Фармацевти
Контакт

<< Назад

АРИТМИИ

септември 1, 2019

Отчукувања кои живот значат

 

Аритмиите може да бидат безопасни. Меѓутоа, срцето со неправилната работа не ја врши својата функција, што постепено доведува до негово оштетување и слабост. Ваквата состојба му штети на целиот организам, па дури може да предизвика сериозни, потенцијално фатални симптоми.

 

Автор д-р Јелена Биџиќ

 

Аритмиите се дефинираат како неправилна работа на срцето. Срцето може да чука пребрзо, премногу бавно, неправилно или отчукувањата може да бидат прерани. Се јавуваат кога електричните сигнали не работат како што треба, па доаѓа до пореметувања во создавање и спроведување на импулсите.

Поделба на аритмиите

Здравите луѓе треба да имаат отчукувања на срцето помеѓу 60 и 100 во минута кога мируваат. Колку лицето е помирно, толку отчукувањата се помалку. Спортистите, на пример, во мирување имаат отчукувања на срцето под 60/мин.

Аритмиите се делат на:

- Забавена работа на срцето, срцева фреквенција под 60/мин – брадикардија

- Забрзана работа на срцето, срцева фреквенција над 100/мин – тахикардија

- Направилна работа на срцето: флатер, фибрилација (треперење)

- Рани отчукувања на срцето – екстрасистоли.

Според потеклото може да бидат: преткоморни (атријални) и коморни (вентрикуларни).

 

Причини за аритмии

Секое прекинување на електричниот импулс кој предизвикува контракција на срцето може да доведе до аритмија. Бројни фактори може да предизвикаат неправилно функционирање на срцето, како што се психолошки, лекови или болест. Тука спаѓаат: инфаркт на срцето, ангина пекторис, воспалителни процеси во срцето, срцева слабост, срцеви мани, хипертиреоза, хипотиреоза, хипокалиемија, хиперкалиемија, дијабетес, хипертензија, емоционален стрес, телесен напор, треска, злоупотреба на алкохол и наркотици, прекумерно консумирање кафе, додатоци на исхраната и растителни препарати, пушење, инфекција, анемија, анксиозност.

 

Симптоми на аритмија

Некои пациенти немаат симптоми, но лекар може да ја открие аритмијата при физикален преглед или ЕКГ. Ако пациентот ги забележи симптомите, тоа не значи дека постои сериозен проблем. Меѓутоа, постојат и пациенти на кои аритмијата им го загрозува животот, а немаат симптоми. Затоа многу е битно аритмиите на време да се дијагностицираат и да се лекуваат. Сиптомите зависат од типот на аритмија.

Симптоми на тахикардија: диспнеа (отежнато дишење), вртоглавица, синкопа (несвестица), чукање на срцето, болка во градите, ненадејна слабост.

Симптоми на брадикардија: ангина (болка во градите), проблеми со концентрацијата, збунетост, тешкотии при вежбање, вртоглавица, умор, краток здив, синкопа (несвестица), потење.

Симптоми на атријална фибрилација: атријалната фибрилација е неправилен ритам на преткоморите кои не се синхронизирани со коморите. Честа е и главно ги погодува постарите пациенти. Наместо призводство на една силна контракција, преткомората  фибрилира (трепери). Во некои случаи атриумот (преткомората) може да фибрилира со 350 отчукувања во минута и во екстремни случаи до 600 отчукувања во минута. Симптомите често се развиваат брзо, иако понекогаш пациентот не мора да има симптоми. Тоа се: ангина (болка во градите), диспнеа (отежнато дишење), вртоглавица, палпитации, слабост, синкопа.

Симптоми на флатер: додека фибрилацијата се состои од многу случајни и различни подрачја во преткомората, атријалниот флатер е обично од едно подрачје во преткомората кој не се спроведува правилно, ниту е идеален за пумпање крв низ срцето. Атријалното треперење може да биде сериозна состојба, а нетретирано обично доведува до фибрилации. Пациент со атријални флатери обично има 250-350 отчукувања во минута. Пациентите може да бидат без симптоми, а може да дојде и до фатален исход. Имаат слабост, вртоглавица, гушење или отежнато дишење, пречки во видот, брзо заморување, чукање и прескокнување на срцето, стегање во градите.

Суправентикуларна тахикардија – STV: редовна, абнормално забрзана работа на срцето. Пациентот доживува рафал од забрзано отчукување на срцето, кој може да трае од неколку секунди до неколку часа. Типично, пациент со STV ќе има отчукувања на срцето 160-200 во минута. Атријална фибрилација и флатерот се класификувани под STV.

Вентрикуларна тахикардија: абнормални електрични импулси кои почнуваат во коморите и предизвикуваат абнормално брзи отчукувања на срцето. Тоа често се случува ако срцето има лузна од претходен инфаркт на срце. Обично, комората се контрахира повеќе од 200 пати во минута.

Вентрикуларна фибрилација: неправилен срцев ритам кој се состои од многу брзи, некоординирани контракции на вентрикулите. Коморите не ја пумпаат крвта правилно, тие едноставно треперат. Вентрикуларната фибрилација е опасна по живот и обично е поврзана со болести на срцето. Често ја предизвикува инфаркт на миокардот.

Дијагноза и терапија за аритмии

Дијагноза аритмија се поставува врз основа на анамнеза, физикален преглед  –аускултација на срцевите тонови каде може да се слушне неправилната работа на срцето, ЕКГ, Холтер ЕКГ (24-часовно набљудување на ЕКГ), ехокардиограм, тест на оптоварување, електрофизиолошко испитување на срцето и коронарографија.

Терапијата за аритмија е потребна ако симптомите се многу тешки или состојбата на пациентот е изложена на ризик од сериозна аритмија или компликации. Многу е битна промена на начинот на живот и навиките. Треба да се престане да се консумира алкохол и наркотици, да се престане со пушење и да се почне со редовна физичка активност, како и хигиено-диететски режим на исхрана, редовен одмор и намалување на стресните ситуации.

Терапијата на брадикардија подразбира лекување на основните предизвикувачи на брадикардијата. Ако не се пронајде основниот проблем, лекарот може да препорача имплантација на песмејкер. Тоа е мал уред кој се наоѓа под кожата на градниот кош или абдоменот и помага во контрола на абнормалните срцеви ритми.

Постојат неколку различни третмани за аритмија: вагални маневри, лекови: бета блакатори, антагонисти на Ca канал, антиаритмици, потоа кардиоверзија, радиофреквентна аблација, имплатабилен кардиовертер-дефибрилатор, операција на вентрикуларните аневризми. Со терапија на атријална фибрилација е задолжителна примена на антикоагулантни лекови, адекватна исхрана и редовно следење на INR (INR е вредност која овозможува меѓусебно споредување резултати од различни лаборатории).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>