Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бела кошула

октомври 1, 2017

Модна икона за сите приликиМарија Јоксимовиќ

 

Без оглед на кројот и видот на материјалот, белата кошула мора, пред сè, да биде беспрекорно чиста и по правило да се пере по едно носење, бидејќи само така ја емитува пораката дека личноста што ја носи има стил и води сметка за својот изглед и хигиена

 

Белите кошули подеднакво ги носат и жените и мажите, често на прв поглед и не се разликуваат, освен што на женската варијанта копчињата се на лева страна, додека на машката верзија се шијат на десна. Историчарите на модата претпоставуваат дека тоа е поради тоа што луѓето во поголем број се десничари, па закопчувањето е поедноставно ако копчињата се сошиени на десна страна. На ова треба да се додаде и тоа дека во минатото таквото закопчување било смислено за машката облека, бидејќи припадниците на „посилниот пол“ обично се облекувале сами. Женската гардероба во минатото често била комплицирана, па дамите имале помош во облекувањето и затоа копчињата во овој случај се на лева страна. Таа традиционална позиција на копчињата на облеката е останата и до денес.

 

Статусен симбол

Белата кошула е и своевиден културен феномен, бидејќи стотина години била и статусен симбол, почнувајќи од викторијанско време. Ја носеле, пред сè, мажи кои  на тој начин класно се издвојувале. Белината била она што ова парче облека  го правела така посебно. Во викторијанско време, па и подоцна, луѓето немале ни навика ни прилика да ја перат облеката како денес. Блескаво белите кошули можеле да ги имаат само најбогатите слоеви на општеството, па оттаму и нејзиниот „кралски третман“.

 

На крајот на 19 век во мода биле машките бели кошули со едноставен крој и без многу украси. Чиста и блескава, таквата бела кошула емитувала порака дека ја носи способен и деловен маж, човек од доверба. Растот на побарувачка доведува и до масовно производство на бели кошули, но и понатаму  на цена се оние уникатно сошиени, од врвен материјал.

 

Во првата половина на 20 век, по Првата светска војна, принцот Едвард, војводата од Виндзор (1894-1972), роден како Едвард VIII, британски крал и цар на Индија, пред абдикацијата поради љубовта кон Волис Симпсон, буквално го менува модниот стил на  белата кошула, така што почнува да носи поудобни варијанти, со помека јака. Секогаш елегантен, принцот Едвард се издвојувал со стилот и изгледот на „денди“ и бил вистински „трендсетер“ на своето време. Кога се појавил на телевизија и во живо ја објавил својата одлука за напуштање на должноста монарх со објаснување „дека тоа би било неможно без поддршка од жената што ја сака“, носел бела кошула и одело.

 

Работна  униформа

Во 20 век голем број компании бараат од своите вработени секојдневно да доаѓаат на работа во бели кошули. Индустриското производство расте, а во половината на истиот век масовно почнуваат да се носат и бели кошули од синтетски материјали, кои се рекламираат со лесно одржување, бидејќи брзо се сушеле и не морало да се пеглаат. Меѓутоа, овие практични бели кошули и покрај повеќедецениската популарност, никогаш не добиле статус на модна икона. Носењето „најлон“ бели кошули е видено како недостиг од стил. За среќа, во 80-тите години од 20 век повторно се хипермодерни и достапни белите памучни, лелени и свилени  кошули, ги носат и мажи и жени, со тоа што машките варијанти повторно добиваат и дополнителни украси, како дискретни карнери. Во мода се и опуштени варијанти, како бела кошула без некогаш задолжителното сако, дискретно откопчани или извлечени од панталони. Денес ормарот на мажите е незамислив без неколку бели кошули. Ги носат и обични луѓе и познати личности, дури и модни диктатори, како Карл Лагерфелд.

 

Женска еманципација
Жените масовно почнале да ги носат белите кошули во 20 век, во почетокот како израз на еманципација и еднаквост со мажите, а подоцна како совршен моден детаљ за сите прилики, од деловни до свечени. Во квалитетна, добро скроена и сошиена бела кошула, секоја жена, без оглед на годините изгледа одлично и зрачи со самодоверба. Белата кошула одлично се согласува со друга гардероба (здолништа, панталони, сакоа, кардигани), лесно се комбинира со сите бои и дезени. Бела како снег, таа е совршен сојузник и за ситуации кога дамата не е сигурна што да облече, бидејќи со нема просто нема промашување.

 

 

Правила

Белата кошула мора секогаш да изгледа свежо испрано и испеглано, да блеска.

Белата кошула „оди со сè“. Со одело, фармерки, спортски панталони, костум, здолниште итн.

Може да биде целосно едноставна или украсена со детали, како каиш, копчиња за манжетни од благородни материјали, вратоврска, пеперушка и сл.

 

Се подразбира дека со својот крој мора да одговара на анатомијата на личноста која ја носи, не смее да биде премногу затегната и да ги истакнува „маните“, како истакнат стомак.

Материјалот треба да биде памук или лен, и не треба да се проѕира. Јаката треба убаво да стои (за тоа постојат „фижбајни“).

 

 

Бела јака

Од викторијанско време па до крајот на 19 век, често од белата кошула се гледала само нејзината јака, па се правеле во варијанти во кои јаката е одвоена, да може да се вади и да се пере и секогаш да биде чиста. Постоеле и „сиромашни“ варијанти, кога видливата бела јака, всушност, само го симулирала присуството на кошула под другите слоеви облека.

 

И денес постои термин white collar (бела јака, во слободен превод), кој означува личност која не се занимава со физичка работа, за разлика од мануелните работници за кои се поврзувал терминот blue collar, бидејќи носеле работна облека, често сина, на која многу потешко се гледаат флеки и нечистотии.

 

Во минатото постоела цела модна палета на јаки, кои биле крути и штиркани, високо позиционирани на вратот, често со златни и дијамантни копчиња, со што оној кој ги носел се издвојувал и на сите им давал до знаење дека припаѓа на високото друштво.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>