со културното богатство, богатата историја и функционирањето на Чаршијата низ вековите.
Капан ан – некогаш преноќиште за трговци и патници-намерници, денес може да уживате во храна, чај и наргиле
Во центарот на денешнава Стара скопска чаршија, обиколен од сите страни со дуќани, нанижани како гроздови на неговите монументални ѕидови, се наоѓа Капан ан ‒ еден од најпознатите некогашни карван-сараи во Скопје, а денес монументален споменик на исламската световна архитектура и комплекс на дуќани, галерии, кафеани и деловни канцеларии.
Изграден е во втората половина на XV век и е еден од најстарите карван-сараи во Скопје. Негов градител е турскиот војсководец Иса-бег, син на познатиот легатор Исхак-бег. Во првите векови од своето постоење бил ноќевалиште на трговци и патници дури и од најоддалечени места. Како ан функционирал сè до Втората светска војна. По својата архитектура е многу сличен на Сули ан и Куршумли ан. Се издвојува со својата монументалност, едноставност и убавина, како и со складните архитектонски форми. Граден е од делкани камени блокови и наизменични редови тули врзани со малтер.
Анот е со правоаголна градба, однадвор целосно затворена, со голем квадратен двор во средината. Во средината на дворот се наоѓа шадрван од камен. Просторот околу Капан ан се нарекувал Капан чаршија, а чешмата пред анот капан чешма, една од најпознатите јавни чешми во Старата чаршија, урната по Втората светска војна.
Капан ан е тип на градски ан. Анот има два влеза, приземје и кат. Има вкупно 44 простории кои служеле за сместување на патниците и трговците со нивните карвани. Заедно со дуќаните што се подигнати околу него претставува посебен комплекс. Името Капан ан го добил од арапскиот збор кабан и означува голема терезија ‒ јавен кантар на кој се мерела трговската стока на големо. Јавниот кантар се поставувал во дворот на анот, а за тримарењето на стоката се наплатувала такса ‒ кантарина.
Настрадал во земјотресот од 1555 година и пожарот од 1689 година. По земјотресот во 1963 година бил претворен во урнатини, сè до 1971 година кога се пристапило кон обнова која траела 3 години. Анот повторно оживеал, а во него се сместени повеќе занаетчиски дуќани, меани и деловни простории, па така објектот со голема историска и архитектонска вредност повторно се вклучи во животот на Чаршијата.