Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY лик – Виолета Николова – Виле

октомври 1, 2021

okt 2021

Која е приказната зад ликовите што ги сликате комбинирајќи апстракција и реализам?

Отсекогаш сликарството било дел од мојот живот и од моето постоење.

По природа сум голем естета и многу ми е важно да сум опкружена со убави нешта.

Така што сликарството ми овозможува да ги искажам моите внатрешни чувства и пориви кои целосно ме исполнуваат, ми овозможуваат ликовно да се изразам и сета таа убавина да ја преточам во слика, уметничко дело.

Во мојот ликовен опус сум имала многу фази, но во последниве години активно сум посветена на фигуративното сликарство.

Најмногу во портретите, зашто сметам дека секој портрет носи своја приказна во себе.

Секој лик го претставувам со човечките чувства, со својата експресија, дали е меланхолија, тага, среќа, радост или друго, притоа комбинирајќи елементи на апстракција и реализам.

Ликовите може да бидат реални или имагинарни, воопшто не ми е важно.

Како што знаете во уметноста  сè е дозволено, па така се обидувам на поинаков начин да ги претставам ликовите што ги сликам.

Да бидат реалистични, но, сепак, со апстрактни елементи.

За таа цел многу играм со боите, така што ликовите може да бидат сини, црвени, портокалови, жолти, едноставно сè да биде во функција на експресијата.

Да го спојам неспоивото.

Од техники користам масло, акрилни бои, спрејови на платно, а ги нанесувам  со шпатули, четки, графитни моливи, фломастери и сè што може да се замисли.

Кога почнувам да сликам имам една замисла, но во самиот тек добивам разни идеи и

не знам каков ќе биде  крајот на самото дело, но најважно од сè е да сум задоволна од крајниот резултат.

Неспорно  најважно од сè  е и како  публиката ќе го доживее тоа дело.

Бидејќи работите нешто што е сосема различно од сликарството, како се пронајдовте во оваа уметност?

Како историчар на уметност и ликовен уметник секогаш сум била во контакт со уметноста и главно сум била опкружена со неа, некогаш повеќе, некогаш помалку, во зависност од слободното време и од егзистенцијалните потреби, но секогаш одново и одново сум се враќала на неа.

Сепак, скоро 20 години сум вработена како уредник на филмската редакција  во Канал 5 телевизија  и имам вистинска среќа што и таа работа ми е втора љубов после сликарството.

Некако во моите  животни премрежиња овие две работи ми се вклопени и целосно ме исполнуваат како личност, како уметник и секогаш се трудам да го дадам максимумот од себе.

Која е Вашата порака до луѓето кои  имаат желба, но немаат храброст да се испробаат во сликарството?

Мојата порака до секого е да има сон и да го следи својот сон, не е важно каков е тој сон,

дали е сликарство, музика, спорт, поезија. Човек треба да биде упорен во својата замисла и  неминовно резултатите и успехот  сами ќе дојдат.

Последниве години од голема корист се и социјалните мрежи, каде полесно можете да се претставите со она што го работите и го сакате.

Моите слики можам да ги претставам на различни платформи, луѓето да имаат можност да ги видат, и како крајна цел е да изразат желба да ги имаат во своите домови,

а со тоа и сатисфакцијата ќе биде комплетна.

Можам да се пофалам дека сум многу активна на платформата Instagram: @ville_artist,

каде имам преку 10.000 следачи и каде можам да се претставам на светот со мојот труд.

За крај, како што некој кажал:

Чудата почнуваат да се случуваат кога на соништата им посветувате  иста енергија како на своите стравови.

За детално читање на овој текст, погледнете на 16 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2021).

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>