Чувари на нашето здравјеДушан Гољиќ
м-р по фармација
Антиоксиданти има во црното грозје, боровинките, капинките, малинките, агрумите, доматите и друго овошје и зеленчук, а може да се земаат и во облик на суплементи како што се витамините А, Е и Ц, бета-каротин, коензим Q10, селен, манган и други
Организмот е совршена машина. Без разлика дали сме на студена улица или на топол морски брег, клеточната активност е насочена кон адаптација на организмот и регулација на метаболизмот, преку сложени биохемиски реакции кои константно се одвиваат на клеточното ткиво во нашиот организам.
Но, во тој сложен процес доаѓа и до продукција на потенцијално штетни молекули кои ги нарекуваме слободни радикали. Тие имаат тенденција да ја нарушат структурата на здравите и активни делови на ткивата. Во моментот кога бројот на штетни радикали ќе нарасне неутрализирајќи го капацитетот на здравиот организам, се јавува оксидативен стрес кој ја зголемува веројатноста за развој на кардиоваскуларни и имунолошки заболувања, катаракт, Алцхајмерова и Паркинсонова болест. Едноличната исхрана, потоа консумирањето алкохол и цигари значително придонесува за создавање слободни радикали и го зголемува здравствениот ризик.
Антиоксидантите се соединенија кои ги земаме првенствено преку храната, а кои имаат потенцијал да ги неутрализираат слободните радикали. На тој начин му помагаат на организмот да ги спречи последиците од нивното штетно дејство на организмот. Ги наоѓаме во овошјето и зеленчукот, особено во црното грозје, боровинките, капинките, малинките, потоа во агрумите, доматот итн. Доколку е потребно, антиоксидантите можеме дополнително да ги земаме во вид на суплементи.
Витамините А, Ц и Е имаат добар антиоксидативен потенцијал, па се препорачуваат при намалување на имунитетот и изнемоштеност.
Бета-каротинот е добар против слободните радикали, а посебно се препорачува при зголемена изложеност на кожата на сонце.
Коензимот Q10 е потентен антиоксидант кој своето дејство добро го остварува во клетките на срцевиот или склетниот мускул кои се под интензивен напор.
Селенот и манганот се минерали многу корисни во борба против оксидативен стрес, па се препорачува редовен внес при исцрпеност на организмот и одделни болести на сврзното ткиво и коските.
Извесни суплементи од поновата генерација се формулирани така што имаат силен антиоксидативен ефект. Такви се оние кои содржат органски соединенија на германиум, ресвератрол, астаксантин и сл. Се препорачуваат при заздравување од тешки болести или кога пациентот пие многу лекови. Земањето суплементи има своја корист, но дозите мора да бидат контролирани доколку се работи за деца, трудници и доилки.
Најдобро што можеме да направиме за себе е постигнување баланс помеѓу дневните активности, одморот и квалитетот на храната која ја земаме. Доколку сакаме да знаеме повеќе, треба да се обратиме кај лекар или фармацевт.