[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/03/Cover_apr2016.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]
Тамара Тодевска
Не можам да живеам без музика
Broj 26, април 2016
Бојана Симоновиќ
Фотографии: Ани Дими
Моќен вокал проследен со неверојатна енергија на сцената, Тамара Тодевска, ексклузивно за BETTY магазин говори за својата љубов кон музиката која започнала кога таа имала 3 години. Тамара открива дека никогаш не би можела да ја напушти македонската музичка сцена, но дека гледа предизвик во настапите во странство и изработката на хаус албум. За тоа како уметничкото семејство влијаело на нејзината кариера, за подготовките и импресиите од својот голем солистички концерт добивме одговор во интервјуто со неаBETTY: Твојата музичка кариера започна многу рано, иако си многу млада долги години си дел од музичката сцена. Колку тоа што потекнуваш од музичко семејство беше клучно музиката да биде твоја професија?
Најверојатно било клучно, моите родители се такви кога сакаме нешто не ни го ускратуваат, и да сум сакала да работам нешто друго немале да ми забранат, нè оставале сами да ги одбираме целите во животот и сами да се бориме за завршување на истите.
Јас природно и нормално е да занимавам со музика, бидејќи кај нас дома секогаш беше распеано и буквално секоја втора вечер ни доаѓаше полиција на врата затоа што не пријавуваа соседите поради гласна музика. Нонстоп ни доаѓаа луѓе, се свиреше, се пееше, убави времиња беа тоа, јас ги паметам, некако по природен тек дојде до тоа и Тијана и јас да се занимаваме со музика.
Тијана во еден момент сакаше да го остави факулетот во втора година и да се префрли на глума. Тогаш татко ми покажа заби затоа што ќе беше многу без врска да го оставеше факулетот на пола, тогаш единствено се вмеша и не дозволи. Таа му е благодарна цел живот за тоа.
Јас отсекогаш сум ја сакала музиката, од три години почнав да пеам по хорови, да растам со театарските претстави на мајка ми, да одам кај татко ми на работа. Мене буквално театарот, факултетот и средното музичко ми беа втора дома од мојата трета до мојата 24-та година. Музиката е мој живот и јас ќе се занимавам со неа додека сум жива, сум благодарна на господ што ми даде глас, многу сум среќна поради тоа.
BETTY: Кога беше оној момент кога сфати дека сакаш твојот живот да биде музиката?
Многу природно, јас на мои 6 години имав прв настап на „Макфест“, ги прескокнав оние детски фестивали, веднаш се префрлив на фестивал за возрасни, со Маријана и Росана. Тој момент кога излегов на сцената почувствував дека таму е моето место, немав никаква трема, неверојатно за дете од 6 години. Доживеав неверојатна енергија и сега се ежам. Го паметам тоа чувство, колку мене ми беше убаво на тој настап. Јас се сеќавам како уживав и покрај тоа што се пееше на плејбек јас пеев цело време, не знаејќи дека е плејбек, како да сум за тоа направена и донесена на овој свет.
BETTY: Твојата појава на сцената е секогаш проследена со експлозивна енергија која ја плени публиката, во што се крие твојата инспирација?
Пред некој ден ме сретна една пријателка, присуствувала на мој настап во скопски клуб, вели – се гледа како ти е тебе, убаво, и се гледа како ти си правиш задоволство на сцената, тоа е тој момент, кој јас го имам во себе. Моментот кога ќе излезам на сцена без разлика на која сцена, јас и дома правам сцени (се смее), тој е тој момент кој ме прави среќна, јас ги гледам и лицата на публиката, ја чувствувам енергијата на тие што ме слушаат, колку им е убаво. Не можам да ти опишам колку сум среќна, јас сум најсреќна, еве сега, на пример, сум бремена и јас сè уште имам закажано свирки, не можам без тоа да живеам. Не знам кога ќе се породам што ќе се случува. Не може секој да го почувствува тоа и многу сум благодарна на господ што ми даде таква професија и ми даде работа која навистина ја сакам.
BETTY: Таа енергија беше повеќе од забележлива на твојот последен предновогодишен солистички концерт кој се реализираше на крајот на 2015. Колку време се подготвуваше за тоа што можевме да го видиме на сцената и кои се твоите импресии?
Јас за тој концерт се подготвував 15 години, кога ќе се вратам назад во годините сфаќам колку искуство имам и дека не е ништо едноставно. Што се однесува до енергијата до секој детаљ, јас сакам сè да ми е потаман и тие работи кои сум си ги задала мора да бидат совршено завршени, бидејќи нема да бидам задоволна, а тоа се гледа. Ќе се види по мене дека не сум задоволна и автоматски тоа публиката го чувствува, јас верувам дека публиката сè чувствува. Знаете кога ти си искрен со публиката таа го чувствува тоа, кога глумиш пак ќе го почувствува тоа и не е тоа – тоа. Навистина треба големо искуство, треба многу енергија и многу работа. Јас сум многу благодарна на мојата продукција. Се подготвувавме буквално од крајот на летото до ноември, ние константно работевме. Се подготовувавме сценографски, костимографски, правевме проби со бендот. Следеше и пронаоѓањето на спонзори без кои не можеше да се случи концертот, бидејќи беше многу скап. Доста финансии беа потребни за тоа да биде како што треба. Импресиите ми се како една етапа во животот да е завршена, како триумфален крај на една етапа која ми е прва во животот, јас планирам нешто многу поголемо. Бременоста ме остави да направам одишка. Мене овој период пред и после концертот ми е еден од најубавите во животот. Сфатив колку сум направила и тоа ме прави пресреќна.
BETTY: Позната си и по оригинални видеозаписи за своите песни, дали на некој од нив си била и ти автор?
Овој последниот „Баш на тебе“ беше делумно моја идеја, кога ја слушнав песната го визуелизирав спотот во глава. Тука ми помогна Горан Костадинов, мојот режисер со кој работам на последните спотови, доста креативен дечко, се надополнивме со идеите. Презадоволна сум од нашата соработка.
BETTY: Што е за тебе најголем предизвик на музички план?
Јас многу сакам да сонувам, велат ако сонуваш може да ти се исполнат соништата, јас сум од тие кои многу сонуваат дури и премногу, влегувам во филм. Чувствувам дека многу можам да постигнам во животот, што се однесува на мојата професија и би сакала да пробам надвор од границите со друг вид на музика. Сакам многу да пејам хаус музика, еден период настапував само со диџеи. Тоа беше новина која ја измислив со Зоки Бејби, мојот другар диџеј, да интерпетирам странски хитови на хаус ленти. Таа музика многу ја сакав, ми се врежа во срцето и многу би сакала еден таков хаус албум, имам доста идеи, ќе видиме. Македонската сцена не би ја напуштила никогаш, тука ми е најубаво, но да успееш надвор е тешко, но е и голем предизвик.
BETTY: Колку твојата професија бара од тебе да бидеш во добра физичка форма?
Бара, јас периодично функционирам со физичката активност и со јадењето, некогаш сум многу мрзелива, сакам само да лежам и да јадам. Обично тогаш се дебелеам, кога ќе се видам во огледало, почнувам турбо со вежбање и здрава храна и така. Периодично горе-долу цело време. Сега додека сум бремена одев во теретана вежбав и мислам дека поради тоа ја одржувам линијата. Одам на пилатес за трудници за кој велат дека помага за полесно породување.
BETTY: Колку си љубител на храната и дали повеќе уживаш да готвиш или да јадеш?
Јас знам да кажам дека во минатиот живот сум била некоја Сицилијанка затоа што многу сакам италијанска храна и сум таков темперамент. Сакам многу да експериментирам со паста, омилено јадење на маж ми кое редовно го правам е паста со песто, талијатели со песто и ги подготвувам со моцарела и многу се добри. Би ги одвоила италијанските специјалитети како моја пасија.
Се хранам и по ресторани, сакам и да шетам по ресторани, имам некои места кои редовно ги посетувам. Да не ја заборавам кујната на мајка ми која е незаменлива, војводински специјалитети кои никој не ги знае. Еден ден сум кај мајка ми на ручек, еден ден со маж ми сум на ручек, па одам кај татко ми на ручек. Тој и неговата жена ми прават тавче-гравче, сарми, традиционални јадења.
BETTY: На што работиш во моментов? Што може да очекуваме во блиска иднина од Тамара?
Во моментов работам на уредување на бебешката соба на мојот нов дом, купивме стан со маж ми. Со тоа сум преокупирана, размислувам само на Лана која требаше да биде Хана, така реши маж ми. Тој одбра Лана, бидејќи Хана го потсетувала на Хана Монтана и не сакал, планирам да се посветам на Лана и да бидам фина и совесна мајка, едно добри 4, 5 месеци. Кога ќе заврши летото, во септември, октомври да се фатам со работа, бидејќи јас ако не работам не можам да функционирам.
BETTY: Која би била твојата порака за читателите на нашиот магазин?
Живејте го вашиот сон.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/04/App_MK_cover_apr_2016.jpg" image_size="full"]