Габриела Качакоска-Нанеска
дипломиран фармацевт
ПЗУ аптека Биолек 3 Прилеп
|
Витамините од Б-групата претставуваат есенцијални нутриенти кои се растворливи во вода и имаат голема задача во човечкиот организам. Тие учествуваат во голем број метаболистички процеси. Неопходни се за процесот на создавање енергија, метаболизмот на најважните хранливи материи: јаглехидрати, масти и протеини, преносот на нервните импулси, создавањето крвни клетки и стероидните хормони, како и одржување на нивото на гликоза во крвта, регулација на апетитот и одржување на мускулниот тонус.
Во групата на витамините од Б-комплекс спаѓаат осум витамини и тоа:
Витамин Б1 (тиамин) е одговорен за искористувањето на енергијата од храната, како и за растот, развојот и нормалната функција на секоја клетка. Тиаминот најмногу е присутен во квасецот, кафениот ориз, житните растенија, свинското месо и легуминозните растенија.
Витамин Б2 (рибофлавин) е важен за правилно функционирање на организмот и претставува моќен антиоксидант, односно спречува создавање канцерогени и туморозни формации. Најмногу е присутен во оризот, бадемите, пресно и кисело млеко, брокули, спанаќ и соини зрна.
Витамин Б3 (ниацин) помага во метаболизмот на мастите и е одговорен за одржување на добриот холестерол. Помага и во редукција на атеросклерозата, а со тоа и го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Присутен е во месото, млекото, рибата, јаткастите плодови, како и зелениот лиснат зеленчук.
Витамин Б5 (пантотенската киселина) учествува во метаболизмот и синтезата на јаглехидратите, мастите и протеините во човечкиот организам. Со тоа им овозможува на клетките да ја добијат соодветната енергија од храната. Го има во авокадо, урми, зелка, јајца, месо, житни растенија.
Витамин Б6 (пиридоксин) му помага на човечкиот мозок ефикасно и правилно да комуницира со останатите делови од организмот. Ги храни нервните завршетоци и превенира појава на Алцхајмерова болест. Храна богата со витамин Б6 е гравот, мешунките, јаткастите плодови, морков, спанаќ, месо и јајца.
Витамин Б7 (биотин) е важен за метаболистичките процеси во организмот, посебно за мастите и аминокиселините, исто така, е потребен за здрава кожа, коса и нокти. Присутен е во морската храна, месото, пченичниот леб, млекото, јајцата.
Витамин Б9 (фолна киселина) е важен витамин за формирање на клетките, особено на црвените крвни зрнца. Исто така, неговото земање во рана бременост е важно за правилно формирање на невралната туба кај плодот. Го има во темнозелениот лиснат зеленчук, грав, грашок, цитруси, банани.
Витамин Б12 (кобаламин) е познат како црвен витамин цијанокобаламин. Заедно со фолната киселина е важен за регенерација на еритроцитите, заштитува од појава на анемија, односно слабокрвност. Дејствува и на нервниот систем во однос на рамнотежа, концентрација и помнење. Присутен е во говедското, свинското месо, млекото и јајцата.
За детално читање на овој текст, погледнете на 8 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2021).