Фармацевти
Контакт

<< Назад

Арганово масло

септември 1, 2017

Во служба на убавината и негатаМилица Алексиќ

Ја негува и хидрира сувата кожа, скалпот, оштетените нокти, помага кај дерматитис и псоријаза, спречува инфекции и ги намалува брчките

Маслото од арган, познато и како мароканско масло, се добива од јаткастите плодови на дрвото Argania spinosa, чија земја на потекло е Мароко. Берберите го нарекуваат и „дрво на животот“. Се смета за многу драгоцено масло, бидејќи е вистински нектар за нега на косата, ноктите и кожата, и со векови се користи во козметиката. Се знае и дека е едно од најделотворните anti-age масла во светот, пред сè, поради мноштвото нутриенти кои ги содржи.

Во составот на аргановото масло се наоѓаат заситени и незаситени масни киселини кои ги превенираат воспалителните процеси на кожата и ја хидрираат. Има и стероли, минерали, каротеноиди кои ја штитат кожата од УВ-зрачење, како и изобилство на витамин Е, кој е силен антиоксидант и сојузник во борбата против лузни, егземи и брчки. Ферулинската киселина од аргановото масло го подобрува дејството на витамините Ц и Е, а полифенолите дејствуваат противвоспалително и регенеративно. Поради проверено добрите особини, аргановото масло има широка примена.

Хидратација: Аргановото масло не ја мрси кожата, па е одлично и за хидратација на мрсна, мешана и проблематична кожа. Кожата брзо го впива, поради што е добро и за ноќна нега и за одржување на оптимална влажност. Две капки арганово масло треба да се стават на дланка, да се загреат и со нежни движења да се нанесат на чиста кожа на лицето и деколтето. Исто така, аргановото масло е многу корисно и како природна, хранлива подлога за шминка. Многу лесно можете сами да направите лосион од арганово масло, така што во 2 дл изладен зелен чај ќе додадете 4 капки арганово масло, па ќе го нанесувате  на чисто лице, наутро и навечер, без измивање.

Пилинг: Помешајте лажичка морска сол со три капки арганово масло, и со нежни движења масирајте го лицето, избегнувајќи го делот околу очите, па по неколку минути исплакнете. Кожата ќе ви биде блескава, а нечистотиите отстранети. Исто така, овој пилинг е добар и за сува и задебелена кожа на лактите и петите.

Мозолки: Аргановото масло има многу квалитетни состојки и е благотворно за проблематична кожа, склона кон создавање акни и мозолки, бидејќи ја штити од лузни и ги смирува воспаленијата. Се користи за третман на изгореници од сонце и други оштетувања предизвикани од сува кожа. На зафатените делови нежно натапкајте арганово масло, кое претходно сте го загреале во дланка.

Стрии: Неколку капки арганово масло ставете во дланка, па со кружни движења нежно масирајте ги зафатените подрачја, на стомакот, колковите и градите. Трудниците кои имаат стрии треба секојдневно да се мачкаат со арганово масло.

Регенератор: Аргановото масло е природен регенератор за коса. Нанесете неколку капки на измиена, влажна коса и не ја измивајте. Косата ќе ви биде посјајна, а ќе забележите и дека се подобрува, ако пред тоа била изложена на ветер, сонце или морска вода.

Балзам: Ставете капка арганово масло на врвовите на прстите и измасирајте ги усните, ќе бидат меки и негувани веќе по неколку дена, бидејќи ги храни, хидрира и штити од ветер, студ и сонце.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>