Фармацевти
Контакт

<< Назад

АНТИБИОТИЦИ

април 1, 2019

Моќни слуги и опасни господари

 

Овие лекови внесоа револуционерна промена во медицината, а заедно со масовната вакцинација придонесоа за успешно лекување и искоренување на многу болести.

 

Автор: д-р Радмила Косиќ

 

Антибиотиците се лекови кои го уништуваат, го запираат растот или разможувањето на некои микроорганизми (бактерии, протозои или габички). За антибиотикот да биде делотворен, потребно е да биде смртоносен за предизвикувачите на болести, со максимална безбедност за нашиот организам. Без разлика на дозата, хемискиот состав и начинот на земање, секој антибиотик поминува низ крвотокот, се преработува во црниот дроб, се излачува најчесто преку бубрезите. Без разлика на тоа колку би биле сигурни за употребата, треба да ги користиме само тогаш кога предизвикувачот на болеста е препознаен и докажан како микроорганизам чувствителен на тој вид лек. Антибиотиците треба да се користат само по препорака на лекар, продажба без лекарски рецепт е забранета.

 

Револуционерно откритие

Историјата на пронаоѓање на антибиотикот обично се поврзува со откривањето на пеницилинот и со случајното забележување дека засеаните бактериски култури пропаѓаат околу колониите габички од родот Penicillium. Британските истражувачи уште кон крајот на 19 век објавиле дека присуството на мувла ефикасно го запира растот на бактерии, но нивото на научни докази и масовното производство на пеницилин безбеден по здравјето морале да го почекаат завршувањето на Втората светска војна. Првиот успешно излекуван пациент бил заболен од бетахемолитична стрептокока, која во тоа време предизвикувала смртоносни болести. До 1944 година  фармацевтската индустрија произвела над 300 милијарди единици пеницилин кои се ставени на располагање на американската војска како дел од подготовките за истоварување во Нормандија. Несомнено е дека овој лек одиграл значајна улога во намалување на смртноста во текот и непосредно по војната.

 

Микроорганизмите го возвраќаат ударот

Од овие историски почетоци на производство и употреба се забрзал развојот на фармацевтската индустрија преку пронаоѓање голем број нови видови антибиотици кои брзо влегувале во масовна употреба. Се чинело дека науката ја победила природата, како да сите предизвикувачи на болести ќе отстапат пред моќното оружје, лек кој лесно се препишувал на рецепт и кој бил достапен во најзаостанатите делови од светот. Лекарите се чувствувале сигурно со новите лекови, а пациентите задолжително биле изненадени ако при одење на лекар не добивале рецепт за антибиотик. Така сме се навикнале дека кашлицата може да се спушти на белите дробови, густиот секрет од носот да премине во синузитис, кивањето обично преминува во ушите... Сите овие можни компликации треба да се спречат со земање антибиотици, затоа што што е сигурно, сигурно е! Ефикасноста и достапноста на антибиотиците доведоа до прекумерна нивна употреба во медицината и ветерината. Бактериите се хранат така што го менуваат својот генетски материјал, развивајќи особина отпорност на лекови. Светската здравствена организација ја означила оваа појава како сериозна закана по здравјето на глобално ниво.

 

Употреба на антибиотици во лекувањето деца

Примената на антибиотици кај децата мора да биде рационална. Децата од предучилишна возраст најчесто заболуваат од вирусни инфекции на горните или долните дишни патишта. Педијатрите поставуваат дијагноза и одредуваат кој е причинителот врз основа на историја на болеста, клинички преглед и резултати од лабораториски анализи. Вирусите лесно и брзо се пренесуваат во предучилишни и училишни колективи. Течење на секрет од нос, конјунктивитис, „плачна маска“, сува и надразнета кашлица, пролив и повраќање ‒ сè се тоа најчести симптоми поради кои детето ќе посети лекар. Ваква клиничка слика обично даваат вирусните болести. Земањето антибиотици нема да ја намали покачената температура, ниту ќе го скрати траењето на болеста. Напротив, на слузницата на дишните патишта ќе се размножат бактерии кои се отпорни на најчесто препишуваните антибиотици. Кога детето навистина ќе боледува од бактериска болест (стрептококна ангина, шарлах, бактериско воспаление на белите дробови, инфекции на мочните патишта...), ќе биде тешко да се пронајде ефикасен антибиотик кој во најмалку токсична доза ќе доведе до излекување.

 

Само со лекарски рецепт!

Мал е бројот на детски болести за кои треба да побрзате кај педијатар по лек, посебно по антибиотик. Симптомите како што се: болка во грлото, болка во стомакот со повраќање, оток на лимфните жлезди на вратот, зголемена температура,  покажуваат дека детето најверојатно боледува од воспаление на голтникот предизвикано од бетахемолитична стрептокока од групата А. Оваа, некогаш смртоносна, болест ефикасно се лекува со десетдневно земање пеницилински антибиотици. Висока температура проследена со повраќање или исипување може да биде знак за бактериски менингитис или сепса, болести опасни по живот кои се лекуваат со интравенска примена на антибиотици во болнички услови. Невозможно е да се набројат сите дијагностички процедури кон кои педијатрите се придржуваат во планирање на употребата на антибиотици. Во секој случај, родителите треба да се разуверат дека не е посигурно детето во секоја епизода од болеста да зема антибиотици ‒ за неколку години од предучилишна возраст количината на лековите кои ги преработуваат бубрезите и црниот дроб ќе биде значајна. Во денешно време е можно во краток рок да се направат брисеви и крвна слика, преглед на урина и да се потврди бактериската природа на болеста. Во спротивно, детето непотребно зема лек, развива соеви отпорни на антибиотици, ги оштетува виталните органи и прави уште многу нешта што не би требало.

Секогаш треба да се има на ум дека фармацевтската индустрија не ја победи природата бидејќи бактериите брзо се менуваат создавајќи отпорност на антибиотици, туку науката успева да произведе нови лекови. Резистенцијата на лекови е сериозен проблем. Размислувајте со што ќе се лекува вашето дете кога ќе порасне доколку продолжиме бактериите непотребно да ги храниме со антибиотици.

 

Правилна употреба на антибиотици

Препорачаниот антибиотик треба да се зема во одредени временски интервали, да не се намалува дозата или должината на траење на лекувањето штом дојде до клиничко подобрување. Неискористените антибиотици не се чуваат во фрижидер до следната болест, се препорачува отворените кутии со капсули или таблети да се уништат на пропишан начин. По извесно време нема да знаеме дали им истекол рокот на употреба, а веројатно ќе паднеме во искушение да го започнеме лекувањето без да посетиме лекар.

 

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>