Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бел летен фустан

јули 1, 2017

Женствени во секоја приликаМарија Јоксимовиќ

Елеганција и шик се одлика на секој добро скроен и сошиен фустан, меѓу кои оние со бела боја се истакнуваат со посебна женственост, уште од тоалетата на Мерлинка во филмот „Седум години верност“, па на црвениот тепих со задоволство ја носат многу холивудски ѕвезди како Ема Вотсон, Гвинет Палтроу и Сандра Булок

Едно од златните правила на модата кое гласи „помалку е повеќе“ (анг. less is more), меѓу првите го прослави преубавата глумица и модел Одри Хепберн (1929-1993), музата на Живанши и хероина од легендарните филмови „Празник во Рим“, „Сабрина“ и „Појадок кај Тифани“. Била симпатична и елегантна и во наједноставни фустани, затоа што имала фантастично чувство за шик комбинации и добар избор за додатоци. Одри природно чувствувала дека минимализмот е избор со кој нема грешки, како и дека за совршен изглед е доволен „обичен“ фустан и некој интересен детаљ, без разлика дали е во прашање необична торбичка, шнола за коса или ешарпа.

Деколте на грбот
Модните трендови за лето 2017 се толку флексибилни што ги опфаќаат и вонвременскиот минимализам на легендарната Одри Хепберн, но и фустани со цветен принт, со линии и еднобојни, кои посебно ја истакнуваат убавината на малку потемнетиот тен. Од материјали се носат најмногу оние природните, како памук, лен и свила, а актуелни се и сатен и тантела. Меѓутоа, еден детаљ ги освои срцата на многу креатори на модата за оваа сезона, а тоа се деколтеа на грб, од сосема дискретни до многу смели, украсени со карнери, тантела и ленти.

Бел фустан
Иако многу и со причина се пишува за т.н. „мал црн фустан“, едноставниот бел фустан за лето просто е ненадминлив. Уште ако е со класичен крој и неутрална должина, неколку сантиметри над колената, или под, во зависност од тоа кој како сака, може да се носи во најразлични прилики. Со апостолки и шарена торба преку рамениците просто е совршен за шетање до плажа. Во комбинација со пругасти еспадрили, кои се хит и ова лето, и слична тенка марама околу вратот, идеален е за неформално дружење со пријателките. И, се разбира, дека тоа не е сè! Белиот фустан е одличен и за работен состанок, со елегантни чевли или сандали со затворени прсти, тенок каиш, соодветен дискретен накит и тенок жакет. Исто така, романтичноста на белиот фустан е толку изразена и јасна, па го става на прво место и за љубовен состанок.

Белиот фустан е совршен за комбинирање со пастелни детали, а добро оди и со црна и сите други бои, од јаки до шарени и цветни. Од избор на додатоци со леснотија се трансформира од опуштена во работна, романтична и гламурозна вечерна тоалета. За доцни ноќни излегувања во бело, добро одговара и со шал од тантела, тексас и кожена јакна или летно сатенско сако. Шикот на белиот фустан е толкав што тој никогаш не излегува од мода.

Од старо ново
Ако во орманот имате „стар“ бел фустан кој ви досадил затоа што го носите со години, променете го, така што ќе му додадете детали од тантела, или бел вез, зашто тоа е хит ова лето. Кој е вешт со игла и конец, може на стариот бел фустан да сошие и везени апликации, малку да го продолжи со набрана тантела и карнери од тил. Формулата „од старо ново“ е овогодишен моден тренд, па ослободете ја фантазијата. На пример, ако имате едноставна бела маица, со бретели или мали ракавчиња и широко бело здолниште кое не го носите, спојте ги и ќе добиете нов, романтичен бел фустан. Модните креатори за лето 2017 предвиделе и вакви комбинации во материјалите, па е сосема во тренд горниот дел од вашиот бел фустан да биде, на пример, од памучно мако, а долниот од набран памук или лен. Во секој случај, летото во бело сигурно ќе ви годи, а белиот фустан ќе направи да заблескате, лелеави и расположени.

Фустанот низ историјата

1910: Се носат елегантни, долги фустани, кои ја издолжуваат фигурата и ја прават повитка, за што многу придонесува и носење на задолжителниот корсет.

1920: Во мода се и понатаму долги фустани, но кроевите се малку поопуштени и нешто пошироки, па со самото тоа и поудобни. Со нив се носат шешири и лесни наметки кои убаво паѓаат.

1950: Диор лансира женствени тоалети со должина до листовите, а неговата колекција наречена „Линија Корел“ обележува цела декада на женствени, широки фустани, кои ја истакнуваат половината.

1960: Одри Хепберн влегува во модната историја облечена во долг, тесен фустан.

1970: Хипи модата носи весели фустани, долги и ултра кратки, цветни, шарени и ведри.

1980: Се носат фустани со сите должини, бои, дезени и кроеви, а најпопуларни се оние кои ја следат линијата на телото и се шират во облик на буквата А.

1990: Во мода се тесни фустани и гламурозни материјали.

2000: Се враќаат романтични фустани од сите должини, всушност, се носи – сè.

Белиот фустан на Мерилин Монро
Прочуениот бел, плисиран фустан кој Мерилин Монро го носела во филмот „Седум години верност“ (The Seven Year Itch) од 1955 година, е продаден пред неколку години на аукција во Калифорнија за 4,6 милиони долари. Фустанот, кој ја прослави Мерилин Монро како симбол на женственост на една ера во легендарната сцена кога глумицата застанува над вентилацискиот отвор од подземната железница кога воздухот и го подига фустанот и ѝ ги открива нозете и белата долна облека, го продала Деби Рејнолдс на аукција на филмски костими. Дизајнерот на фустанот, Вилијам Травиља,  своевремено за оваа креација рекол: „Се прашував што можат да направам со таа најубава девојка која Мерилин ја глуми за да изгледа чисто и неодоливо“. Колку успеал сведочат филмските анали со антологиски сцени, незамисливи без Мерлинка во бел фустан и после повеќе од 60 години.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>