Фармацевти
Контакт

<< Назад

БАРГАЛА, СТОБИ, ХЕРАКЛЕЈА

септември 29, 2015

[vc_column width="1/1"]Ивана Коцевска

Археолошките локалитети Стоби, Баргала и Хераклеја ќе ви понудат едно поинакво искуство, патување во минатото и запознавање со животот на луѓето и историјата на овие простори. Уживајте во прекрасните мозаици, остатоци од цркви, театри

Едно малку поинакво патување ви предлагаме за овој месец. Времето е есенско и не толку топло и како создадено за прошетка низ историјата и минатото, која ни ја нудат нашите три најпознати археолошки локалитети, Стоби, Баргала и Хераклеја.

БАРГАЛА
На 12 км североисточно од Штип, во близината на Горни Козјак, крај Козјачка Река, во подножјето на Плачковица, се наоѓа античкиот град Баргала. До него води асфалтен пат, а бидејќи е целосно осветлен можете да го посетите и во вечерните часови. 1966 година е годината кога за првпат овде се почнати истражувањата. Зафаќа површина од околу пет хектари, досега е истражена само една десетина од целиот локалитет.

Градот претставува правоаголна тврдина со ориентација североисток-југозапад. Тврдината е изградена меѓу IV и VI век, опкружена со ѕидови и кули, со монументални влезови и порти. Цврстите камени ѕидови, широки 2,30 метри, биле зајакнати со 20 четвртести кули, а во внатрешноста имало простории во кои биле сместени војниците и коњите. Тврдината ја изградиле Римјаните и претставувала воен логор, а потоа прераснала во цивилна населба и ранохристијански епископски центар на Брегалничкиот регион. Својот врв во постоењето Баргала го имала во V век, а особено за владеењето на Јустинијан I.

Кон крајот на VI век во неколку наврати Баргала настрадала при аварските и словенските освојувања. При тоа сакралните и другите објекти во градот биле делумно или целосно разурнати, меѓутоа животот на овој простор не замрел. Градот не бил потполно напуштен, но опстојувал како неурбанизирана населба. Во средниот век се формирала нова населба, чиј белег е црквата „Св. Ѓоргија“ од втората половина на IX век, околу која е откриена некропола. Исто така, во северниот дел на градот имало винарија.

Благодарение на археолошките ископувања, денес во Баргала можете да ги видите базиликата, резервоарот за вода, импресивната порта и голем дел од инфраструктуpaта на градот. Дел од градскиот бедем и главната порта се целосно конзервирани.

СТОБИ
Стоби претставува крстосница на античкиот свет, со споменици од времето на римската и рановизантиската империја и раскошен религиозен центар. Вреди да се посети од најмалку две причини. Ако сте љубопитен истражувач можете да имате редок час по археологија во реално време, а ако сте љубител на визуелно искуство, тогаш од Стоби ќе добиете прекрасен поглед на централното македонско подрачје. Стоби е еден од најпознатите антички археолошки локалитети во Македонија. Се наоѓа на 68 км од Скопје, на 20 км од Велес, на влевот на Црна Река во Вардар. Сместен во срцето на Македонија, Стоби е основан на некогашниот главен пат помеѓу Дунав и Егејско Море, односно на патот кој долж реката Вардар ги поврзувал трговските патишта Виа Игнација и Виа Милитарис, што го правело стратешки важен за трговија и војување. Под називот Стоби градот прв пат се спомнува во историските записи од II век пр. н.е. Меѓутоа, археолозите веруваат дека бил населен барем 400 години порано.

Стоби добил статус на муниципиум со своја сопствена ковачница каде почнале да се коваат монети со натпис Муниципиум Стобенсиум. Овде се исковани парите денари, според кои и нашата денешна валута го добила името. Паунот на денешната банкнота од десет денари е дел од најпознатите мозаици на територијата на Македонија, што се наоѓа во Епископската базилика во Стоби.

Градот Стоби бил најголем римски град во Македонија, подоцна главен град на провинцијата Macedonia Secunda, урбан, воен, административен, трговски, религиозен центар на регионот на Римското и рано Византиското царство. Својот врв во периодот од III до IV век од н.е. 447 година градот е разорен од Хуните, како и многу градови на Балканот во тоа време. Почетокот на VI век е обележан со катастрофален разорен земјотрес, кој уништил многу градови и населби.

Денес пред очите на посетителите на Стоби се наоѓаат бројни градби и остатоци од богатата историја – импресивен амфитеатар од II век, Епископска базилика и резиденција, Теодосиева палата, позната крстилница со облик на крст која претставува еден од симболите на Македонија, вили, улици, терми, работилница за изработка на платно, ранохристијански остатоци со раскошни подови украсени со мозаици. Едно од последните откритија во Стоби е позлатената мермерна глава, пронајдок единствен во поширокиот регион, кој, иако е во неколку дела, може целосно да се реконструира. Овде е пронајдена синагога од IV век над остатоците од синагога од III век, која е една од најважните археолошки откритија во јужнословенските земји во времето на антиката. Во овој период Стоби се развил како град со единствена христијанска религија во царството, при што синагогата ја претвориле во христијански храм.

Меѓу осветлените ѕидини на амфитеатарот секое лето се одржува Фестивалот на античка драма. Овој театар некогаш собирал 7 600 посетители. Интересно е тоа што на седиштата има врежани фамилијарни и индивидуални имиња, што значи дека реномираните граѓани на Стоби секогаш имале резервирани места.

ХЕРАКЛЕЈА
Хераклеја Линкестис се наоѓа на 2,5 км оддалеченост од центарот на Битола, во подножјето на планината Баба. Се претпоставува дека градот го основал древномакедонскиот владетел Филип II во IV век пр. н.е. Хераклеја Линкестис е најдобро сочуван град на древна Македонија. Хераклеја опстојала и се развила во една значајна раскрсница на патот Виа Игнација, кој ги поврзувал Драч и Босфор. Патот овозможил Хераклеја Линкестос да се претвори во важен стопански центар, а се развила и како општествен и културен центар, кој го посетил и римскиот император Нерон. Кон крајот на V век градот го нападнале Готите, а подоцна преминал во владеење на Византијците. И Хераклеја е уништена од силен земјотрес.

Градот ги поседувал сите услови: пасишта, рамница за житни растенија, а бил обиколен со ѕид, со бастиони, на ридот постоела акропола со засебна тврдина, со бедеми сврзани за градскиот ѕид. По војната меѓу Филип II и Римјаните, градот е заземен од Римјаните, кога и го доживува својот врвен процут и станува еден од главните стратешки центри на Балканот. Од IV до VI век од н.е. бил епископско седиште.

Првите истражувања се направени пред Првата светска војна, кои покажале непроценливи културно-историски вредности и значење на овој антички град – прекрасни римски терми, епископска црква, голема трикорабна базилика со крстилница, ковани пари на бројни владетели, меѓу кои и Александар Велики, прекрасна статуа на Херкул, еврејски храм, римски театар, сите со фантастични подни мозаици. Сето тоа сведочи за постоењето на постојана населба и живот во овој древен македонски град, во периодот од IV век пр. н.е. до XI век од н.е.

Мозаиците во археолошкиот локалитет Хераклеја спаѓаат меѓу најдобро сочуваните и по уметничка вредност најдрагоцени дела од античкиот период, не само во Македонија. Многу од археолошките пронајдоци и делови од Хераклеја се во одлична состојба и денес тука се одржуваат концерти и театарски претстави во текот на летото.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>