Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY мама: Зошто е важно детето да поседува самодоверба?

април 1, 2022

Христина Стефановска
психолог за деца и автор на детска литература

|



Самодовербата е важна за детето да стане интегрирана, целовита личност која ќе ги открие и реализира сопствените капацитети и способности за кои е предодредена, ќе го постигне врвот на хиерархијата на мотиви, ќе се самоактуелизира, ќе го зацврсти сопствениот идентитет  и ќе прерасне во цврста, отпорна и здрава возрасна личност.

Самодовербата претставува верување што го имаме за нашите способности успешно да постигнеме одредено нешто или да завршиме некоја задача. Самодовербата е доказ за тоа како и колку сме се процениле себеси или колку сме се вреднувале себеси. Самодовербата на детето е доказ за тоа дека  поседува позитивно мислење за себе, смета дека е способно, вреднувано, се прифаќа себеси такво какво што е. Развојот на самодовербата кај детето започнува веднаш по неговото раѓање, преку воспоставената доверба во оние кои се грижат за него и со добиените повратни информации за неговото однесување во првите години од неговиот живот, најпрво од неговите родители, а потоа и од неговата социјална средина, како што се авторитетите и врсниците. Впрочем, детето учи како да се гледа себеси преку очите на оние што го гледаат него.

Самопочитта, пак, вклучува различни верувања и убедувања кои ги имаме за себе. Таа е субјективна процена на индивидуата за сопствената вредност. Тоа би значело како ние го цениме сопственото однесување, како го проценуваме сопствениот изглед, како го проценуваме нашето верување за нештата, какво гледиште имаме за сопствените емоции и, на крајот на краиштата, како го карактеризираме и цениме нашето лично однесување. Самопочитта е поврзана со самодовербата и заедно играат клучна улога во поставувањето на мотивацијата на личноста на детето.



За едно дете  да изгради самодоверба најпрво уште со самото раѓање е потребно да воспостави сигурна и квалитетна врска со родителот или старателот, заснована на доверба и прифаќање каде возрасниот навремено би ги задоволувал неговите потреби со дозирана љубов и внимание. Потоа е важно да му се обезбеди соодветна стимулативна средина каде ќе го изгради својот физички интегритет и флексибилност. Тоа би значело детето да биде активно, да качува – симнува скали, да се облекува – соблекува само, самостојно да јаде, да паѓа и станува, да гради чувство на отпорност. Најважната работа на детето во првите години од животот е да се движи. Детето кое треба да изгради самодоверба мора да му верува на сопственото тело и на тоа дека може да се потпре на него, бидејќи така го учиме дека телото ни е најверен пријател. Потоа е важно да му се создадат услови каде ќе ги тестира своите способности, каде некогаш ќе биде изложено на фрустрација и  ќе совлада самоконтрола и отпорност на стрес. И она што е исклучително важно е  родителот или возрасниот кој се грижи за детето да негува поддржувачки наместо критички глас во комуникацијата со детето, при што детето ќе формира убедувања и верувања за себе дека е сакано, вредно, паметно, убаво, храбро, самостојно и сигурно, способно, безбедно, добредојдено,  одобрувајќи му да има свое мислење, да смее да се брани и да смее да си ги постави своите лични граници. Таквото дете знае дека има право на радост, дека има право да греши и дека од грешките се учи.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>