Фармацевти
Контакт

<< Назад

Атлетика

април 3, 2017

Природни начини на движењепроф. д-р Ирина Јухас

Поради сеопфатноста и природноста на движењата атлетиката се нарекува и кралица на спортовите, затоа што со атлетските вежбања се развиваат силата, моториката, издржливоста, брзината, подвижноста, како и храброста, одлучноста и упорноста

Атлетиката низ своите различни појави е присутна во историјата од настанувањето на човечкиот род до денес. Во борбата за опстанок, а подоцна и низ разни видови натпреварувања, човекот трчал, скокал, прескокнувал или фрлал во далечина разни предмети, како, на пр., копје. Атлетиката потекнува од грчкиот збор athlos и значи натпреварување.

Природниот начин на движење е застапен и денес во атлетските дисциплини како трчање, крос (трчање во природа) или скок во далечина. Останатите атлетски дисциплини настанале со нивно менување и комбинација.

Атлетски дисциплини
Атлетските дисциплини може да се поделат на: тркачки, фрлачки, скокачки, одење и повеќебој. Истовремено, тие се застапени во програмите за физичко воспитување во училиштата, служат како главни или помошни елементи во други спортови, а се користат и во рекреативното вежбање.

Тркачките дисциплини можат да бидат на кратки стази, до 400 метри. Стандардни патеки  се на 60 метри (во сала), 100, 200 и 400 метри, средни стази се оние од 800, 1.500 и 3.000 метри, додека за долги стази се сметаат патеки поголеми од 5.000 метри, вклучувајќи и маратон. Во тркачки дисциплини се вбројува и штафета, кога по четири натпреварувачи од секоја екипа наизменично трчаат поединечни патеки 4х100 метри, односно 4х400 метри и ја разменуваат штафетната палка. Трките со пречки и брзо одење, исто така, се дел од тркачките дисциплини.

Историски гледано, низ развојот на цивилизацијата луѓето многу долго зависеле од своето копје и брзината на нозете. Овие две вештини спасувале живот и обезбедувале храна. Денес спортските, фрлачки дисциплини се одредуваат според предметот кој се фрла, како копје, диск, ѓуле и кладиво. Движењето при фрлање копје далеку е најзастапен вид на фрлање во спортот. Тој потег по структурата е сличен на движењето во другите спортови: ракомет, одбојка, кошарка, ватерполо, па неговото учење е важно и во работа со деца. Треба да се вежба и со доминантната рака, но и со послабата рака.

Скоковите се делат на четири вида: во далечина, во височина, скок со стап и трискок. Повеќебој за жени е седмобој, а за мажи десетобој. Инаку, скокот во далечина се сметал за една од најтешките дисциплини на Олимписките игри во античка Грција, затоа што барал голема вештина. Од таа причина било дозволено на скокачот да му се даде ритам со инструменти како фрула или флаута, а се претпоставува дека коренот на оваа дисциплина е во прескокнување препреки, потоци или клисури.

Античка Грција
Во стара Грција биле застапени следните дисциплини: трка стадион, диаулос и трка со полна воена опрема (штит, кацига и сл.). Се смета дека трката стадион е најстара затоа што потекнува од култен ритуал. Тоа бил натпревар во трчање еквивалентно на сегашна трка на 200 м, а се трчало по песок во одвоени стази без облека и обувки. На 14. Олимписки игри (724 пр.н.е) е воведена трка на два стадиона (диаулос, 384,54 м), што денес би одговарало на трка на 400 метри.

Во античка Грција и жените имале свои натпреварувања во трчање т.н. Хереи, кои се одржувале во Олимпија еден месец пред или по Свечените игри. За тоа колку трчањето било популарно во античка Грција, сведочат и многубројните хеленски легенди, посебно Хомеровиот еп „Илијада“, во кој се спомнуваат брзоногите херои или полубогови кои, ако победат, добивале вредни награди.

Поради својата комплексност и природните начини на движење, атлетиката претставува добра основа и за понатамошно занимавање со други спортови. На вежбачот му овозможува да стекне физичка сила, издржливост, брзина и подвижност, како и да развие храброст, одлучност и упорност.

Скокови
Во спортската пракса постојат многу видови скокови: од место или залет, со една нога или со двете нозе, должински или висински, скокови во длабочина и др. Скоковите се доминантен вид на движење во многу спортови (гимнастика, кошарка, одбојка...), а посебно како дел од тренинг, па во работа со млади спортисти им се посветува посебно внимание.

Околу четвртата година детето може да ги изведе сите основни видови скокови. Со различни видови скокови успешно се влијае на зголемување на силата на значајни мускулни групи. Учењето на различни видови скокови е важно и за координацијата  и има позитивно физиолошко влијание на развојот на младиот организам.

Трчањето и децата
За разлика од одењето, каде во секој момент постои контакт со подлогата, во трчањето се појавуваат беспотпорна фаза, фаза на летање. Преминување од одење во трчање се случува при брзина од околу 2 м/с (7,2 км/ч). Трчањето може да се започне од различни положби: висок, полувисок и низок старт. Висок старт се користи во атлетските дисциплини подолги од 400 метри. Трчање со брзини поголеми од 7 м/с (25,2 км/ч) е  спринтерско трчање. Ова трчање не е присутно само во атлетските дисциплини, туку и во многу спортски игри и во други спортови.

Прифаќање на координациските основи на трчање подразбира работа со деца од 7 до 14 години. Пожелно е да се користат елементарни игри примерни за возраста, затоа што наведуваат на брзо реагирање и развиваат координација и акција.

Шампиони
Јусејн Болт, спринтер од Јамајка, роден 1986 година, е прв спринтер во историјата кој освоил шест златни олимписки медали. На Летните олимписки игри во 2008 година во Пекинг поставил два светски рекорда, во трка на 100 и 200 метри. На Светското првенство во Берлин 2009 година во финалната трка на 200 метри поставува нов светски рекорд од 19,19 секунди и освојува златен медал, а на Светското првенство во Москва 2013 година освојува дури три златни медали.

Сергеј Бупка е бивши советски и украински атлетичар во дисциплина скок со стап. Освоил шест последователни Светски првенства во атлетика, злато на Олимписките игри  во 1988 и 35 пати поставувал светски рекорди во скок со стап. Прв атлетичар е кој прескокнал шест метри и засега единствен кој прескокнал 6,10 метри.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>