Фармацевти
Контакт

<< Назад

БЕНКИ И ДАМКИ

јуни 1, 2018

Внимание при изложување на сонце

 

Сè почесто на дерматолозите им се поставува прашањето како да се заштити кожата и бенките од штетното сончево зрачење, што е меланом, како сончањето го забрзува стареењето на кожата, зошто е неопходна правилна примена на фотопротективни креми?

 

Автор: д-р Јелена Бојчевиќ Милосављевиќ

 

Често забораваме дека кожата е нашиот најголем и најизложен орган кој има површина од 1,5 до 2 квадратни метри. Многу промени на кожата можат во нас да пробудат страв, како што се, во најголем број случаи, бенки и дамки.

 

Бенките се темно пребоени, тркалезни промени на кожата кои некогаш се на ниво на кожата, а некогаш малку подигнати, од светлокафена до темнокафена боја. Се појавуваат во сите возрасти, каде било на кожата и можат да бидат со различни големини. Тие претставуваат групирање на меланоцитни клетки (клетки со темен пигмент) во кожата. Некогаш промена многу слична на безопасна бенка може да биде опасен меланом чии клетки имаат изменета ДНК. Може да се развие на здрава кожа или на  до тогаш здрава бенка, и најчесто е последица од неконтролирано изложување на сончевото зрачење.

 

Дамките се темни точки на кожата, со облик на круг, со пречник до 5 мм. Се наоѓаат во рамнина на кожата, а се јавуваат, најчесто, на деловите од телото изложени на сонце, како што се лице, раменици, деколте, шаки. Карактеристични се за лица со светол тен кои лесно горат, а тешко поцрнуваат на сончева светлина. Дамките се генетски условени  посебно кај лица со светла кожа, руса или црвена коса.

 

Сончевите зраци содржат ултравиолетово зрачење (УВ зраци) кое е поделено на УВА, УВБ и УВЦ зраци. Докажано е дека цел спектар на соларна радијација е штетен за нашата кожа. Кожата ги запира и ги впива 90% од УВБ зраците кои продираат низ нејзиниот површински слој на епидермот, додека 20-30% УВА зраци продираат во подлабоките слоеви на кожата, а скоро сите УВЦ зраци ги апсорбира озонската обвивка. Длабочината на пенетрација на УВ зраците е пропорционална со брановите должини на УВ зраците, па УВА, со најголема бранова должина, продираат до подлабоките делови на дермисот.

 

Ефектите од соларната радијација се манифестираат како изгореници од сонце чиј степен зависи од интензитетот на зрачењето, време на престој на сонце и фототипот на кожа. Потоа, негативна последица по кожата е и стареење на кожата независно од хронолошкото стареење, при што кожата станува сува, се задебелува, со длабоки брчки и пигментни промени, како и најсериозна промена – фотокарциногенеза која доведува до карцином на кожата. УВ зраците можат да предизвикаат и нетолеранција на сонце, т.е. алергиски фотодерматози, кои се манифестираат во вид на зголемено црвенило, меурчиња, исипување и јадеж. Токму поради тоа дерматолозите постојано потсетуваат на важноста на редовната заштита на кожата.

 

Изложување на сонце без никаква заштита, пред или подоцна, може да биде причина за појава на нови бенки, па и рак на кожата, посебно кај луѓето со светол тен. Во Австралија постои голем ризик од заболување од меланом, а најмалку има заболени токму поради тоа што жителите редовно се штитат. Ние припаѓаме во ризичен медитерански регион каде што на 1000 луѓе има 25-30 потенцијално заболени од рак на кожата.

 

Солариумот најмногу го посетуваат млади луѓе и не размислувајќи за последиците. Штетноста од вештачкото ултравиолетово зрачење е толкава што десет сеанси во континуитет го зголемуваат ризикот од оштетување на кожата и до десет пати повеќе отколку сончевите зраци. На секој од тие апарати би требало да стои предупредување за неговата штетност.

 

Заштита од првиот ден

Нашата кожа го памети и го бележи секој момент кој сме го поминале на сонце, почнувајќи од најраното детство, кога е потребно да се почне со мерки за заштита. За да се избегнат несаканите последици на дејството на сончевите УВ зрачења на кожата, редовна примена на фотопротективни креми и лосиони се препорачува од рана пролет до доцна есен. Секој препарат мора да биде еднакво ефикасен против УВА и УВБ зраци, отпорен на вода и да има висок SPF (Sun Protection Factor). Што значи тоа? Зависно од типот на кожата заштитниот фактор треба да биде од 30 до 50. Такви препарати имаат и антиоксидативен ефект, ги активираат механизмите за репарација на оштетувањата на ДНК, содржат филтри кои се стабилни и безбедни, не испаруваат и не ја иритираат кожата. Многу е важно да се штитат децата од сонце и да се учат од мали самите правилно да се мачкаат, да не ги прескокнуваат ни стапалата, ни шаките, ни ушите. Важно е фотопротективното средство да се нанесе 15 ‒ 30 минути пред изложување на сонце и да се повторува после капење, потење или бришење со пешкир. Исто така, треба да се носи лесна и светла облека, шешир и заштитни очила.

 

Меланом алармантни податоци

Кога е во прашање меланомот, резултатите се алармантни затоа што за овој најтежок облик рак на кожа во светот е забележан пораст на инциденцата, а во нашиот регион бројот на заболени на годишно ниво расте за околу 6%. Моментално состојбата е таква што само 20% од меланомските промени се откриваат на време, а раното дијагностицирање е многу важно затоа што таквите промени откриени во рана фаза во 90% од случаите се излечиви.

 

Превенција во 5 чекори

Задолжителна ставка во превенција на создавање меланом е самопреглед на кожата на целото тело кој се прави во пет чекори.

  1. Гледање на симетричност на бенките – бенка со правилен кружен, овален облик е безопасна.

  2. Гледање на рабовите на бенката – ако се рамни, со чисти рабови, промената е уредна, а ако се со неправилни рабови, да се побара мислење од лекар.

  3. Гледање на бојата на бенката – во случај ако бојата е многу темна или има повеќе од две бои, да речеме, црвена или сина, треба веднаш да се посети дерматолог.

  4. Ризична големина – доколку промената е со пречник поголем од 6 мм.

  5. Промена или еволуција на бенките во смисла на полето на хиперпигментацијата – ако забележите промена во обликот или големината, бенката сигурно треба хируршки да се отстрани.


 

Важно!

Сите сомнителни промени треба да се пријават на лекар кој со дермоскопски преглед ќе утврди кои бенки се потенцијално опасни, и ќе ве советува да ги отстраните.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>